Како едно убиство во хотел во Индија ја инспирирало Агата Кристи?

Агата Кристи е една од најпознатите писателки на сите времиња, чии дела и ден денес се читани насекаде на светот и се инспирација за нови приказни, филмови, итн. Секако, и по толку многу време, луѓето сè уште ги интересира за инспирацијата позади делата. На блогот веќе еднаш пишував за инспирацијата за едно од нејзините најпознати дела, „Убиство во Ориент Експрес“, а неодамна налетав на интересен текст на „Би-Би-Си“ за инспирацијата зад „Мистериозниот случај во Стајлс“ кој на македонски јазик можете да го прочитате подолу, а на крајот можете да пристапите и до оригиналниот текст на македонски јазик.

Малку работи се поинтригантни од семејна расправија – особено кога роднините не се ваши, а убиството е дел од заплетот. Агата Кристи, честопати нарекувана „кралица на крими-приказните“, го знаела ова подобро од повеќето луѓе и нејзиниот прв роман, „Мистериозниот случај во Стајлс“, им нуди на читателите интригантна приказна за убиство кое произлегува од семејни расправии.

Објавен во 1920 година, романот се фокусира на убиството на една богата жена, Емили Инглеторп, чиј втор сопруг – 20 години помлад од неа – не е баш најдобро прифатен од кланор Инглеторп, вклучително и од нејзината пријателка Евелин Хауард. Книгата нè запознава и со еден од најпознатите ликови на Кристи, ексцентричниот детектив Херкул Поаро, и како и нејзините последователни книги, има повеќе осомничени, шокантни пресврти, индиции кои ни се кријат пред очи и „големото откривање“ на крајот, каде што сторителот е откриен.

Но, романот е исто така уникатен и по тоа што во повеќето книжевни кругови се верува дека е инспириран од едно убиство во реалниот живот што се случило пред повеќе од еден век во Мусури, популарно место за одмор во северна Индија. Во септември 1911 година, Френсис Гарнет Орме (49 години) била пронајдена мртва во нејзината соба во „Савој“, луксузен хотел изграден од ирски адвокат. Постсмртниот извештај покажал дека Орме била отруена со прусинска киселина – отров на база на цијанид. Нејзината пријателка Ева Маунт Стивенс (36) била обвинета за нејзиното убиство. Случајот осамнал на светските насловни страници поради „посебноста на околностите што го опкружуваат“, како што забележал еден австралиски весник во 1912 година. Британските весници објавиле извештаи за судењето со наслови како „Судењето за убиството на Мусури“, „Мистеријата во хотелот“ и „Судење со гледање во кристална топка“.

Индискиот автор Раскин Бонд, кој живее во Мусури и има напишано опширно за спокојниот и зелен ридски град, во еден од своите есеи ја истакнал врската помеѓу ова познато убиство и првата книга на Кристи. Тој вели дека Кристи „ги искористила околностите на злосторството“ во нејзината книга бидејќи случајот бил „голема сензација“ во своето време.

Според извештаите, Орме живеела во Индија повеќе од една деценија и се запознала и се спријателила со Стивенс, спиритуалистка која потекнувала од градот Лакнау. Орме, која наводно била „осамена жена“, според гласините, научила да гледа во кристална топка, но научила и други окултни практики од Стивенс. Двете некое време биле заедно во Савој, а Стивенс тврдела дека се грижела за Орме бидејќи таа била во лоша здравствена состојба. Но, обвинителството ја обвинило Стивенс дека ѝ дала отров на Орме за да има корист од нејзиниот тестамент, бидејќи таа на својата пријателка ѝ оставила голема сума пари, три ѓердани и друг накит. Одбраната, од друга страна, тврдела дека Орме се самоубила поради „непрестајната тага“ што ја доживеала откако починал човекот со кој дошла во Индија да се омажи, како и поради сопственото лошо здравје.

