Итан Хок за креативноста и уметноста и за нивната неопходност за човештвото…

Итан Хок е многу познат американски актер, кој можеби најмногу го знаете по филмот „Пред изгрејсонцето“, но и многу други филмови. Тој со децении снима филмови и неговата професија бара многу креативност. Има едно видео што пред неколку години беше поставено на TED платформата, видео на кое често се навраќам и кое секогаш ме мотивира кога не се чувствувам мотивирано, но причината заради која решив да го објавам на блогот е што во ова видео, тој зборува за тоа зошто креативноста и уметноста се толку важни и неопходни за нас како луѓе и мислам дека има прекрасни поенти. Во продолжение прочитајте го преводот на македонски јазик, а најдолу погледнете го видеото.

Се надевав дека денес ќе зборувам малку за креативноста. Знаете, многу луѓе навистина се борат со тоа да си дадат дозвола да бидат креативни. И тоа е сосема разбирливо. Мислам, сите ние малку се сомневаме во сопствениот талент. И се сеќавам на една приказна на која наидов во моите рани 20-ти години, која многу ми значеше.

Навистина бев заинтересиран за Ален Гинсберг, и ја читав неговата поезија, a тој во тоа време даваше многу интервјуа. Еден период, Вилијам Ф. Бакли беше водител на една телевизиска емисија наречена „Firing Line“, а Гинсберг се појави таму и пееше песна за Кришна додека свиреше на хармоникa. И тој потоа се врати во Њујорк кај сите негови пријатели од интелектуалните кругови, и сите му рекоа: „Зарем не знаеш дека сите мислат дека си идиот, а целата земја те исмејува? И тој рече: „Тоа е мојата работа. Јас сум поет и ќе изигравам будала. Повеќето луѓе мораат да работат по цел ден, и тие се враќаат дома и се караат со своите сопружници и јадат, а потоа го вклучуваат телевизорот, и некој се обидува да им продаде нешто, а јас го превртив сето тоа, се појавив на телевизија и пеев за Кришна, а сега тие седат во кревет и си велат: „Кој е овој глупав поет? И тие не можат да заспијат.“ И тоа е неговата работа како поет.

И така, тоа го сметам за многу ослободувачко, бидејќи мислам дека повеќето од нас навистина сакаат да му понудат на светот нешто квалитетно, нешто што светот ќе смета дека е добро или важно. И тоа е навистина непријателот, бидејќи не зависи од нас дали тоа што го правиме е добро, и ако историјата нè научила нешто, тоа е дека светот е крајно несигурен критичар, нели?

Затоа, мора да се запрашате: Дали мислите дека е човечката креативност е важна? Па, хм… Повеќето луѓе не трошат многу време размислувајќи за поезијата. Имаат живот за живеење и не се баш толку загрижени за песните на Ален Гинсберг или чии и да било песни, сè додека татко им не почине, или сè додека не отидат на погреб, изгубат дете, некој им го скрши срцето, или не ги сакаат повеќе, и наеднаш, очајни сте да направите смисла од овој живот и си велите: „Дали некој претходно се чувствувал толку лошо? Како излегле од овој облак?“

Или обратно – се случува нешто одлично. Сретнувате некого и вашето срце експлодира. Толку многу ги сакате, не можете ни да гледате јасно. Знаете, ви се врти во главата. „Дали некој се чувствувал вака порано? Што се случува со мене?“ И тоа е моментот кога сфаќаме дека уметноста не е луксуз, таа е всушност наша храна. Таа е наша потреба.

Океј. Па, што е тоа? Човечката креативност е природата што се манифестира во нас. На пример, гледаме во поларната светлина. Еднаш кога го снимав филмот наречен „Бела ограда“ и снимавме на Алјаска, навечер излегувавме надвор, а небото изгледаше како да тоне во бранови од виолетова, розова и бела боја, и тоа е најубавото нешто што некогаш сум го видел. Навистина изгледаше како небото да си игра. Прекрасно. Одите во Големиот Кањон на зајдисонце. Убаво е. Знаеме дека е убаво. Но, да се заљубиш? Личноста што ја сакате е прилично убава. Имам четири деца. Да ги гледам како играат? Гледајќи ги како се преправаат дека се пеперутка или трчаат низ куќата и прават што било, тоа е толку убаво.

И верувам дека сме тука на оваа ѕвезда во вселената за да се обидеме да си помогнеме еден на друг, нели? И прво треба да преживееме, а потоа да напредуваме. А за да напредуваме и да се изразуваме, еве во што е штосот: треба да се спознаеме себеси. Што сакате? И ако се приближите до она што го сакате, тогаш вашето вистинско јас ви се открива и дополнително се проширува.

