13 интересни факти за Реј Бредбери!

На денешен ден, 22 август 1920 година, се родил познатиот американски писател Реј Бредбери, кој е познат по неговото неверојатно дело „Фаренхајт 451“, но и многу други раскази и книги. Во негова чест, денес на блогот можете да прочитате 13 интересни факти за неговиот живот, кои беа објавени на неговата официјална страница.

Г-дин Електрико и моќта на вечниот живот

Писателскиот живот на Бредбери бил поттикнат од средбата со карневалскиот волшебник, г-дин Електрико, во 1932 година. На крајот од настапот на Електрико, тој дошол до дванаесетгодишниот Бредбери, го допрел со мечот наполнет со енергија и му заповедал, „Живеј засекогаш!“ Бредбери подоцна рекол: „Решив дека тоа е најдобрата идеја што некогаш сум ја слушнал. И така почнав да пишувам секој ден. Никогаш не престанав“.

Тајниот панел

Бредбери не само што создавал фантастични светови со пенкало и хартија, туку живеел и во свој сопствен надреален свет. Неговата канцеларија во Беверли Хилс (исто како и неговата домашна канцеларија во подрумот од неговата куќа) била исполнета со предмети што ја поттикнувале неговата имагинација: цртани филмови, фигури, плишани животни, маски и магија. Всушност, Бредбери толку често се губел во својот замислен свет што понекогаш ја заборавал реалноста. Редовно ги заборавал клучевите од својата канцеларија, но оваа мала непријатност ја решил со користење на таен лизгачки панел.

Љубовна врска со филмовите

Во февруари 1924 година, Бредбери на своја тригодишна возраст првпат гледал филм, кога мајка му го однела да го види Лон Чејни во „Богородичната црква во Париз“. Две години подоцна, тој се вратил во истото кино за да го види следниот филм на актерот, „Фантомот од операта“, и тоа двапати: еднаш со мајка му и потоа уште еднаш со брат му Скип. Овие филмови го означиле почетокот на неговата доживотна љубовна врска со киното. Тој често го гледал истиот филм повеќе пати. Во 1940 година, тој го гледал „Фантазија“ на Дизни повеќе пати отколку што можел да се сети. Неговите омилени холивудски филмови се од речиси секој жанр – „Кинг Конг“, „Граѓанинот Кејн“, „Пеење на дождот“ и „Блиски средби од трет вид“ – додека анимацијата и немите филмови што ги гледал како дете имале посебно место во неговото срце до крајот на неговиот живот.

Реј, Берни, Елтон и „Ракетниот човек“

Расказот на Бредбери „Ракетниот човек“ од „Илустрираниот човек“ бил инспирирација за истоимената хит-песна на Елтон Џон. Текстописецот Берни Таупин рекол дека е толку воодушевен од начинот на кој приказната ја прикажува работата на астронаутите како секојдневна работа што „му дошла идејата и работел на неа“. На неговиот партнер текстописец, Елтон Џон, очигледно му се допаднале стиховите и мелодијата дошла набрзо: „Беше прилично лесна песна во смисла на пишување на мелодијата“, рекол тој. „Тоа е песна за вселената, па затоа е прилично пространа песна“.

Уметникот

Не само што Бредбери бил многу креативен со лингвистиката – тој бил и исклучителен визуелен уметник. Тој ја користел канцеларијата во подрумот како студио, за чкрабање, скицирање и сликање. Особено сакал да црта ѓаволски лица, тикви, мачки и чудовишта, па дури и насликал дрво за Ноќта на вештерките. Откако го гледал „Тоа е големата тиква, Чарли Браун“ за време на Ноќта на вештерките со своите ќерки, тој бил целосно разочаран од начинот на кој телевизиското шоу се справува со неговиот омилен празник. Па така, Бредбери се сетил на неговата претходна слика на дрвото на Ноќта на вештерките и решил да напише сопствена историја на Ноќта на вештерките околу овој концепт. „Дрвото на Ноќта на вештерките“ стана едно од неговите најпознати дела.

Крадецот на книги

Бредбери првпат ја запознал Маргерит „Меги“ МекКлур, жената што подоцна ќе му стане сопруга, во книжарницата „Фаулер Брадерс“ во центарот на Лос Анџелес, каде работела како службеничка. Таа не можела да го тргне погледот од него, иако не поради моменталната привлечност: таа мислела дека ќе украде нешто, иако испаднало дека она што тој го украл било нејзиното срце.

