„М како море“ од Јоана Консехо – илустрирана книга за млади и возрасни!

Неодамна во рамки на издавачката куќа АРТКОНЕКТ се објави илустрираната книга за млади и возрасни „М како море“ од Јоана Консехо. „М како море“ е прекрасна приказна за главниот лик М. за кој откриваме многу малку, како на пример дека има сини очи и дека сака да биде како морето, дека понекогаш извикува гласно и ветрот ги разнесува неговите зборови, размислува многу и си поставува безброј прашања додека стои на брегот на морето: Има ли некој на брегот отспротива? Некој како мене? И како му е таму? Дали и тој го чека првиот снег? Дали и тој го става јазикот на металната решетка од оградата кога е заледена? Дали и него, понекогаш, го боли срцето? Има ли тој кутија со богатства? Дали му се допаѓа џемот од цреши?

Јоана Консехо е илустраторка од Полска, која живее во Франција. Работела керамика и инсталации, но откако нејзините илустрации биле одбрани за изложба на престижниот саем на книга во Болоња и добиле “AbraCalabria” награда во 2004, таа се има посветено на илустрирање книги.

Ако некогаш сликовниците беа наменети исклучиво за деца, во последните неколку години гледаме дека не мора тоа секогаш да е така. Како што наведуваат „Артконект“, „на авторката Јоана Консехо ѝ е добро позната уникатната моќ на комбинирање слики и текст и нејзините илустрации се движат слободно меѓу границите на имагинацијата на децата и таа на возрасните.“

Консехо за своите дела вели:

„Инспирацијата за мене не е нешто по што трагам, повеќе е состојба на достапност во животот, отвореност кон работите што ми се случуваат, средбите што ги имам, сликите, пејсажите, отвореност кон сè што можам да видам, слушнам, допрам… Често самата сум изненадена од тоа што можам да создадам. Најчесто процесот е доста потсвесен.“


Оваа книга е објавена во рамки на проектот „Соочување со неизвесноста: современа европска литература“ што издавачката куќа Артконект го реализира со поддршка на програмата „Креативна Европа“ на ЕУ. Преводот е на Анастасија Ѓурчинова.

Leave a comment