Олдос Хаксли е еден од најзначајните британски писатели на 20 век. Неговиот роман „Храбриот нов свет“ е една од најпознатите дистописки книги, која и по толку време од издавањето, сè уште е релевантна. Хаскли е роден на 26 јули 1894 година и во чест на годишнината од неговото раѓање, денес на блогот прочитајте го интервјутото на Олдос Хаксли за Би-Би-Си во 1961 година во кое тој ги кажува своите ставови за технологијата и слободата. Водител на интервјуто е Џон Морган, а најдолу имате можност и да го погледнете видеото. Доколку ве интересира нешто повеќе за неговиот живот, можете и да го прочитате текстот „Интересни и малку познати факти за Олдос Хаксли!“

Џон Морган: Во новото издание на Вашиот роман „Храбриот нов свет: Одново истражен“, кој беше објавен пред околу две години, вие тврдите дека голем дел од она што го предвидувавте се оствари. Мислам, на пример, употребата на дроги и случаевите кога на луѓе им се насочуваат мислите додека спијат, преку музика што се пушта или пораки што се пуштаат низ нивните перници итн. Во кои општества мислите дека повеќето од она што го прогнозиравте најмногу се оствари? Дали е во Америка, Британија, Русија, Кина?
Одлос Хаксли: Мене ми се чини дека не се работи толку за некакви национални особености, па дури и целосно политички особености. Мислам дека кога одредени технолошки или применети научни средства се развиваат, едноставно има наклонетост кон тоа истите да се користат. Мислам дека можеме да кажеме дека целата неодамнешна историја, во однос на науката и технологијата, покажува дека кога ќе го засадите семето на применетата наука или технологијата, тоа продолжува да расте и расте според законите на своето битие. Но законите на неговото битие не се нужно исти со законите на нашите, човечки, битија, па оттука се јавува ова чувство што го имаат толку многу луѓе, и што мислам дека се гледа во толку многу општества, а тоа е дека човекот е подреден на сопствените пронајдоци, дека тој сега е жртва на сопствената технологија и жртва на сопствената применета наука, наместо да ја контролира.
Џон Морган: Како човек може да го контролира тоа?
Олдос Хаксли: Па, тука лежи проблемот. Мислам дека ова е можеби еден од главните проблеми на нашето време. Како да ја искористиме оваа работа? Мислам, на крајот на краиштата, технологијата е создадена за човекот, а не човекот за технологијата. Но, за жал, развојот на поновата општествена и научна историја создаде свет во кој се чини дека човекот е создаден за технологија, а не обратно. И ние мора да почнеме да размислуваме за овој проблем многу сериозно и да видиме како можеме повторно да воспоставиме контрола врз нашите сопствени пронајдоци.
Џон Морган: Но, дали тогаш би рекле дека Америка или Британија веројатно ќе страдаат од умешноста на масовно убедување или перење мозок, да речеме, како диктаторските општества?
Олдос Хаксли: Во моментов, за среќа, во двете земји имаме значителна уставна традиција која го контролира овој вид на активности. На пример, еден од најкомпетентните писатели за социолошки проблеми, барем според мене, е францускиот писател и професор Елул, кој смета дека разликата помеѓу руските тоталитарни општества и западните општества во суштина е разлика во подготвеноста да се користи технологијата веднаш и до крајната граница. Мислам Енгелс уште од почетокот рече дека социјализмот ќе дојде преку употреба на технологијата до крајната граница, а рускиот режим отсекогаш бил подготвен да ја следи логиката на технологијата, додека на Запад сè уште се сеќаваме на Џон Стјуарт Мил, Џејмс Мил, Џеферсон, и така натаму, ние сè уште неодредено се сеќаваме на прописите на христијанството и малку неволно навлегуваме во технологијата, во смисла да дозволиме технологијата да ја преземе контролата. Долгорочно, обично потклекнуваме, мислам во овој контекст се сеќавам на репликата во Бароновиот „Дон Жуан“ за госпоѓата која, заколнувајќи се дека никогаш нема да прифати, на крајот прифаќа, а долгорочно, ние обично прифаќаме, барем јас мислам така. Но, на краток рок, размислуваме и се пазариме околу ова, и во принцип сме скептични, но сепак тежнееме кон тоа да нè турка напредокот на технологијата во одредена насока, која не ја сметам за пожелна. Мислам дека треба да почнеме многу интензивно да размислуваме за овој проблем и да видиме како можеме да ја вратиме контролата врз нашиот изум. Сакам да кажам дека тоа е проблемот на чудовиштето на Франкенштајн.

Џон Морган: Да претпоставиме дека се појавува оваа прилично застрашувачка перспектива, мислам, дали луѓето ќе бидат среќни под ваков режим?
Олдос Хаксли: Па, мислам дека можат да бидат. Мислам дека ова беше една од пораките на „Храбриот нов свет“, дека е можно да се натераат луѓето да се помират со нивното ропство и нивното полтронство. Мислам дека ова може да се направи. Мислам дека тоа се правело во минатото, но мислам дека сега може да се направи уште поефективно, бидејќи може да се обезбедат бескрајни количини на одвлекување на вниманието и пропаганда.
Џон Морган: Сето ова го покренува прашањето, барем за мене, колку човекот навистина ја цени слободата или колку човекот навистина се чувствува слободен. Мислам на некој како мене, да речеме, кој пораснал во периодот по војната, верувате ли дека сум помалку слободен од некој што е воспитан во дваесетите или во осумдесеттите години на минатиот век или во 18 век?
Олдос Хаксли: Па, целосно зависи од тоа кој сте биле во осумдесеттите години на минатиот век или во 18 век! Мислам, ако сте биле господин со приходи, би биле неверојатно слободен, но ако сте биле селанец на неговиот имот, би биле неверојатно неслободен! Ми се чини дека зборот слобода е можеби премногу нејасен термин во ваков контекст. Мислам дека она што треба да го поставиме како прашање е каков вид на општествен модел и каков вид на политички режим е најдобро пресметан за да им помогне на поединците во општеството да го остварат максималниот обем на нивните посакувани потенцијали.
Џон Морган: Дали имате јасна идеја за тоа како може да се направи ова и какво општество би било тоа?
Олдос Хаксли: Па, имам идеи! Не знам дали се валидни или не. Всушност, штотуку завршив еден вид утописка фантазија што е спротивна на „Храбриот нов свет“, која е за општество во кое се вложуваат сериозни напори да им се помогне на неговите членови да ги остварат своите посакувани потенцијали. И навлегов во… Мислам, ова е обид да се напише она што може да се нарече практична утопија. Се разбира, ништо не е полесно отколку да се изговараат идеали и да се каже, добро, зарем не би било убаво сите да бидат добри, љубезни и сакани, итн.? Се разбира, би било многу убаво, но поентата е како би ги спровеле овие идеали? Како би ги исполниле вашите добри социјални и психолошки намери? И кога ќе се фокусирате на овој проблем, ќе видите дека се работи за многу сложен проблем на организирање на семејниот живот, организирање на образованието, организирање на сексуалниот живот, организирање на социјалниот и економскиот живот. Мислам, има бескрајни фактори вклучени во ова. И обидот да разберам кои треба да бидат сите овие фактори е, морам да кажам, она што ми беше многу интересна работа, барем што се однесува до мене – не знам дали на некој друг ќе му биде интересна.
Подолу погледнете го видеото:
