Познат како „Бардот на демократијата“, поетот и новинар Волт Витман, (роден на 31 мај 1819 година – починал на 26 март 1892) користел неконвенционални стихови и искрени говори за сексуалноста и политиката и на тој начин станал еден од најпознатите писатели на 19 век. Можеби е најпознат по збирката „Лисја од трева“, но творештвото и ликот на Витман е многу повеќе од тоа. Ѕирнете неколку факти за неговиот живот, неговата љубов кон голотијата и како успеал да напише одлични критики за сопственото творештво, кои беа пренесени на информативната страница „Ментал флос“.

(извор: Poetry Foundation)
Волт Витман почнал да работи на 11 години
Формалното образование на Витман не траело многу долго. Живеејќи во Њујорк со своите родители и со татко му кој се мачел да врзе крај со крај, Витман го напуштил училиштето на 11-годишна возраст за да помогне во домаќинството. Тој се вработил помагајќи во адвокатска канцеларија во градот пред да се сврти кон печатарскиот бизнис, развивајќи вештини кои подоцна ќе ја обликуваат неговата работа во самоиздаваштвото. Тој продолжил да се школува, а на крајот станал учител на 17-годишна возраст.
Витман постојано се навраќал на „Лисја на тревата“
По неговата работа во просветата и новинарството, Витман собрал 12 од неговите песни за „Лисја на тревата“, самообјавена книга од 1855 година, која потоа станала негово најпознато дело. Но, додека повеќето автори оставаат завршени наслови, Витман сметал дека неговата збирка е променлива и недовршена. Постојано се навраќал на неа, менувајќи го редоследот на песните, додавајќи нови, пренасловувајќи ги старите и одел до таму што го менувал и формата на печатените букви. До моментот на неговата смрт во 1892 година, објавени биле девет верзии на збирката, а последната имала околу 400 песни (вклучувајќи два анекси).
Витман анонимно објавувал осврти и пофалби за „Лисја од трева“
За да го поттикне интересот за збирката, Витман презел смел чекор и анонимно пишувал осврти својата книга за весниците во Њујорк. Тој во освртите пишувал работи како: „Конечно се појави американскиот бард!“ и „Трансцендентно“. Но овие пофалби очигледно не помогнале многу за зголемување на продажбата, бидејќи првото издание на книгата било продадено само во неколку примероци.
Една верзија на „Лисја од трева“ била забранета во Бостон.
Збирката „Лисја од трева“ ги одразуваше неговите еволуирачки ставови во однос на човечката сексуалност, вклучувајќи го и тогаш непопуларното верување дека хомосексуалноста е природна. Во 1882 година, окружниот обвинител во Бостон, Оливер Стивенс, забранил верзија на книгата што Витман намерно ја испечатил за да личи на Библија. Стивенс верувал дека содржината на книгата ги прекршувала правилата за „непристојна литература“.
:max_bytes(150000):strip_icc()/Walt-Whitman-1863-3000-3x2gty-59df7833519de20011c36d93.jpg)
Витман бил мисионер за време на Граѓанската војна во САД
Кога започнала Граѓанската војна во САД, Витман имал речиси 42 години и бил одличен кандидат за војник, но неговиот брат Џорџ бил тој што се пријавил во армијата. Кога Витман го видел името на неговиот брат како еден од ранетите во 1862 година, тој отпатувал во Вашингтон, а потоа во Вирџинија за да го посети. Џорџ бил добро и закрепнувал, но Витман бил погоден и трогнат од физичките повреди на другите војници. Тој останал во Вашингтон и почнал да прави постојана ротација на болниците во областа, носејќи им храна и книги на ранетите. Стоката била платена од донации од пријатели, како и од платата на Витман што ја заработувал додека работел за Армијата.
Витман бил гуру за здравје и фитнес
Витман не се покажал како човек од акција, но сепак бил многу заинтересиран за физичката подготвеност. Тој напишал серија написи за „Њујоршкиот атлас“ во 1850-тите под името „Мозе Велзор“ во кои детално бил опишан неговиот пристап кон исхраната и благосостојбата. Витман се залагал за „машки тренинзи“ како брзо одење, танцување и често капење за да се излечат болестите и да се одбегне депресијата. Тој, исто така, сметал дека брадите се ефективни бариери против бактериите.
Витман сакал да се шета гол околу своите пријатели
Истражувањата на Витман за природата се прошириле и на неговиот кавалерски став за тоа дека облеката ограничува. Во 70-тите и 80-тите години на 19 век, Витман бил познат по тоа што ги посетувал пријателите целосно гол. Витман напишал дека голотијата ослободува: „Природата беше гола, а и јас исто така“. Истражувачите на делото на Витман продолжуваат да дебатираат дали серијата фотографии направени од фотографот Томас Икинс во средината на 80-тите години на 19 век се од Витман на постари години како позира гол.
Брам Стокер бил голем обожавател на Витман
Идниот автор на „Дракула“ бил толку воодушевен од творештвото на Витман што тој и неговите пријатели се нарекувале себеси „Волт Витманци“. Сепак, Стокер не се сметал себеси за еднаков на него: тој најпрво му напишал писмо на Витман во 1872 година, а потоа го чувал во фиока четири години пред да собере храброст да го испрати. „Не знам дали е невообичаено за вас да добивате писма од сосема непознати луѓе кои не можат ни да се повикаат на некакво литературно братство за да ви напишат писмо“, напишал Стокер. „Ако е така, сигурно сте страшно измачувани со писма и жал ми е што го напишав ова. Меѓутоа, сакам да кажам дека ми се допаѓате – зашто вашите зборови се вашата душа, па дури и ако не го прочитате моето писмо, не ми е помалку задоволство да го напишам“. Витман сепак му напишал љубезно писмо во кое му се заблагодарил за убавите зборови.
Витман напишал роман кој бил изгубен повеќе од 165 години
Во 1852 година, Витман напишал краток роман од жанрот мистерија од 36.000 зборови со наслов „Животот и авантурите на Џек Енгл“ што излегувал како серијал во еден њујоршки весник. Малкумина читатели му обрнале внимание, а уште помалку имале причина да се обидат да го вратат од која било архива, бидејќи Витман го објавил анонимно. Романот бил повторно откриен во 2017 година од истражувачот на творештвото на Витман, Зак Турпин, кој пронашол некои познати фрази за време на пребарувањето на дигиталната верзија на весникот додека барал материјали за Витман. Книгата беше повторно издадена таа година. Откритието ги израдува ентузијастите на Витман, но веројатно не би му се допаднало на самиот Витман, кој се заканил дека ќе го „застрела“ секој оној што ќе ги „ископа“ неговите претходни „груби“ дела со цел одново да ги објави.
Витман го дизајнирал сопствен гроб
Како последен креативен импулс, Витман избрал да дизајнира свој гранитен мавзолеј во Kамден, на гробиштата Харли во Њу Џерси. Во облик на куќа, споменикот бил платен за користење парични подароци дадени од обожавателите. Посетителите понекогаш оставаат писма или парички на железната порта пред гробот – а паричките ги оставаат затоа што монетата го носи ликот на Абрахам Линколн, за кого Витман напишал добро позната елегија по неговата смрт во 1865 година.
