Промоција на „Кој го уби Едгар Алан По“ од Владо Јаневски!

Неодамна, во издание на „Или-Или“, излезе романот „Кој го уби Едгар Алан По“ од Владо Јаневски. По тој повод, на 10 јуни (понеделник), со почеток од 20:00 часот, во кафе-книжарница „Буква“ ќе се одржи промоцијата на романот. Ова е одлична можност да чуете повеќе за книгата и за нејзината содржина. Промоторка на настанот ќе биде Анета Тасова, а извадоци од романот ќе чита Емилија Тодорова.

За што се работи во романот?

„Кој го уби Едгар Алан По“ е роман лавиринт во кој се испреплетени минатото и сегашноста во мистериозна атмосфера како излезена од досега необјавен ракопис на Кафка. Се работи за приказна во која главниот јунак, писателот Феликс Рејнолдс, додека е во потрага по својот изгубен брат, открива делови од неговиот трауматичен и необичен живот. На тој пат Феликс чувствува потреба да сподели дел од она што го измачува, наместо да продолжи да го закопува во себе, затоа бара помош од психијатарот Груми Блум, кај кого честопати навраќа и, легнат на неговиот кауч, низ бројни сесии се отвора себеси. Психијатарот работи во замок кој доминира над градот каде што живее Феликс и се чини дека со замокот и со нивната земја владеат мистериозни луѓе во црно, познати како кафкависти.

Судејќи по сижето, се работи за интересна приказна особено за оние што сакаат мистерии, но и читателите на Кафка!

За повеќе информации, следете го официјалниот настан на Фејсбук и Фејсбук страницата на Или-Или.

Leave a comment