Книга на летото: „Моби Дик или Китот“ од Херман Мелвил!

Иако летото е во полн ек, сепак полека дојде и времето за да ја прогласам мојата „Книга на летото“. Ова е рубрика што за оние што го читаат редовно блогот, знаат дека веќе некое време, прогласувам моја лична „Книга на…“ за секое годишно време. Па така, во 2024 година веќе имавме „Книга на зимата“, „Книга на пролетта“ и сега е време и за „Книга на летото“. Иако остана уште време до крајот на летото, искрено сум толку воодушевена од овој роман, што тешко дека што било би можело да го надмине до крајот на летово (а можеби и годинава). Се работи за легендарниот роман „Моби Дик или Китот“ од Херман Мелвил и ова е книга што дефинитивно влезе во моите топ 10 книги.

За што се работи во романот?

Приказната ни ја раскажува Исмаил, морнар што е носталгичен по морето и решава повторно да заплови во далечни води. Тој ја започнува својата приказна со потрага по брод на кој би пловел и на крај го наоѓа „Пиквод“, чиј капетан е мистериозниот капетан Ахав. Тие ја започнуваат пловидбата и Исмаил многу наскоро дознава дека ова нема да биде обична пловидба и китоловство, напротив, ова ќе биде една одмазничка авантура на капетан Ахав, за кого наскоро дознаваме дека ја изгубил ногата во борба со Моби Дик, огромниот и чудовишен кит, за кого многумина само слушнале и за кого постојат многу гласини. Но, Ахав е решен да му се одмазди на Моби Дик и ние ја следиме оваа авантура преку перото на Исмаил, кој е наратор и ги запишува сите згоди и незгоди и дополнително нè подучува за китоловството, морепловството и уште многу други работи. Дали капетан Ахав ќе успее да го пронајде Моби Дик и дали одмаздата ќе биде целосна? За тоа ќе треба самите да го прочитате овој неверојатен роман.

Зошто треба да го прочитате романот?

Затоа што ќе ве остави без здив, постојано во исчекување, ќе минувате низ фази, како самите да проаѓате низ бура сè додека не стигнете на сигурно копно. Но резултатот е фантастичен, просветителен, едноставно како човек да чувствува дека станал поинаква личност по завршувањето на книгата. Ова е книга што решив дека сигурно морам барем уште еднаш да ја прочитам понатаму во животот. Не знам од каде да почнам за да ги доловам сите генијалности, начинот на кој е исткаена приказната, од јазикот, до описите, до самите ликови.

Исмаил е многу интересен наратор, можеби и еден од омилените наратори, начинот на кој раскажува и ви ја објаснува својата приказна, но и приказната за Моби Дик, капетан Ахав, бродот „Пиквод“ и сите останати ликови, згоди и незгоди е едноставно брилијантен. Преку него, Мелвил на еден неверојатен начин ни го доловува значењето на китоловството, неговата историја, начинот на рибарење и пловење, но и дополнително ни објаснува голем дел од една животна филозофија, а и со хумор често допира и сатиризира многу работи во општеството.

Капетанот Ахав е многу интересно напишан лик. Од неговата мистериозност на почетокот, кога речиси воопшто не се појавува како лик, сè до неговото зголемено присуство и се разбира крајната кулминција, едноставно не можете да останете рамнодушни на него. Начинот на кој Мелвил го доловува неговото лудило, неговата опсесија и жед за одмазда е фантастичен. Додека читав и како што одминуваше приказнаа, како што се приближував кон последната битка и соочувањето со Моби Дик, срцето забрзано ми чукаше и имав чувство како небаре јас да треба да се соочам со Моби Дик, а не капетан Ахав и неговата посада.

Да, оваа приказна навистина бара многу посветеност и фокус и не се чита лесно. Да, на човек може и малку тешки и напорни да му се деловите со многу архаизми, описи на бродови и анатомија на кит, но тие поглавја се толку фантастично поставени наспроти оние „поживи“ поглавја со авантури, што целото читање делува како да е една огромна авантура, па така поглавјата со историјатот на китоловството, анатомијата на китот и слични „теоретски поглавја“ се како моментот кога пловите по мирно море, зачинети со неверојатните бранови кои потоа следат во другите поглавја.