Поради пресвртите, случајот бил збунувачки за многумина, вклучително и полицијата. Прво, истрагата открила дека Стивенс заминала за Лакнау пред да умре Орме. Второ, просторијата во која било пронајдено телото на Орме била заклучена одвнатре. Полицијата, исто така, не нашла лекови во собите на Орме, освен шише апчиња за спиење и две етикети – арсен и прусинска киселина. Во раните 1900-ти, купувачите морале да се потпишат за лековите што ги купувале од аптекарите, но обвинителството истакнало дека потписот за прусинската киселина не се совпаѓал со потписот на писмата на Орме.

Обвинителството истакнало и дека Стивенс, во разговор со пријателка, ја предвидела смртта на Орме шест месеци однапред и исто така изразила стравување дека Орме се омажила за лекар со кој била свршена и дека целото свое богатство му го оставила нему. Но, одбраната инсистирала на тоа дека Стивенс ѝ била „најпосветена придружничка“ на Орме и дека не постоел доказ дека таа купила или ѝ дала отров на нејзината пријателка. Стивенс на крајот била ослободена, а судијата забележал дека „вистинските околности за смртта на г-ѓа Орме веројатно никогаш нема да бидат познати“.

Кои се сличностите на овој случај со романот „Мистериозниот случај во Стајлс“?

*Внимавајте, доколку ја немате прочитано книгата, подолу има „спојлери“, односно информации кои оддаваат работи за приказната, како и нејзиниот крај*

Книгата на Кристи отсликува многу од овие случувања. Од труење умира и Емили, а исто како и Орме, нејзиното тело е пронајдено во соба заклучена одвнатре. На крајот открива дека токму нејзината придружничка Евелин ја труе, излегува дека таа маскирана го купила отровот, користејќи фалсификуван потпис, но и дека имала финансиски мотив да ја убие својата пријателка. Таа, исто така, ја напушта резиденцијата Инглеторп многу пред смртта на Емили. Па, како точно го направила тоа? Само Поаро може да одговори на тоа!

Децении подоцна, сличностите меѓу случаите продолжуваат да ги интригираат обожавателите – индискиот писател на крими-приказни Манџири Прабху зборувал за „интересната врска“ помеѓу првиот роман на Кристи и убиството во Мусури на Меѓународниот фестивал „Агата Кристи“ во 2022 година.

Кристи не била единствената авторка која била инспирирана од смртните случаи предизвикани од труење во Индија. Сесил Волш го опишал злосторството од страст што се случило во Агра, тогашна територија во обединетите провинции Агра и Оуд во Индија под британско владеење, убиство што тогаш го шокирало светот. Во книгата „Двојно убиство во Агра: Злосторство на страста од Раџ“, тој пишува за тоа како Аугуста Фулам, Англичанка која живела во градот Мерут и д-р Кларк, Англо-индиец, заговарале да ги отрујат своите сопружници за да можат да бидат заедно.

Слично како и во САД и Европа, случаите на труење биле вообичаени во Индија во 19 век. Продажбата на токсични материи, особено арсен, била нерегулирана. Во својата книга, „Отровни истории: отровите и загадувањето во модерна Индија“, Дејвид Арнолд пишува за тоа како труењата со арсен го дале „примарниот поттик“ за формирање на Законот за индиски отрови во 1904 година за регулирање на продажбата и употребата на отрови.

Во книгата тој вели: „Кога 10 години подоцна, во 1914 година, дојде на дневен ред да се разгледа работата на Законот за отрови, владата на ОП (Обединетите провинции) се осврна на два озлогласени случаи на труење во покраината во последните години – едниот бил убиство во Орме, а другиот бил случај Фулам – Кларк“.

Крими-приказните засновани на вистински приказни остануваат фасцинантен жанр и продолжуваат да ја пленат публиката преку филмови, подкасти и веб емисии. Но, за обожавателите на Кристи, „Мистериозниот случај во Стајлс“ секогаш ќе зазема посебно место во овој ужасен универзум.

Извор.

Leave a comment