Еве, дојде и крајот на јуни и веќе влегуваме во јули и длабоко навлегуваме во летото. Стандардно, како и секој месец, во продолжение можете да прочитате препораки за читање составени од книгите што најмногу ми оставија впечаток во јуни.
„Деца на злото“ – Миодраг Мајиќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт: „Деца на злото“ стана навистина популарен бестселер низ регионот, па и кај нас и откако излезе серијата на ХБО (Макс), решив да ја прочитам пред да ја гледам серијата. Се работи за многу интересен трилер, кој на виделина изнесува многу темни и мрачни болки, но и генерациски трауми.
По убиството на еден познат српски политичар, токму пред изборите, целото општество е шокирано и згрозено. Наводно е фатен убиецот, а познатиот белградски адвокат Никола Бобиќ добива понуда да го брани. Тој најпрво одбива бидејќи не сака политички случаи, но на крај се согласува да го брани обвинетиот. На тој начин тој несакајќи влетува во една мрежа на корупција, тајни, во еден свет во кој тешко е човек да остане со здрава свест. Од полицијата, до судството и политичарите, Бобиќ сфаќа дека нешто многу почудно и помрачно се случува под површината. На крајот, книгата ги заокружува сите настани и навлегува во едни мрачни години и покажува како генерациската траума уништува животи и многу откако некои настани ќе се случат.
„Господарот на мувите“ – Вилијам Голдинг

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: Ова е еден вистински класик што долго ми беше на листа на книги што сакам да ги прочитам и конечно дојде на ред. Се работи за група ученици што остануваат сами на еден пуст остров и кои мораат да научат како да се снајдат за да преживеат. Најпрво работите се одвиваат добро, избираат лидер, се договараат, си играат и мислат дека се е добро.
Но, по некое време, работите почнуваат да стануваат помрачни, да се случуваат чудни работи, сплетки, преврати, итн. На одреден начин самата книга има за цел да ја истражи мрачната човекова природа, особено кога човек е исправен пред предизвикот да преживее. Изборот на тоа во случајов да се деца е да покаже колку лесно човек може да ја изгуби својата невиност и да западне во мрежа на суровост и сплетки.
„Тарас Буљба“ – Николај Гогољ
Издавачка куќа: МИСЛА и МАКЕДОНСКА КНИГА
Оцена: 4/5
Осврт: Николај Гогољ е еден од легендарните автори чии дела и ден денес се читаат. Откако ја прочитав „Мртви души“ одлучив да најдам повеќе негови дела што не ги знам и да ги прочитам. Една од нив е делото „Тарас Буљба“. Ова е приказна што всушност ги следи козаците во Украина и нивните походи, низ сето тоа во фокусот е Тарас Буљба, козак, кој е посветен и приврзан на сите начела на козаците, но е полн и со гнев.
На почетокот од книгата се запознаваме со него и неговите два сина, кој по нивното образование тој решава да ги воведе во светот на козаците и да ги однесе во борба. Потоа гледаме борби, предавства, омраза што се артикулира на борбените полиња… Книгата е мрачна и тешка, но е одлична временска капсула што ги доловува околностите во тие региони, заедно со постоечките стереотипи и омраза што постоела меѓу различни народи. Дефинитивно вреди да се прочита!
„Посета на бандата“ – Џенифер Иган

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Овој роман ја доби Пулицеровата награда за белетристика во 2011 година и дефинитивно вреди да се прочита. Се работи за многу интересна, но и необично раскажана приказна која ни дава увид и нè потсеќа на тоа како времето си поминува и не штеди никого.
Книгата претежно го следи животот на Бени, музички продуцент кој во младоста бил и во бенд, а од друга страна е Саша, неговата асистентка. Ние ги гледаме нивните животи, но пред сè доловени преку нивното минато и во процесот запознаваме еден куп различни ликови и различни животни ситуации и гледаме како луѓето можат да си влијаат меѓусебно дури и ако не се сосема поврзани со силни врски.
Иако понекогаш нарацијата е необична и човек се губи во лавиринтот на настани и години, па дури и ликови, сепак е многу интересна и направи и јас да размислувам за текот на времето и годините.
„Како да го запреш времето“ – Мет Хејг

Издавачка куќа: Матица
Оцена: 3.5/5
Осврт: Првпат дознав за Мет Хејг кога ја прочитав неговата книга „Полноќна библиотека“ – книгата која навистина многу ми се допадна. „Како да го запреш времето“ е интересна книга со интересен концепт за главниот лик што многу бавно старее, што значи дека е жив со векови. Тој не е вампир, туку само има состојба што значи дека старее многу побавно од останатите луѓе. Па така, тој видел сè во животот и бил присутен на поголем дел од важните историски настани.
Но, тој лично има доживеано многу лични трагедии со кои не може да се помири. Во меѓувреме влегува во едно тајно друштво, „Албатрос“, во кое членуваат сите што ја имаат истата состојба како него. Во моментот кога го запознаваме, тој бара да биде учител по историја во училиште во Лондон, што враќа многу од неговите сеќавања. Книгата има многу интересен концепт, иако мислам дека малку премногу се развлекува на моменти и како да не е целосно оформена, односно на моменти истите сцени се повторуваат (главоболките) и некако не е целосно уверлива, но сметам дека е добра книга особено за на плажа или ако барате нешто да ве опушти.
