Доколку сте во потрага по нови и интересни изданија, денес на блогот ѕирнете и погледнете едно од новите изданија што неодамна се објавија кај нас. Неодамна во рамки на издавачката куќа „АРТКОНЕКТ“ се објави романот „Сиви пчели“ на Андреј Курков. Андреј Курков (1961) е еден од најзначајните и најпреведуваните современи украински писатели. Неговите книги се преведени на повеќе од 30 јазици.
„Сиви пчели“ е воен роман во кој војната има периферна улога, а централно место зазема приказната за обичниот човек кој се осмелува да отпатува во непознатиот свет со своите пчели и да се соочи со непредвидливи тешкотии. Ова патување е еден вид современа одисеја на главниот лик низ земјата исполнета со многу противречности и страдања.

„Мудроста на природата – тоа беше она што го восхитуваше Сергеич. Секаде каде што можеше да ја види и да ја разбере мудроста на природата, тој ги споредуваше нејзините манифестации со човечкиот живот.“
Напишан со филмска динамичност, со живи дијалози и исполнет со необични ликови, романот на Курков ни нуди прекрасно напишана приказна за љубовта и грижата на еден човек за природата, за желбата луѓето да бидат подобри едни со други, за моќта на искреноста и чесноста дури и во услови на војна и раздор.
„Изутрината, кога ги отвори очите, веќе не се сомневаше дека се нашол во рајот – во некоја бајка, во која природата не само што му служи на човекот, туку и го послужува, каде што сонцето чека човекот да ги заврши своите дневни активности и дури потоа заоѓа. Каде што воздухот ѕвони со невидливо ѕвонче. Каде што може да се биде независен и невидлив, каде што секое живо суштество, па дури и дрвјата и лозјата, има свој глас.’
„Сиви пчели“ е еден од најпознатите романи на Курков. Францускиот превод на овој роман ја доби наградата Prix Médicis étranger, а англискиот превод ја доби Gregg Barrios Book in Translation Prize.
Оваа книга е објавена во рамки на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа „Артконект“ го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Милена Николовска.
