Македонска поезија: „Елегија“ од Ацо Караманов!

Денес на блогот читаме македонски стихови, а изборот падна на „Елегија“ од Ацо Караманов!

Елегија – Ацо Караманов

О, денес нема ни радост ни мир
за сите оние папсани од трудот.
Каде се, о каде, надежите на животот?
– Татковино ти си во пеколот на студот.

Но твојот пламнат камен бунтува и пее.
Зборовите треперат како вулкан.
Но, кој ги разурнува градовите наши,
– ветер силен, бура страшна или ураган.

Не нè чувај дома, мајко, глас еден нè вика
и ќе тргнеме сите на повик тој.
Можеби нема да нè видиш веќе, но ќе тргнеме ние
за оваа грутка во тешкиот бој.

Не тагувај. О, не! Јас знам дека си храбра,
во тебе струи крв јуначка, силна.
А тоа се звуците на новата песна.
На новиот живот, верувај ни, милна!

 Esteban Trivelli on Unsplash

Leave a comment