Многуте животи и лица на Фернандо Песоа…

Фернандо Песоа е еден од најпознатите португалски писатели, кој кај нас е најпознат по своето дело „Книга на немирот“. Тој бил многу интересен и необичен писател, а платформата TED-Ed има направено одлично анимирано видео за неговите псевдоними и филозофијата на неговото творештво. Во продолжение прочитајте го текстот на македонски јазик, а најдолу можете да го погледнете видеото.

(Извор на сликата: Portugal Travel Guide)

На 30 ноември 1935 година, починале десетици писатели. Сите тие имале различно потекло, имале различни уверувања и имале различни стилови на пишување. Сепак, сето нивно творештво било сокриено во едно багажник во стан во Лисабон, Португалија. Па оттаму се поставило прашањето, која е таа мистериозна нишка која ги поврзува сите овие писатели? Па, багажникот му припаѓал на еден енигматичен автор, Фернандо Песоа, кој всушност бил сите нив.

Некои автори користат псевдоними и различни презимиња за да го заштитат својот идентитет или да ги зајакнат своите уметнички личности. Но, Песоа ги користел оние што ги нарекол „хетероними“ за да пишува не како себеси, туку како други луѓе што ги измислил, отстапувајќи место на генеративното, уметничко експериментирање. Тој ги оформил нивните замислени животи, ги смислил нивните различни карактеристики и ги негувал нивните уникатни книжевни гласови. Понекогаш хетеронимите на Песоа комуницирале едни со други, дури и меѓусебно си го критикувале творештвото. Песоа се опишал себеси како „номадски скитник низ [својата] свест“, „еден вид медиум“, „поделен“ меѓу неговите хетероними. „Но“, напишал тој, „јас сум помалку реален од другите, помалку суштински, помалку личен и лесно под влијание на сите нив“.

Роден во Лисабон во 1888 година, Песоа почнал да пишува како различни луѓе кога имал околу шест години, пишувајќи писма како имагинарен Французин, Шевалие де Па. Кога очувот на Песоа го преселил нивното семејство во Јужна Африка, Песоа научил нови јазици. Тој усвоил неколку хетероними на англиски јазик во средно училиште и објавил брошури со песни објавени од британскиот печат.

Во 1905 година, Песоа засекогаш се вратил во Лисабон. Тој се здобил со репутација поради неговата формална облека, афинитет кон окултизмот и поради тоа што иако бил срдечен и шармантен секогаш ги држел луѓето на растојание. Песоа основал уметнички и литературни списанија, како и издавачка куќа. Но, овие потфати не биле баш успешни и Песоа натрупувал долгови и често се селел, а неговите најголеми експерименти се одвивале приватно, далеку од очите на јавноста. Цртал и пишувал на различни јазици на поштенски пликови, обвивки за книги и хартии, и Песоа создал романтично љубовно писмо упатено до Марија Хозе, тинејџерка со пореметување на ‘рбетниот столб, која била заљубена во работник кој работел со метали; Песоа исто така чкртал детективски приказни како Хорас Џејмс Фабер; и ги анализирал астролошките карти како Рафаел Балдаја.

Најчесто користел три хетероними. Алберто Каиро бил овчар-поет кој користел едноставна рекција за да го опише светот како што го гледал. Рикардо Реис, лекар, го фаворизирал епскиот стил на класичните поети. А Алваро де Кампос, бисексуален поморски инженер и номад, пишувал поезија во која ги возвишува чудата и тешкотиите на секојдневниот живот. Користејќи го Де Кампос, Песоа рекол дека може да ги канализира сите емоции што самиот ги негирал. И во еден момент, Де Кампос тврдел дека Песоа навистина не постоел.

За време на неговиот живот, Песоа објавувал песни, писма, есеи и книжевна критика – некои како хетероними, други под свое име. Тој, исто така, објавил неколку книги, а само една била на португалски јазик – збирка поезија за митската историја на Португалија наречена „Порака“. Тој се здобил со локално признание, но целосниот опсег на неговите креативни потфати бил откриен кога Песоа починал една година по објавувањето на книгата.

Од речиси 30.000 необјавни страници сокриени во неговиот багажник, критичарите на крајот ја составиле „Книгата на немирот“, која била издадена во 1982 година, книга која Песоа ја развивал две децении. Книгата себеси се опишува, на типично криптичен начин, како „автобиографија на некој што никогаш не постоел“. Песоа ја напишал книгатата во вид на измислен дневник на неговиот таканаречен полухетероним, Бернардо Соарес, чија личност ја опишал како „обично осакатување“ на своето постоење. Често фрустриран од животните барања, нараторот на книгата истражува како навлегувањето навнатре низ литературата му помага да избега од границите на реалноста. Тој постојано ги оспорува сфаќањата за себе како единствена, сигурна единица – наместо да се бори со идентитетот како неопределено нешто, а секој човек е променлив збир од сите своите делови. „Мојата душа е скриен оркестар“, се вели во првиот запис. „Не знам какви инструменти, какви виолини и харфи, тапани и тамбури звучат и се судираат во мене. Се познавам себеси само како симфонија“.

Во продолжение погледнето го и видеото:

Leave a comment