Книга на пролетта: „Бесови“ од Фјодор Достоевски!

Како што тоа веќе стана традиција, дојде време на блогот да ја објавам мојата лична „Книга на пролетта“, односно книгата која ми ја одбележа оваа пролет и која сè уште не можам да ја извадам од ум. Се работи за романот „Бесови“ на Фјодор Достоевски, кој долго време ми беше на листа за читање, но никако не можев да најдам примерок и конечно пред некој месец ми падна во рака. Ова не е првпат Достоевски да се најде на моите листи, имено, минатата година, „Записи од подземјето“ беше мојата „Книга на зимата“. Па оттаму, во продолжение ќе се обидам дадам кус осврт, причини зошто треба да се прочита овој роман и некои од мислите што ми оставија особен впечаток.

За што се работи во книгата?

Романот се одвива во едно мало место, каде моралниот нихилизам и различните сплетки носат хаос и целосна декаденција, додека круг на револуционери предводени од Петар Верховенски имаат план да направат преврат на власта. Петар Верховенски е отуѓениот син на Степан Трофимович, интелектуалец, кој е близок со Варвара Ставрогина која е позната и моќна во околијата. Нејзиниот син, Николај Ставрогин, е вистинска мистерија за сите жители на малиот град, дури и за неговата мајка. За него се шират многу злокобни гласини, но тука е Петар Верховенски, неговиот пријател кој всушност го смета и за „лицето“ на револуцијата. Верховенски го гледаме како полека, но сигурно ја ткае и плете својата мрежа околу сите околу него.

Зошто треба да ја прочитате книгата?

Според мене, ова е дефинитивно најмрачното и можеби и најтешко дело на Фјодор Достоевски. Ми требаше долго време да го прочитам и откако го завршив, ми требаше одреден период за делото да ми легне и убаво да го „сварам“, па затоа и почекав малку со освртот. Иако додека читате можеби на моменти ќе ви дојде многу интензивно, сепак романот е толку вешто исткаен и напишан, што откако ќе го завршите сите парчиња ќе си дојдат на свое место. Има делови што можеби и ќе ве шокираат и ужаснат, но тоа го прави влијанието на овој роман уште поголемо.

Ова е со сигурност и најполитичкото дело на Достоевски што на неверојатно прецизен начин ја доловува поделбата во руското општество, особено во тие времиња, и растот на либералното т.е левичарско крило што се поставува наспроти традиционалното, односно поконзервативното. Зад хаотичните настани, тешките ликови и интензивниот развој на настаните, тој дава неверојатно добра анализа и слика на турбулентните настани во Русија, но и на еден начин, гледано од денешна перспетива, може да се аргументира и дека на многу начини ја предвидел иднината на руското општество, вклучително и превртатот и создавањето на СССР.

Но, Достоевски не би бил Достоевски, доколку не предизвика и поттикне многу морални дискусии, размисли за улогата на религијата во општеството, лицемерието и непостојаноста на човечкиот карактер, поставувањето на драматични ситуации што ќе ве примораат да размислувате и да нурнете подлабоко во анализирање на состојбите во светот, а доказ за неговата безвременост е што секогаш има нишка која провејува во сите негови дела, вклучувајќи го и ова, која служи и како огледало преку може можеме да ѕирнеме и да го анализираме и денешниот свет и денешните состојби. Што е променето? Што не е? Како човештвото се преобликува и што носат со себе промените и конфликтите помеѓу старите и новите идеи?

Ова дело бара навистина многу фокус и понекогаш правев паузи од читањата за да можам убаво да размислам за некои од дијалозите, карактерите, па и сцените, но на крајот Достоевски и неговото дело ќе ве награди на најдобар можен начин. За мене „Браќа Карамазови“ е дефинитивно неговиот „магнум опус“, но „Бесови“ го прикажува во едно сосема ново светло како автор (за мене) и покажува една друга страна на неговата генијалност.

Извадоци и мисли што ми оставија особен впечаток

„О, пријатели мои, – ќе извикне понекогаш тој со инспирација, – вие не можете да замислите каков бол и гнев ве обзема кога големата идеја, што одамна и високо ја почитувате, ќе ја дофатат невешти луѓе и ќе ја извлечат на улица пред глупаците, какви што се и самите, и одеднаш ќе ја најдете на пазарот за старудии, извалкана наопаку наместена, без пропорции, без хармонија – како играчка кај неразумните деца – и не можете повеќе да ја познаете.“

„Тој беше едно од оние руски идеални суштества што некоја силна идеја одеднаш ќе ги стаписа и како истиот момент да ги притиснува, понекогаш засекогаш. Тие никогаш не се во состојба таа идеја да ја совладаат, да ја дотераат, туку веруваат во неа страсно и така потем целиот живот им преоѓа како во последно грчење под камен што ги пригмечил и дополу ги задушил.“

