Салман Ружди е еден од најпознатите современи писатели, можеби најпознат по неговото дело „Сатански стихови“ за кое тој од 1989 година живее под постојани закани по неговиот живот, заради изречената фатва поради неговиот роман. Тој минатата година дури и беше нападнат и едвај остана жив, а годинава излезе и мемоарот во кој тој ги опишува и анализира тие настани.
Досега на блогот неколку пати имало препораки за неговите дела, имено: Кои романи на Салман Ружди треба да ги прочитате, а беше објавено и едно интересно интервју со него.

По ужасниот напад по кој едвај остана жив, а на сметка на тоа го изгуби едното око, тој го издаде неговиот роман „Градот на победата“, кој во 2023 година беше издаден и кај нас, во издание на АРТКОНЕКТ. Годинава на Саемот на книга успеав да си набавам примерок и сега дојде на ред да ја прочитам. Книгата ми беше многу интересна, па решив да напишам и засебна препорака за неа. Во продолжение прочитајте ги моите впечатоци.
За што се работи во книгата?
Книгата е историски роман, кој всушност е инспириран и делумно граден како еп за создавањето на градот Биснага (Градот на победата). Епот и историјата за градот е напишана од раката на Пампа Кампана, која всушност и го создава градот, а нараторот ни го пренесува она што е запишано откако историските записи се пронајдени по многу векови. Пампа Кампана како девојче се соочува со неверојатна трагедија по која таа доаѓа во допир со божицата која ѝ кажува дека ќе живее 250 години. Во овој период, всушност ја гледаме личната судбина на Пампа Кампана, но и судбината на еден цел град и регион.
Зошто треба да ја прочитате?
Најпрво, прозата е одлична. Ружди има толку специфичен и убав стил на пишување, со неверојатни, но концизни описи, што прават веднаш да создадете слика на светот што тој го создава. Покрај тоа, иако се работи за фикција, сепак голем дел од настаните што се случуваат во Биснага и целиот регион, се метафора за работите што се случувале насекаде низ светот. Од преврати до војни, во тиранија и автократски владеење, сплетки и закани, убиства, борба за слобода и еднаквост. Сето тоа се случува во Биснага, а Пампа Кампана се обидува да пркоси на сите норми и злодела и да создаде град во кој поезијата, убавината и слободата ќе бидат најголем императив. Но, ја гледаме Пампа и како жена, со свои борби, проблеми, доблести и мани, победи и порази.
Доколку сакате митологија, фикција, епови, верувам дека навистина ќе ви се допадне оваа книга. Доколку веќе сте ги читале делата на Ружди, верувам дека прозата и начинот на пишување ќе ве вратат во познатите светови што тој ги создава. Имајќи предвид што му се случи и како оваа книга е враќање на голема врата, сметам дека е книга која дефинитивно заслужува да биде прочитана!
Неколку мисли што ми оставија впечаток
„На тој начин таа успеваше да ја прифаќа својата судбина молчешкум; но некаква лута сила почна да расте во неа, сила од која ќе се роди иднината. Со време. Сè во свое време.“
„Можеби тоа е човечката историја: куси илузии на среќни победи сместени во континуум од горчливи, разочарувачки порази.“
„Но вистината за тие таканаречени златни времиња е дека никогаш не траат долго. Можеби неколку години. Секогаш уследуваат неволји.“
„Знаеш што велат за поетите. Тие тагуваат од денот кога се родени и сите умираат од тага, зашто никој никогаш не може да ги сака доволно за да ги задоволи.“
„Ако не го познаваш срцето, не можеш да го разбереш телото.“
„Ако човек сака да каже значајна лага“, рече таа, „најдобро е да ја скрие меѓу мноштво непобитни вистини.“
„…човековата интелигенција и човековата глупост, како и човековата природа во целина, најдоброто и најлошото од неа, се големите константи во светот што се менува.“
„Но војниците на ѕидините исто така загубија храброст и побегнаа, а луѓето сфатија за првпат дека никаков ѕид не може да ги заштити ако на него нема луѓе; дека на крајот спасот на човечките суштества доаѓа од други човечки суштества; не од предмети, без разлика колку големи и импозантни – па дури и магични – може да се тие предмети.“
„Ништо не е трајно, но исто така ништо не е безначајно. Ние се креваме, ние паѓаме, се креваме повторно и повторно паѓаме. Ние продолжуваме. Јас исто така успевав, но исто така и губев. Смртта сега е близу. Во смртта триумфот и поразот понизно се среќаваат. Ние учиме многу помалку од победата отколку од поразот.“
„Зборовите се единствените победници.“
* мислите се преземени од Ружди, Салман. Градот на победата. Скопје: Артконект, 2023
