Летото е период што многу луѓе го сакаат поради летните одмори, одењето на плажа, пливањето и читањето, но од друга страна е период со високи температури што често нè приморуваат да седиме дома. Па периодот на високи температури и избегнување на топлото го искористив гледајќи филмови, а денес ви препорачувам три филмови што мислам дека ќе им се допаднат на љубители на книги и различни жанрови.
„1984“ (1984)

Каде можете да го гледате: AMAZON PRIME VIDEO
Опис: Мислам дека нема човек што нема слушнато за „1984“ од Џорџ Орвел, мрачна дистопија која замислува општество што е контролирано на секој чекор и во секој сегмент. Човекот нема ништо свое, дури и неговите мисли се контролирани и санкционирани по потреба, историјата се менува на дневно ниво и сè тоа под будното око на Големиот брат, кој гледа и слуша сè. Оваа книга е една од најпознатите во историјата на книжевноста, а сепак интересно е што нема многу екранизации, иако е референцирана во многу серии и дела. Сепак, најпозната е екранизацијата што многу поетски излезе токму во 1984 година, а изминатиов период беше поставена и на платформата Amazon Prime Video.
Според мене се работи за една фантастична екранизација, токму каква што треба да биде екранизација на книга. Филмот го гледав пред многу години, а сега се потсетив и зошто е толку моќен. Сите главни пораки се пренесени на еден одличен и фантастичен начин и филмот многу верно ја следи приказната со одредени мали измени со цел подобро да се пренесе истата. Мрачната и темна атмосфера од книгата е прекрасно доловена во филмот, а глумата е на совршено високо ниво, особено глумата на Џон Смит како Винстон и Ричард Бартон како О’Брајен. Ова е исто така последниот снимен филм на Бартон пред да почине. Она што е исто така интересен факт за филмот е тоа што сцените со одредени датуми од книгата се снимени точно на истите датуми. На пример, сцената во која Винстон запишува во својот дневник дека е 4 април, е снимена на 4 април 1984 година.
Одличен и прекрасен филм и доколку сакате дистопии и мрачни филмови со подлабока филозофија, ќе уживате во филмот.
„Тајниот прозорец“ (2004)

Опис: Ова е филм кој сосема случајно ми се појави на Нетфликс (иако мислам дека го тргнаа и го нема повеќе на платформата) и решив да го гледам бидејќи изгледаше интересно. И не се разочарав. Ова е филм кој би им бил интересен на љубителите на трилери и мистерии, а дополнителен бонус е што главниот лик во филмот е писател, а дејството се врти околу еден објавен расказ.
Џони Деп е феноменален во улогата на познат писател кој минува низ тежок период поради неговиот развод и некој период живее во изолирана куќичка со своето куче. Тој се обидува да пишува, но не му оди баш најдобро, поради сите работи што му се случуваат. Еден ден, на неговата врата тропнува непознат човек кој тврди дека тој му го украл и плагијаризирал неговиот расказ, кој подоцна станал многу популарен. Најпрво сето изгледа лудо затоа што тој тврди дека ниту некогаш го видел овој човек, ниту имало шанси да му го копира расказот, но човекот е упорен и како што минуваат деновите станува и морничав со своите закани и истовремено почнуваат да се случуваат чудни работи.
Многу интересен трилер што дефинитивно ќе ви го држи вниманието и мене ми беше многу интересно и заради тоа што на одреден начин приказната е поврзана со книги и пишување, бидејќи главниот лик е писател обвинет за плагијат. Откако го изгледав филмот малку пребарував на интернет и дознав дека всушност ова е екранизација на расказ на Стивен Кинг насловен како „Тајниот прозорец, тајната градина“.
„Сè е вистина“ (2018)

Каде можете да го гледате: HBO MAX
Опис: За сите љубители на Шекспир и историски драми, ова ќе биде интересен филм, иако, мора да се напомене уште од старт, голем дел од филмот е заснован на шпекулации и замисли за тоа како течеле последните години од животот на Шекспир, а не сосема на факти. Кога ќе го гледате повеќе замислете си дека гледате историска драма, а не целосно вистинит биографски филм. Но, кога ќе ги тргнете тие работи настрана, филмот е интересен и забавен. Филмот ги следи последните години на Шекспир, кој конечно се враќа дома откако со години бил постојано отсутен поради тоа што пишувал и објавувал драми и патувал со својот театар насекаде.
Но, откако неговиот театар гори до темел по незгода на сцената, тој решава да се „пензионира“ и се враќа дома. Гледаме како Шекспир навигира низ овие нови околности, но и неговото семејство, кое е отуѓено од него, бидејќи тој постојано бил отсутен од дома. Гледаме како Шекспир се труди да ја врати блискоста и топлината, иако тоа не му оди секогаш глатко. Покрај тоа, тој сè уште се справува со смртта на неговиот син, кој починал на 11 години од „црната чума“. Иако филмот замислува и алтернативни факти кои не се докажани, сепак прикажува едно семејство кое сè уште се справува со болката. Ги гледаме и двете ќерки на Шекспир, секоја се справува со своите лични проблеми.
Името на филмот „Сè е вистина“ (All is True) e интересен избор, бидејќи истовремено се однесува на првичниот наслов на популарната драма на Шекспир – „Хенри VIII”, која била и последната негова драма изведена на сцена (кога и се случил немилиот инцидент и изгорел театарот), но и малку ироничен наслов имајќи предвид дека голем дел од работите во филмот се фикција.