За мене беше навистина лесно. Учествував во мојата прва професионална претстава. Имав 12 години. Бев во претставата наречена „Света Јоан“ од Џорџ Бернард Шо во театарот Мекартер и — бум! — Се заљубив! Мојот свет штотуку се прошири. И таа професија, а сега имам скоро 50 години, таа професија никогаш не престана да ми возвраќа, и ми возвраќа сè повеќе, најчесто и прилично чудно, преку ликовите што ги играв.

Играв полицајци, глумев криминалци, глумев свештеници, глумев грешници, а магијата на ова низ текот на животот, преку 30 години правејќи го ова, е тоа што почнав да сфаќам дека со моите искуства, Јас, човекот Итан, не сум ни приближно единствен како што мислев. Имам многу заедничко со сите овие луѓе. И така тие имаат нешто заедничко со мене. Почнувате да гледате колку сите сме поврзани.

Мојата прабаба, Дела Хол Вокер Грин, додека лежеше на смртната постела во болницата, напиша една своја мала биографија која беше долга само околу 36 страници, и потроши околу пет страници за еден период од животот кога правеше костими за претстава. Нејзиниот прв сопруг доби, само еден параграф. Потоа таа попатно го спомна и производството на памук, со кое се занимавала 50 години. А сепак напиша пет страници за правењето на овие костими. Mајка ми ми даде еден од нејзините кројки што таа ги направила и човек може да го почувствува тоа. Таа нашла начин да се изрази, и тоа има моќ што е реална.

Се сеќавам кога мојот брат и јас отидовме да го гледаме „Топ Ган“, која и да беше годината кога излезе. И се сеќавам дека излеговме од трговскиот центар, беше ужасно жешко, само го погледнав и двајцата почувствувавме како тој филм да беше повик од Бога. Но сосема поинаку беше кај двајцата. Јас, на пример, сакав да бидам актер. Бев во фазонот дека морам да направам нешто што ги прави луѓето да чувствуваат. Јас само сакам да бидам дел од сето тоа. Од друга страна, тој сакаше да оди во војска. И ние порано правевме многу работи: глумевме дека сме ФБИ, си игравме војници и витези, знаеш, и јас на пример сакав да позирам со мојот меч, а тој правеше самострел со кој можеше да стрела во дрво. Така тој се приклучи на војската. Тој неодамна се пензионираше како полковник во Зелените беретки. Тој е повеќеодликуван борбен ветеран од Авганистан и Ирак. Сега предава во камп за едрење за деца на загинати војници. Тој го посвети својот живот на својата страст. Неговата креативност беше лидерството, водењето на другите, неговата храброст, да им помага на другите. Тоа беше нешто што тој сметаше дека е повикан да го направи, и тоа нешто му возврати.

Знаеме дека времето во нашиот живот е толку кратко и како го поминуваме? Дали го трошиме правејќи го она што ни е важно? Повеќето од нас – не. Мислам, тешко е. Привлечноста на навиката е толку голема, а она што ги прави децата толку прекрасно креативни, е тоа што немаат никакви навики и не им е грижа дали се добри или не. Тие не градат замок од песок мислејќи: „Мислам дека ќе бидам навистина добар градител на песочни замоци“. Тие едноставно нурнуваат во кој било проект што ќе им го поставите – танцување, сликање, правење нешто: секоја можност што ја имаат, тие се обидуваат да ја искористат за да ви ја предочат својата индивидуалност. Тоа е толку убаво.

Тоа е нешто што ме загрижува понекогаш кога зборуваме за креативноста, бидејќи може да ни донесе чувство дека тоа е едноставно нешто убаво, или ни носи топлина или е нешто пријатно. Но, не е така. Креативноста е од витално значење. Тоа е начинот преку кој се лекуваме. Пеејќи ја нашата песна, раскажувајќи ја нашата приказна, се покануваме меѓусебно да си кажеме: „Еј, слушни ме, и јас ќе те послушам“, и започнуваме дијалог. И кога ќе го направиме тоа, се случува исцелувањето, и ние излегуваме од нашите ќошиња и почнуваме да бидеме сведоци на заедничката хуманост. Почнуваме да го прифаќаме тоа. И кога го правиме тоа, се случуваат навистина добри работи.

Значи, ако сакате да ѝ помогнете на вашата заедница, ако сакате да му помогнете на вашето семејство, ако сакате да им помогнете на вашите пријатели, треба да се изразите. А за да се изразиш, треба да се знаеш себеси. Тоа е всушност супер лесно. Треба само да ја следите вашата љубов. Нема патека. Нема пат сè додека не го изодиш, и треба да бидеш подготвен да бидеш будалест. Затоа, не ја читајте книгата што треба да ја прочитате, прочитајте ја книгата што сакате да ја прочитате. Не ја слушајте музиката што порано ви се допаѓала. Одвојте малку време за да слушате нова музика. Одвојте малку време да разговарате со некој со кој вообичаено не разговарате. Гарантирам дека ако го направите тоа, ќе се чувствувате будалесто. Тоа е поентата. Бидете будалести.

Подолу погледнете го видеото:

Leave a comment