Што читаше Кафе и книги во мај?

Нов месец, нови предлози за книги! Наскоро ќе започнат и летните одмори, па доколку барате инспирација што да читате, можеби токму овие препораки ќе ве инспирираат!

Пустина“ – Ѓорѓи Абаџиев

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 5/5
Осврт
: Како што напишав пред некоја недела на блогот, минатиот месец решив да го препрочитам овој неверојатен македонски класик и да видам како ќе го доживеам овојпат. Едноставно уживав во целата нарација, ликовите, дијалозите. Се работи за книга што е мала по обем, но е интензивна,

Романот има две главни перспективи: историската перспектива што ја раскажува приказната на Гемиџиите, преку ликовите на Глигор и Арсо, а другата перспектива е психолошката, особено преку ликот на Арсо, неговите размислувања, ретроспективата и неговото враќање во минатото, но и неговата психолошка состојба додека е во затворот. Се работи за краток, но фантастичен роман и дефинитивно ви препорачувам да го прочитате. Ако ви е потребна дополнителна мотивација и поттик да ја прочитате, ѕирнете го и текстот: Прекрасни мисли од „Пустина“ на Ѓорѓи Абаџиев!

„Двобој“ – Антон Чехов

Издавачка куќа: МАКЕДОНСКА КНИГА и МИСЛА
Оцена: 5/5
Осврт
: Антон Чехов со право е еден од вистинските великани на светската книжевност. Неговите раскази и приказни и после толку време не губат од својата актуелност и сè уште се читаат и анализираат, а и се поставуваат на театарските сцени ширум светот. „Двобој“ е една кратка новела што со години ми беше на листа за читање, но не можев да ја најдам и случајно ја најдов на една распродажба во „Матица“. Се работи за едно одлично издание од 1988 година и буквално се чита на едно седнување.

Толку е интересна нарацијата, полна со интересни и чудни ликови, со интензивни, понекогаш и комични сцени, но сепак со неверојатно интересна филозофска перспектива и преку спротиставувањето на двата лика Лаевски и фон Корен, се спротиставуваат и две различни животни приказни и животни погледи. Двобојот е всушност само кулминацијата на тензијата што се гради, а во процесот Чехов совршено ги поставува ликовите и нивните доживувања и размислувања. Одлична книга!

Писарот Бартлби: приказна од Волстрит“ – Херман Мелвил

Издавачка куќа: ПНВ публикации
Оцена: 5/5
Осврт:
Херман Мелвил е дефинитивно најпознат по неговото дело „Моби Дик“, но јас некако досега не сум го читала многу, вклучително и неговиот познат класик, кој се надевам дека наскоро ќе го фатам во рака. Па затоа решив да ја земам оваа кратка приказна во рака, за да се запознаам со неговиот стил, а и она што ме заинтригира е што оваа приказна била многу лошо прифатена и од читателите и од критичарите во тоа време и Мелвил кусо потоа се повлекол сосема, незадоволен од коментарите.

Како што укажува и насловот на делото, дејството се врти околу необичниот писар Бартбли, кој еден ден сосема изненадно се појавува во канцеларијата на нараторот кој го вработува. Но, со секој нареден ден тој забележува многу чудни работи во однесувањето на Бартбли, однесување што неговиот работодавец почнува да го излудува. .Тој решава да го отпушти, но некако и тоа не му оди од рака. Многу интересна приказна, необична, со необичен почеток, и уште понеобичен крај, која можеби и отвора повеќе прашања отколку што одговара, но јас уживав во читањето!

Не напуштај ме“ – Шеви Стивенс

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Ова е одлична книга за сите љубители на драми и трилери, јас би ја сместила помеѓу двата жанра. Има елементи на трилер, но и на драма. Се чита малку побавно, бидејќи во центарот на приказната е сепак семејното насилство и како Линдзи успеала да го напушти насилниот сопруг и одново да застане на нозе. Самата тематика е малку помрачна и тешка, па затоа и побавно ми одеше читањето.

После многу години откако Линдзи ќе ја земе својата ќерка и ќе побегне од насилниот сопруг кој завршува во затвор, таа сè уште ги носи траумите, но сепак гради живот за себе и својата ќерка. Но, таа дознава дека тој е пуштен од затвор, а истовремено почнуваат да се случуваат чудни работи што ги враќаат сите нејзините стравови назад во живот. Книгата варира помеѓу сегашноста и минатото, но и помеѓу различните перспективи на Линдзи и нејзината ќерка. Доколку сакате драми и трилери, мислам дека ќе ви се допадне книгата. На моменти малку непотребно се развлекува според мене, но содржи мистериозни елементи што ќе ве тераат да читате до крај!

Магла и месечевина“ – Меша Селимовиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 3.5/5
Осврт:
Доколку сте љубител на Меша Селимовиќ и неговата проза, а веќе ги имате прочитано сите негови најпознати дела, ова е одлична книга која нема да ве разочара! Тука се познатите теми на потрага по смисла, меѓучовечки односи, вечната трка со животот, војната и сиот нејзин ужасен сјај – а секако, најважно од сè тука е неговата извонредна меланхолија по која е препознатлив.

Дејството се одвива во едно село и имото на еден пар кој згрижува ранет партизан за време на војната. Ова е нарацијата која ги движи сите односи меѓу ликовите, но најмногу се дознава по она што најмногу се премолчува, во тишината и погледите. Ми се допадна книгата и мислам дека треба да ја прочитате и вие, оцената е малку пониска поради тоа што ја споредував со другите дела на Меша кои ги обожавам и иако ми е за нијанса послаба од другите негови дела што ги имам прочитано, сепак ми даде една дополнителна слика за творештвото и уметноста на Меша, која како мозаик полека ја склопувам.


Leave a comment