„Степан Трофимович умееше да ги допре најскриените жички, во најдлабоката длабина на душата од својот другар, и во него да го предизвика првото, уште нејасно чувство на онаа вечно света тага што кога некоја одбрана душа еднаш ќе ја сети и ќе ја запознае, никогаш подоцна нема да ја замени со евтино задоволство. (Има љубители кои многу повеќе ја сакаат таквата тага отколку најбесомненото задоволство, ако е тоа воопшто возможно.)“

„Во таа природа секако, имаше убави инстинкти, прекрасни настојувања и сосема вистински потфати; но сè во неа вечно како да бараше своја рамнотежа и не ја наоѓаше, сè беше во хаос, во вознемиреност, во непокојство. Можеби таа си поставуваше пред себе премногу строги барања, а никогаш не наоѓаше доволно сили тие барања да ги задоволи.“

– Вие, можеби, судите по себе? – реков.
– Никој не може поинаку да суди освен по себе – одговори тој и се зацрвени. Целата слобода ќе ја имаме тогаш кога ќе биде сеедно дали ќе се живее или не ќе се живее. Ете, во тоа е сè.

„Животот е болка, животот е страв и човекот е несреќен. Денеска е сè болка и страв. Денеска човекот го сака животот затоа што ја сака болката и стравот. И така е направено. Животот сега се покажува како болка и страв – во тоа е целата заблуда.“

„Кој ќе ги победи болката и стравот, тој ќе биде бог.“

„Ако сакаш целиот свет да го победиш, победи се себеси.“

„Изгледаше како да ја очекува пропаста на светот, и тоа не којзнае кога, според пророштвата кои и не мора да се остварат, туку во сосема точно одредено време, така како другиден претпладне, точно во 10 и 25 минути.“

„Тоа малечко зборче „зошто“ ја има исполнето целата вселена од првиот ден на постоењето на светот, госпоѓо, и целата природа секој момент му довикнува на својот создавач „зошто“? И, еве, веќе седум илјади години не добива одговор.“

„Ни малку не бев, го заборавил; но, како што изгледа, има такви физиономии, што, кога и да се појават, некако донесуваат со себе нешто ново, што не сте го забележале на нив, сеедно што дотогаш сте го виделе и стопати.“

„Најодзади, молам да се има на ум дека и овој денешен момент за неа навистина е еден од оние во кои, како на пепелиште, одеднаш се концентрира целата суштина на животот – сè што било и што е, и што, можеби ќе биде.“

„Ама, разбираш ли ти, му довикнувам јас, разбираш ли ти дека гилотината кај вас стои на прво место единствено поради тоа што е најлесно да се сечат глави, а најтешко да се има идеја!“

„Но, разбираш ли ти, му викнав, разбираш ли ти дека на човекот, освен среќата, исто така, сосема така и наполно толку неминовно му е потребна и несреќата!“

„…зашто, зарем може санките, кога ќе полетаат од врвот на ридот, да застанат среде ридот?“

„Андреј Антонович, како за свое зло, целиот живот се одликуваше со присутност на духот и никогаш на никого не викал, ниту со нозете не удирал од земјата; за таквите луѓе дотолку е поопасно ако еднаш се случи санките некако нагло да им се откачат од ридот.“

„Но таа глупа површност беше во тонот на големиот свет.“

„Во секое преодно време се јавува тој талог, луѓе не само без секаква цел, туку без секакво мисловно обележје; луѓе што со себе, и со својата сила, изразуваат само немир и трпение.“

„Зашто, патем речено, глупоста, како и најголемиот гениј, подеднакво се корисни во судбината на човештвото.“

„Дали знаете вие, дали знаете дека човештвото може да живее и без Англичаните, може и без Германија, особено може без Русите, и без науката може, без леб може, единствено, единствено без убавина не може, ни момент, зашто инаку се нема каде на овој свет!“

„Здодевно е да се живее по календар, Лизо.“

„За да се разделиме со светот и да станеме наполно слободни, треба да проштаваме, да проштаваме, да проштаваме.“

„Има моменти, ќе се соберат пет или шест заедно наеднаш, кога ќе се почувствува в миг присуството на вечна хармонија, тогаш целосно пронајдени. Тоа не е овоземско; не велам дека е и небеско, туку дека човекот во овоземска форма тоа не може да го поднесе.“

„Главен пат, тоа е нешто долго – долго, на кое не му се гледа крајот, токму како животот човеков, токму како сонот човечки.“

„Секој момент, секој миг од животот треба да биде за човека блаженство… мора, навистина, мора тоа да биде! Самиот човек тоа така треба да го направи, тоа е негова должност. Тоа за него е закон – скриен, непознат, но кој несомнено постои…“

„За човека е многу позначајно од личната среќа да знае во секој момент да верува дека сè и за секого има некаде една совршена и мирна среќа. Целиот човек, секогаш може да се прикрепи пред тоа нешто што е инаку бескрајно големо. Ако на луѓето им биде одземено чувството за бескрајната големина, тие нема да сакаат да живеат, ќе умрат во очај. Неизмерноста и крајноста исто така му се неопходни на човека, како и оваа мала планета на која живее…“

~ Мислите се преземени од Достоевски, Фјодор. Бесови. Скопје: Табернакул, 1993

Leave a comment