Германското влијание врз творештвото на Фјодор Достоевски…

Фјодор Достоевски е еден од најлегендарните писатели во историјата на книжевноста. Кога станува збор за него, нема многу потреба од описи и најави. Но, дали сте знаеле за германското влијание врз неговото творештво? Денес на блогот прочитајте еден интересен текст на Светлана Путинцева за порталот „Culture Trip” во кој накусо опишува за некои од германските влијанија и искуства на Достоевски.

Познатиот руски писател Фјодор Достоевски е познат по неговите романи „Идиот“ и „Злосторство и казна“. Неговите приказни се познати по психолошки и теолошки поттекст. Романсиерот е популарен во светот и особено сакан во германската култура.

Малкумина знаат дека Достоевски поминал многу време живеејќи во Германија. Живеел во Дрезден и поминал неколку години на престој во места како Баден-Баден, Визбаден, Хамбург, Бад Емс кога одел на бањи. Првото поглавје од „Злосторство и казна“ е напишано во Германија, додека пејзажите на Германија го инспирирале и за романите „Коцкар“ и „Бесови“.

Достоевски има големо влијание врз писателите и уметниците кои твореле на германски јазик, вклучувајќи ги Фридрих Ниче, Франц Кафка и Херман Хесе. Интересно е тоа што сепак, самиот автор бил многу скептичен во однос на европската култура. Тој ја гледал Европа како меркантилна, ситна и себична. Најчесто тоа било поврзано со неговото лично искуство. Овој период од неговиот живот бил многу тежок: го мачеле банкротот на неговото списание, големите долгови, опсесијата со коцкање и здравствените проблеми. Секогаш во своите писма се жалел на својата осаменост. Достоевски не комуницирал премногу со Германците додека живеел во Германија. Тој не знаел да зборува германски јазик и немал пријатели во земјата. Покрај тоа, тој бил познат коцкар и често ги губел парите во казина. Тој дури на Тургенев му испраќал писма со барање да му позајми пари, а тоа бил човек што тој го сметал за непријател. Тоа му станало еден вид понижување.

Ова непријатно искуство се одразило и на ликовите на неговите романи. Од една страна „Злосторство и казна“, „Коцкар“, „Бесови“ и Понижени и навредени“ ги претставуваат Германците како неуки, површни и алчни луѓе. Од друга страна, „Идиот“, „Браќа Карамазови“ и „Дневникот на еден писател“ на читателите им ги прикажуваат германските лекари како многу внимателни, квалификувани и подготвени да помогнат. Овој факт се поврзува и со реалниот живот на романсиерот. Неговиот матичен лекар во Русија кој се грижел за неговото здравје по потекло бил Германец. Тој станал негов прототип за романите што ги пишувал.

Достоевски првпат отпатувал во Германија во 1862 година на 41-годишна возраст, веднаш по неговото ослободување од затворот во Сибир. Своите впечатоци за европската култура ги запишал во „Зимски белешки за летните впечатоци“, во кои ги критикувал капитализмот, материјализмот и католицизмот. Во 1865 година отишол во туристичкиот град Визбаден во Германија на две години за да го подобри своето здравје. Визбаден, Бад Хамбург и Баден-Баден станале прототип за Рулетенбург во романот „Коцкар“. Таму, во 1866 година, започнал да работи на еден од неговите најпознати романи, „Злосторство и казна“.

Тој продолжил да работи на него во Русија и пробал нов пристап на работа, вработувајќи ја стенографката Ана Сниткина, со која се оженил во 1867 година. Двојката повторно дошла во Германија и останала до 1871 година. Неговата сопруга се присетува на нивниот живот во својот дневник. Таа напишала дека писателот ја обожавал уметничката галерија во Дрезден и дека можел да остане со часови пред „Систина Мадона“ од Рафаел. Таа ја зборувала и за неговата љубов кон свежиот воздух и зеленилото на градот.

Тој не можел ниту да замисли дека за 150 години народот ќе постави споменик во чест на Достоевски во Дрезден. Сепак, во 2006 година, германско-рускиот институт понуди иницијатива за поставување споменик на писателот, кој сега се наоѓа на брегот на Елба, помеѓу Сојузниот парламент и Конгресната сала. Уште еден споменик се наоѓа во Баден-Баден, непосредно пред казиното каде изгубил многу пари, но нашол инспирација да пишува романи. Можете да најдете споменик и во Визбаден. Покрај тоа, многу градови имаат улици именувани по Достоевски, што ги покажува неговите врски со земјата.

Извор.

Leave a comment