За книжевниот снобизам: Читајте што сакате и каде сакате!

Многу често гледаме дискусии за тоа што е вистинско читање и вистински читатели, иако најголемата работа што нè поврзува како читатели и читателки е љубовта кон пишаниот збор. Па оттаму, мислејќи на оваа тема, налетав на интересен текст на Кристи Ескју за порталот „Bookstr” во кој таа ги дава своите мислења за различните типови книги, но и различните жанрови. Прочитајте го во продолжение.

Photo by Thought Catalog on Unsplash

Ние сакаме сè што е поврзано со книги и сакаме да видиме хармонична заедница на читатели. Но, прво, книжевниот снобизам треба да исчезне, и еве зошто. Мноштвото опции достапни за денешните читатели се неверојатни и постојано растат. Колку медиумот е поинклузивен, толку поинклузивна треба да биде читателската заедница. Книжниот снобизам е елитизам и нема место за него во заедницата на книги. Барем јас мислам дека така треба да биде, а еве зошто треба и вие да се приклучите на мојот став.

Читајте што сакате – има толку многу жанрови

Идејата дека некој треба да ги чита и цени класиците за да биде „начитан“. Читајте класици или современи книги, или ако сте како мене, еклектичен микс од сè. Сретнав многу „начитани“ читатели што мислеа дека чудовиштето е негативецот во „Франкенштајн“ на Шели. Ако сè уште не сте го прочитале или сте ги гледале само ужасните екранизации, насловот ви кажува кој е вистинското зло. Без разлика дали претпочитате романса наместо книжевна фантастика или фантазија пред нефикција, вашиот избор на материјал за читање не го намалува вашиот книжевен кредибилитет. Жанровите постојат затоа што има луѓе кои сакаат да ги читаат. Форсирањето на еден пред друг беше причина за измислување на терминот „виновно задоволство“ и ги принудува луѓето да се чувствуваат како да треба да го кријат својот избор за читање. На книгите кои денес ги сметаме за класици не секогаш се гледало со почит како денес, а книгите на кои некои гледаат со презир од современата ера еден ден може да бидат класици на иднината.

За сите мои колеги од студиите по англиски јазик и книжевност кои чувствуваат дека нивните дипломи им даваат предност пред остатокот од читателската заедница: Ве молам да запомните дека поголемиот дел од литературата која се сместува во антологиите и наставата во училница е од луѓе кои намерно ги игнорираат ремек-делата од жени и писатели со поинаква боја на кожата. Количината на литература изгубена во историјата затоа што некој привилегиран човек во мрачна и темна библиотека одлучил дека делата на одредени писатели не вредат поради нивниот пол или „раса“ е потресно. Човек може да ги сака класиците без да турка агенда што ги угнетува другите.

Читање си е читање. Точка.

Аргументот дека слушањето аудиокнига не е исто што и читањето на книгата е точно само во одреден поглед и само понекогаш. Вистина е дека очите физички не читаат поединечни зборови на страница или екран. Барем ако не ја следат заедно со е-книгата или физичкиот примерок во исто време. Слушањето на книгата му дава на читателот исто толку уживање како што ви е вам самото физичко читање. Творештвото на авторот или авторката не е ставено на пониско ниво поради тоа читателите го слушаат делото. Па зошто да ја натерате таа личност да се чувствува како нејзиниот избран медиум да е помал од вашиот?

Книгите со Брајово писмо, за оние кои се слепи или со ограничен вид, заземаат многу простор и се екстремно скапи, а да не зборуваме дека не се широко достапни. Дислексијата и визуелните моторни дефицити се само две попречености со кои некои читатели се борат. Аудио-книгите го прават читањето подостапно за овие луѓе. Нема потреба да ги омаловажувате само затоа што сте биле во можност да го направите она што тие не можеле.

Физички книги наспроти дигитални книги – Не постои натпревар

Јас навистина сакам стара добра тешка книга во моите раце, ако за ништо друго за мирисот и носталгијата. Сепак, јас сум страсна читателка и на е-книги. Мојата библиотека на „Киндл“ е шест пати поголема од мојата лична библиотека во печатена форма. По собирањето книги во период од речиси 25 години, јас сум на половина пат до поседување „официјална“ библиотека. Никогаш не го напуштам мојот дом без книга во чантата или торбата за пелени на моето дете. Сигурно ќе има одредено време додека сум излезена, кога ќе можам да ја извадам книгата што моментално ја читам и да нурнам во страниците. Со пристигнувањето на е-книгата како формат, го ослободив просторот и грбот од тешкиот товар да носам една, ако не и две книги.

Ненаситноста со која купувам и собирам книги е лудост. Но, просторот е ограничен, затоа купувам или позајмувам е-книги. Ги купувам само печатените книги што апсолутно ги сакам (барем така му велам на мојот сопруг) за да ги додадам на мојата полица со трофеи. И ако ми се допадне доволно, купувам и аудио верзија. Е-книгите се исто така поевтини, што ги прави подостапни за оние кои имаат низок приход или кои се вешти за штедење. Во просек, можете да купите 3-5 е-книги за цената на една печатена книга. Уште една одлична предност е што кога ќе завршам книга, можам веднаш да преземам друга и да продолжам по моите среќни библиофилски патишта.

Во читателската заедница нема место за снобизам. Да гледате на некого со презир само поради што чита или како ги чита книгите кажува повеќе за вас отколку за нив. Читателската заедница е заедница на солидарност и инклузивност. Во ред е да имате вашите преференци, но не правете некој да се чувствува лошо за своите.

Извор.

Leave a comment