Библиотеките се стожери на знаењето и образовнието и историски се значајни бидејќи низ текот на историјата во нив се чувале некои од најзначајните томови, замиси и размислувања на некои од најбрилијантните умови на сите времиња. Денес е навистина лесно човек да се зачлени во библиотека за достапна цена и на дланка да има илјадници книги. Но, дали сте знаеле дека модерната библиотека, односно концептот за изнајмување и позајмување книги, е идеја на Бенџамин Френклин, еден од најпознатите американски државници? Прочитајте го овој интересен текст на Елизабет Вебстер за „Смитсонијан магазин“.
(Читалната на „Библиотечната компанија“ во Филаделфија, околу 1935 година
Извор: Library Company/Smithsonian)
Американскиот државник Бенџамин Френклин подобро од повеќето ги знаел придобивките од самообразованието. Во 1727 година, тој основал група за дискусија со седиште во Филаделфија, позната како „Хунто“, чија цел била „заемно подобрување“ преку интелектуален дијалог. Сепак, додека Френклин уживал во жестоките и тајни дебати за морални и научни прашања, тој се убедил дека на групата ѝ е потребна авторитетна библиотека за да проверка и повикување на основните факти. Книгите биле ретки и скапи во колонијална Америка, но Френклин добил идеја и направил план.
Тој во 1731 година основал библиотека што работела на принцип на претплата, и ја именувал „Библиотечната компанија“ чие седиште било во Филаделфија. „Библиотечната компанија“ им дозволувала на членовите, кои на почетокот биле главно машки занаетчии со скромни средства, да купуваат акции во библиотеката по ниска цена. Членовите изградиле и еден вид интелектуално богатство со своите акции, бидејќи акциите можеле да се пренесуваат од генерација на генерација. Бидејќи Френклин сакал да обезбеди пристап до корисни книги, тој ги претпочитал томовите на англиски јазик што би можеле да бидат разбрани и читани од што е можно повеќе луѓе.
Каталогот на „Библиотечната компанија“ одговорил на жестоките интереси на читателите, а тие читатели постојано се множеле: По првичните успеси, библиотеката наскоро почнала да им дозволува и на оние кои не се акционери да позајмуваат книги, барајќи само мал надомест како колатерал. Оваа иновативна структура брзо ги инспирирала имитаторите и до 1800 година веќе постоеле повеќе од 40 позајмувачки библиотеки низ САД. За време на истата ера во Велика Британија, филантропите донирале книги на библиотеките за духовно и интелектуално збогатување на заедниците, но тие останувале меѓу купиштата; во овие библиотеки генерално не циркулирале книги, односно книгите не биле достапни за изнајмување и позајмување. Во некои случаи, книгите биле врзувани со синџири на полиците за да се спречат кражби.
До 1771 година и приближувањето на Револуцијата, Френклин во својата автобиографија размислувал за клучната улога на позајмувачката библиотека во поттикнувањето на демократијата: „Овие библиотеки го подобрија општиот разговор на Американците“ и „ги направија обичните трговци и земјоделци интелигентни како повеќето господа од другите земји“. Од Револуционерната војна до 1800 година, „Библиотечната компанија“ служела како прва де факто библиотека на Конгресот на САД, барем во периодот додека федералната влада била во Филаделфија.
„Библиотечната компанија“ и денес постои како независна истражувачка библиотека, бесплатна и отворена за јавноста и сè уште е поддржувана од акционерите. Некои од нејзините најстари изданија, како што е оригиналниот примерок на Френклин на „Логика или уметноста на размислувањето“ од Антоан Арно и Пјер Никол, се зачувани во нејзината огромна колекција што не е достапна за издавање. Иако „Библиотечната компанија“ моментално е специјализирана за американската историја пред 1900 година, нејзината мисија останува иста. „[Основачите] знаеја дека демократиите се инхерентно кревки и дека единствениот начин на кој можеш да ја одржиш демократијата е да имаш образовано население“, изјавил Мајкл Џеј Барсанти, кој беше директор на „Библиотечната компанија“ до февруари 2024 година. „Тоа е една од нашите први, најважни улоги како институција, а и денес ја имаме таа улога… Се обидуваме да ги потсетиме луѓето, користејќи ја групата „Хунто“ како наша инспирација, дека најдобро учиме кога учиме заедно“.

