36. издание на „Поетска ноќ во Велестово“ ќе се одржи од 16 до 18 август!

36 издание на „Поетска ноќ во Велестово“ ќе се одржи од 16 до 18 август на локации во Велестово и Охрид. Со поетски портрет годинава ќе биде претставено творештвото на Елизабета Баковска, а во меѓународната програма ќе гостуваат поети од шест земји, и тоа: Велика Британија, Ирска, Кина, Хрватска, Србија и Македонија.

Како што наведуваат организаторите, „од годинава, за наредниот четиригодишен циклус имаме неколку концепциски промени, имено, наместо преку беседа, творештвото не поетот во фокус ќе биде претставувано преку разговор, во дослух со современите трендови. Исто така, се воведува настанот „Поетско интермецо“ преку кој странските поети ќе имаат можност да читаат и пред публиката во Велестово, а не само во Охрид.“

Според програмата, годинешното издание ќе биде отворено на 16 август со почеток од 21 часот на сретсело во Велестово со „Езеро“ ‒ мал музички концерт на хрватската кант-авторка Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ, а потоа ќе следува поетскиот портрет на Елизабета Баковска, како и настанот „Поетско интермецо“. Вечерта ќе биде затворена со изложбата на фотографии „Паметници на заборавот“ од Сашо Димоски, во тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“. Автор на постерот за годинешното издание е Андреј Павлов.

На 17 август со почеток од 19 часот во кафе и бар „Шила“ во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Мозаик“ на кое ќе настапат: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска од Македонија, а по читањето, публиката ќе има можност да ужива во уште еден настап на Нина Ромиќ и Јелена Галиќ.

Фестивалот ќе заврши на 18 август со организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, придружено со неформални поетски читања.

Фестивалот е поддржан од Министерството за култура, Општина Охрид, Традуки и Комерцијална банка АД Скопје, а негови помагатели се Хрватското друштво на писатели (ХДП), кафе-бар „Шила“ од Охрид, „Пелистерка“, вила „Сансет“ од Велестово, ресторан „Домаќинска куќа Велестово“ и пицерија „Немо“ од Охрид.

Подолу погледнете ја целосната програма, а за повеќе информации следете го официјалниот настан на Фејсбук.

Петок, 16.8.2024 г.
Локација: с. Велестово, на сретсело.

• 21:00 ч.: „Езеро“ ‒ мал музички концерт на Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ (Хрватска)

• 21:20 ч.: „Поетски портрет на Елизабета Баковска“ ‒ поетско читање и разговор воден од Јулијана Величковска.

• 22:00 ч.: „Поетско интермецо“ со Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија) и Минг Ди (Кина/САД).

• 22:30 ч.: „Паметници на заборавот“ ‒ изложба на фотографии на Сашо Димоски
Локација: тремот на црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во с. Велестово.

Сабота, 17.8.2024 г.
Локација: кафе-бар ШИЛА, Охрид

• 19:00 ч. „Мозаик“ ‒ интернационално поетско читање
Учесници: Патрик Котер (Ирска), Фиона Сампсон (Белика Британија), Иван Херцег (Хрватска), Марко Ѓорѓевиќ (Србија), Минг Ди (Кина/САД), Елизабета Баковска, Владимир Мартиновски и Христина Цветаноска (Македонија).

• 20:00 ‒ 20:30 ч. „Езеро #2“ ‒ мал музички концерт на Нина Ромиќ во придружба на Јелена Галиќ (Хрватска)

Недела, 18.8.2024 г.
Организрано разгледување на културно-историското наследство на градот Охрид и природните убавини на планината Галичица, за гостите на фестивалот.

Leave a comment