Прекрасни мисли од „Пустина“ на Ѓорѓи Абаџиев!

Пустина“ од Ѓорѓи Абаџиев е еден од вистинските македонски класици и богатство во македонската книжевност. Ова е роман што го прочитав кон крајот на средното училиште и уште тогаш бев маѓепсана од прекрасната проза и интензивноста на романот и некако тоа ми остави длабок печат во помладите години. Месецов одлучив да ја препрочитам по речиси две децении и можам да кажам дека се чувствував како вчера да сум ја прочитала, а не пред толку многу години. Тоа само покажува за каква силна и моќна книга се работи, која со сигурност ќе остане врежана во умот на оној што ја чита.

„Пустина“ е роман од 1961 година, кој е извонреден на неколку нивоа, од историска перспектива, ни ја прикажува и македонската приказна и приказната на Гемиџиите, преку ликовите на Глигор и Арсо, а другата перспектива е психолошката, особено преку ликот на Арсо, неговите размислувања, ретроспективата и неговото враќање во минатото, но и неговата психолошка состојба додека е во затворот. Се работи за краток, но фантастичен роман и дефинитивно ви препорачувам да го прочитате. Со оглед на тоа дека сè уште размислував за некои од главните поенти и мисли од романот, решив да издвојам неколку мисли што многу ми оставија впечаток, па можеби и вас ќе ве инспирираат повторно да го прочитате овој роман.

„Човечкото е во гордоста, во духот што не се покорува.“

„Убиваш, а зошто го правиш тоа? Мразиш, а не знаеш кого и зошто мразиш. Не умееш да направиш нешто, а го уриваш она што другите го создале.“

„Колку прекрасни се овие луѓе од книгите! Ја бараат и ја наоѓаат смислата на своето постоење.“

„Невидливи се нишките што ги сродуваат луѓето со слични судбини.“

„Потоа иде победа и спокој ќе се всели во замореното тело. И среќа. Токму тоа. И во неа е смислата и оправданоста на сите стравови, сомневања, страдања. Среќа и крај во тишината на скротената совест.“

„Во мене е цела Сахара, да ми го донесат морето ќе го излокам.“

„Овде иднината е само бавно умирање.“

„Често ние се заплеткуваме во некоја зла иронија и секогаш се покажуваме во своите желби такви какви што не сме.“

„Слободен си ти само во себеси, во својата самост. Ти можеше да му се опреш на овој самозадоволеник! Замолкнете со вашите спасоносни будалаштини! Вие го барате спасот за човекот во мудроста на оној што го уништува токму човекот!“

„Во тебе има сјај што никој не е способен да го затемни.“

„Секогаш сум среќен кога ја избегнувам смртта. Тогаш сум горд дека сè уште дишам, дека сè уште сум жив.“

„Зар не може да се направи истиот свет каков што е во книгите што ги чита? И луѓето би можеле да бидат не вакви какви што се.“

„И како умно и убаво зборуваат таму во книгите. Сè е таму наредено така што во душата ти станува светло, мирно и чисто.“

„Во оваа загадена јама луѓето ја наоѓаа нишката што ги поврзуваше.“

„Меѓу минатото и сегашноста се урнати мостовите.“

*мислите се преземени од Абаџиев, Ѓорѓи. Пустина. Скопје: Арс Ламина, 2021

Leave a comment