Покрај тоа, има навистина многу хумор. Неколку пати се смеев на глас. Хуморот е вистинска светлина и освежување наспроти мрачната и меланхолична атмосфера што често ја придружува пловидбата. Секој елемент во книгата е како јин на својот јанг, едноставно создавајќи совршен баланс, со прекрасни животни филозофии вметнати меѓу страниците. Да, книгата бара фокус, и за мене беше вистински предизвик, но уште додека ја читав знаев дека нема да бидам истата личност после читањето и дека нешто во мене се осветли читајќи ја оваа книга и затоа си ветив себеси дека повторно ќе ѝ се навратам за неколку години. Освен тоа, мислам дека имаше и некаква поетска убавина во тоа што а завршив книгата на 1 август, годишнина од раѓање на Херман Мелвил. (1 август 1819 година)

И за крај, морам да оддадам чест на прекрасниот превод на, за жал, прерано починатиот Огнен Чемерски. Одамна не ме маѓепсал превод на овој начин. Иако признавам дека почетокот ми беше малку тежок имајќи предвид дека имаше многу архаизми и непознати македонски зборови за мене (некои од нив и не се срамам да признаам дека ги пребарував на интернет), откако се навикнав на јазикот, за мене се отвори еден цел нов свет и освен приказната и книгата, преводот ми помогна да научам зборови што се подзаборавени во овој наш посовремен и помодерен јазик и разговарање. На овој линк можете да прочитате и еден одличен текст за самиот превод, напишан од многу постручен и експертски аспект.

Извадоци и мисли што ми оставија особен впечаток

А уште подлабоко значење има приказнана за Нарцис, кој, не можејќи да го дофати благиот и недостижен лик што го видел во вирот, се нурнал и се удавил во него. Но, истиот тој лик и самите го гледаме во сите реки и мориња. Тоа е ликот на недостижниот призрак на животот, а токму тоа навистина е клучот за сè.

Вистина, да се чудиш со колку отмен полет човек прима пари, кога толку ревносно веруваме дека парите се извор на сите белосветски зла и дека богатникот никако не може да стапне во рајот. О, колку само ведричко се предаваме на проклетство во вечна!

Но, убава работа е добрата смеа, дури и премногу ретка убавина; жалостите повеќе ги има. Па, ако некој во себе има некоја преѓа за добра шега, нека не биде скржав, туку ведро нека пушти срце и нека разврзе, а и нека пушти други да го потфатат за истиот конец. А да знаете и дека оној човек што за смеа и потсмев изобилно дава разлог, токму он внатре вреди многу повеќе отколку што ви се гледа.

Зошто сите живи жилаво се трудат да ги замолкнат сите мртви?

Вистина, светов е само брод на прелез, не пловидба завршена, а проповедалницата му е предница.

На овој свет, собродјани мои, гревот што плаќа друмарина слободно си врви, без пасош, а Доблеста, ако е сиромашка, на сите граници ја држат.

…и Господи помилуј сите нас, презвитеријанци и пагани исто, зашто сите некако страшно чукнати сме по главата и на сите ни фали штица да нè закрпи.

Добро, како што реков, немам ништо против ничија вера, која и да е, под услов тој верник да не убива и да не руга други зашто не веруваат како него. Но, кога во својата вера човек ќе се избезуми и кога верата ќе почне да го мачи како клетник и, најпосле, ќе направи од светов незгоден конак, е тогаш мислам дека е време тој човек да се тргне настрана и малку да се проговори со него.

Душата ти е ко криво тркало на кола.

Но кога човек насетува зло, понекогаш кога веќе целата работа го снашла, неразумно гледа да го скрие сомнежот, па дури и од себеси да го ишка.

Најчудесното е неизговорливото; длабоките спомени не оставаат натпис на гробот…

Наѕирате ли сега во страшно несносната вистина дека сета длабока и трезвена мисла е само јуначки напор на душата да ја исчува ширната независност на своите морја, додека највилните ветришта од небеса и од земјата се здружиле да ја треснат од подмолниот и покорничав брег?

Со ова како да сакаше да каже не само дека најверовита и најкорисна е смелоста што извира од умната процена за опасноста, туку и дека крајно бестрашниот човек е многу поопасен другар од коркачот.

Онаа неосквернета човештина што ја чувствуваме во себе – толку длабоко внатре, што останува негибната дури и кога сиот надворешен лик ни се слитил – ете токму таа најмногу крвави и пати пред голотијата на обесхрабрен човек.

