Вториот роман на Артур Конан Дојл за Шерлок Холмс, „Знакот на четворицата“, премиерно бил објавен во списанието „Липинкот“ во 1890 година. Сега, ракописот на авторот на книгата – единствениот примерок што постои – годинава ќе биде ставен на аукција и очекувањата се дека ќе биде продаден за 1,2 милиони долари.
(Оригиналниот ракопис на Артур Конан Дојл/извор: Smithsonian/Sotheby’s)
„Знакот на четворицата“ бил објавен по успехот на „Студија во скерлетно црвено“ (1887) на Артур Конан Дојл, книжевното деби на детективот Шерлок Холмс и помошникот д-р Вотсон. Ракописот на продолжението ќе биде пуштен во продажба подоцна оваа година во „Сотби“, а оттаму овој ракопис го нарекуваат „највредниот предмет на Конан Дојл кој некогаш бил понуден на аукција“, вели Иси Роналд од „Си-Ен-Ен“.
Книгата била „нарачана“ на вечера во 1889 година, вечера која Дојл ја спомнал во некои од своите писма кои заедно со ракописот ќе бидат ставени на продажба. Тоа лето, Конан Дојл и неговиот колега-писател Оскар Вајлд се сретнале со Џ.М. Стодарт, уредникот на „Липинкот“, во лондонскиот хотел „Лангам“. Стодарт, кој бил Американец, сакал да го прошири својот бизнис од САД во Велика Британија. Како што објави Си-Ен-Ен, „до моментот кога си заминале, Вајлд се обврзал да ја напише книгата „Сликата на Доријан Греј“, а Конан Дојл се согласил да го напише романот „Знакот на четворицата“.
„Тешко е да замислиме двајца современи автори кои би можеле да бидат помалку слични од Конан Дојл и Оскар Вајлд“, изјави Селби Кифер, меѓународен постар специјалист за книги и ракописи на „Сотби“. „А сепак биле заедно на маса, вечерале и разговарале за она на што работеле во тој момент. На одреден начин сме пренесени во одредено време, и тоа навистина ни помага да ја разбереме генезата и создавањето на ракописот на начин што ретко се случува“.
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer_public/a5/34/a534dac2-078c-4dab-bbc6-44572e48f33b/the_sign_of_four_autograph_manuscriptjpg_1.jpeg)
(Корицата на оригиналниот ракопис/извор: Smithsonian/Sotheby’s)
Кога Конан Дојл го напишал „Знакот на четворицата“, приказните сè уште биле негова споредна работа. По завршувањето на медицинското училиште, во 1882 година тој отворил своја ординација во Портсмут, Англија. Конан Дојл на крајот ја напуштил својата медицинска кариера, но неговата обука продолжила преку ликот на Вотсон, докторот кој ги раскажува приказните за Холмс.
Врзана во црвен тврд повез означен со златни букви, ракописот е многу убаво среден. „Си-Ен-Ен“ известува дека текстот е „исклучително чист, има само уредувања на Стодарт со цел да се американизира правописот и неколку пречкртани зборови додека самиот Конан Дојл ја дотерал својата работа“. Кифер забележува дека ова е типично за ракописот на Конан Дојл: „Се чини дека изникнал речиси целосно формиран, од неговиот ум до неговото перо“, вели тој за медиумот.
Кога ракописот од 160 страници бил претходно продаден во 1996 година, починатиот експерт за Холмс, Џон Леленберг, за Робин Погребин од „Њујорк Тајмс“ изјавил: „Конан Дојл не чувствувал потреба да направи многу промени“. Тој додал и дека „Знакот на четворицата“ очигледно е „дело на човек кој многу добро ги знае сопствените ликови“.
Ракописот ќе се продава заедно со преку 40 други ретки книжевни богатства, вклучувајќи ги и првите изданија на „Големиот Гетсби“ (1925) на Ф. Скот Фицџералд и „Прекрасниот волшебник од Оз“ на Л. Френк Баум (1900). Оригинален цртеж што илустраторот Сидни Пеџет го направил за расказот на Конан Дојл „Последниот проблем“ (1893) е исто така дел од продажбата.
/https://tf-cmsv2-smithsonianmag-media.s3.amazonaws.com/filer_public/01/42/0142209d-44a8-4031-aafa-6df729302101/sherlock_holmes_and_professor_moriarty_at_the_reichenbach_falls_1.jpeg)
(Оригиналниот цртеж на Сидни Паџет, насловен како „Смртта на Шерлок Холмс“, ќе биде исто така дел од аукцијата/извор: Smithsonian/Sotheby’s)
Ракописот „Знакот на четворицата“ – кој Конан Дојл го потпишал двапати – е „исклучително ретко парче од книжевната историја и нуди уникатен увид во процесот на пишување на Дојл“, вели Ричард Остин, глобален шеф за книги и ракописи на „Сотби“. „Ансамблот обезбедува богата таписерија на увид во подготовката на Холмс за американската публика, зацврстувајќи го неговото наследство во пантеонот на големите ликови на литературата“.