Староста везден бдее, небаре колку подолго човек бил со животот, толку понастрана се држи од сè што личи на смртта.

Ништо совршено не ветувам, зашто секоја човечка творба што е намислена за совршена токму затоа нужно излегува грешна.

Зашто, кога нема што многу однадвор да нè стега, нас нè движат највнатрешните нужди на сопствената бит, они нè водат.

Зашто на сè што е чудно, смеа ти е најумна и најлесна вратка, и нека биде што ќе биде, секогаш стои една утеха – онаа без грешка, дека од пишаното не се бега.

Не знам што сè нè чека, но нек’ биде што ќе биде, јас ќе го сретнам насмеан.

Човечкото лудило честопати е лукава и крајно подла работа. Кога мислиш дека минало, можеби само се преобразило во некој уште попритаен облик.

Ајде, познај по придушениот и неедностоен звук на мотиката каде тоа води јамата на подземниот рудар што копа во секој од нас.

Иако според многу својства видливиов свет изгледа бил зачнат во љубов, неговите невидими подрачја зачнати се во ужас.

Бог ти напомош, старче, мислите внатре ти створиле створ, а оној од кого сопствената силна мисла така ќе направи Прометеј, со срцето вечно гоштева мршојадец, а мршојадецот е створот што самиот го создал.

Има така понекогаш некои чудни времиња и згоди во замрсеново чудо што го викаме живот, кога на човека целава вселена му личи на огромна пакосна шега, иако само ко низ магла распознава во што бил вицот, и кога ќе се сети повеќе од обично подозрение дека шегата не е на туѓа, туку токму на негова сметка.

Зашто, исто ко што тој страшен океан го окружува зеленоно копно, така и во душата на човекот лежи некое самотно Тахити, сето мир и радост, но окружено со сите ужаси на полуспознаениот живот.

Секој човек живее сплеткан во китоловски врвци. Сите се раѓаат со јамка околу врат, но само фатени во брзиот, ненадеен обрат на смртта смртниците ги узнаваат потајните, лукави, сеприсутни опасности на животот. А ако си философ, седнат онаму в китоловниот кајк, таму в дамари нема да те тишти ни ронка повеќе ужас отколку ужасот што би те тиштел и да си седнат дома крај вечерно огниште со маша крај себе, а не со харпун.

О, човеку! Восхитен угледај му се на китот! Биди и ти топол сред мраз. Живеј и ти без припадност на светов во кој си. На екваторот биди ладен, на полото нека ти струи крвта. Како вишниот свод на св. Павле, како великиот кит исто – о, човече, имај си своја топлина во секоја доба.

А и во историјата на фанатиците безмерната самоизмама на самиот фанатик не е ни наполу толку големо чудо колку што е чудно што фанатикот има безмерна моќ да измами и да заблуди толку многу свет.

Затоа, луѓе, немојте толку да им се чудите на избезумениве китови пред нас, зашто сите лудости на земните створови бескрајно ги надминува човечкото безумие.

Што се човековите права и слободи на светов ако не слободни риби? Што се умовите и мислите на луѓето ако не слободни риби? Што е начелото на набожната вера во нив ако не слободна риба? Што се за високопарните крадливи благоглаголници мислите на мислителите ако не слободна риба? Што е целава планета ако не слободна риба? И што тоа си и ти, читателе мој, ако не и слободна и врзана риба?

Со тоа Стаб ко да предочи одоколу дека, иако човекот го љуби ближниот свој, сепак човекот ти е животно на кое и парата му е мила, па во човекољубието пречесто му задира и таа негова склоност.

Сонцето не го скрива океанот, кој е темната страна на светов и две третини од овој свет. Па, затоа, смртникот што во себе има повеќе радост отколку тага, тој смртник не може да е прав – неправ е или недоразвиен.

…а тркалезново злато е само образ на уште потркалезната планета, која како волшебничко стакло на секој човек му дава одраз на неговото сопствено јас. Голем зар, ситен ќар за оние што бараат од светот да ги среди; тој ни себеси не може да се среди.

Има ли нешто друго стварно освен недофатните мисли?

*мислите се преземни од Мелвил, Херман. Моби Дик или Китот. Скопје: Полица, 2022.
превод на: Огнен Чемерски

Leave a comment