Вратоврската за Ноќта на вештерките

Дури и откако неговите деца пораснале и повеќе не мислеле дека е кул да се занимаваат со познатата традиција „Трик или слатко“, Бредбери сè уште се дотерувал за празникот и уживал во традицијата. Тој поседувал голем број вратоврски за Ноќта на вештерките; во подоцнежните години направил и специјална портокалова вратоврска што ја носел во текот на целата година со кошула со бела јака, бели патики, бели чорапи до потколениците, бели шорцеви и бела виндјакна.

Неговиот тип на технологија

Во 1932 година, Бредбери добил играчка – машина за пишување за Божиќ. Пет години подоцна, тој ја купил својата прва вистинска машина за пишување за 10 долари. И покрај неговите прогнози за некои од големите технолошки достигнувања во 20 и 21 век, машината за пишување останала една од ретките иновации кои на Бредбери навистина му одговарале. Во „Фаренхајт 451“ и голем број кратки раскази, тој ги предвиде „напрстоците за уши“ на радиотелефонот – она ​​што ние денес го нарекуваме Bluetooth слушалки и слушалки за уши – што тој ги прикажа како какафонични, изолирани и општествено катастрофални. Тој никогаш не користел компјутер, а во 2009 година го опишал Интернетот како „губење време“.

Колекционерот на играчки

Бредбери никогаш не го изгубил детското чувство за игра, забава и експресивност. Неговите внуци се сеќаваат на тоа дека имал повеќе играчки од нив: пиштоли за играчки, роботи, плишани диносауруси, преголеми плишани животни од „Роки и Булвинкл“ кои лежат на обложени столици, па дури и глава што лебди во стаклена тегла – подарок од Алфред Хичкок. Неговиот последен дом имал полици од ѕид до ѕид исполнети со книги, како и уметност, филмови, ТВ реквизити и ситници од неговите патувања во Мексико. Секој Божиќ, Бредбери барал од сопругата да му подари играчки наместо какви било други подароци. Една од неговите внуки го опиша неговиот дом и канцеларија како „активен хаос“ со „ѓубре насекаде“, додека еден доживотен пријател и колега рекол: „Кога мислам на Реј, мислам на неговата куќа преполна со книги, хартии, играчки и мачки – еден вид физичко олицетворение на пресекот на американскиот мозок“.

Магионичарот

Како момче, Бредбери присуствувал на неколку изведби на магионичарот Блекстоун и во 1931 година добил книга за магија за неговиот единаесетти роденден. Наскоро тој го изведувал својот магичен акт за разни сервисни клубови и ложи и бил поканет да се појави во Салата на ветераните во странските војни на Бадник. Подоцна во животот, Бредбери уживал да прави магични трикови со картички и монети за своите внуци.

Омиленото превозно средство

И покрај неговите неверојатни визионерски квалитети, Бредбери никогаш не научил да вози автомобил. Причината за тоа е што тој имал многу слаб вид и еднаш бил сведок на тешка сообраќајна несреќа што длабоко го погодила. Па така, тоа што возел велосипед и фаќал такси било причината поради која станал препознатлив во Лос Анџелес. Кетрин Хепберн еднаш го возела низ Беверли Хилс и го оставила во неговата канцеларија. И Дорис Деј весело му мавтала додека таа поминувала покрај него со нејзиниот велосипед.

Читателот

Семејството на Бредбери ја разгорело неговата љубов кон читањето уште на рана возраст. Кога имал четири години, неговите родители го научиле да чита стрипови од весници. Една година подоцна, на Божиќ, неговата тетка Нева (кратенка од Невада) му ја подарила својата прва книга со бајки, „Си беше еднаш“, а набргу потоа таа почнала да му ги чита книгите од Л. Френк Баум. Стрипот „Бак Роџерс“ пристигнал во неговиот живот на осумгодишна возраст. Бредбери бил толку голем обожавател, што рекол дека „живеел во состојба на работ на хистерија, чекајќи секоја вечер стрипот заедно со вечерниот весник да се појави на тремот“. Со „Бак Роџерс“ дошле и „Тарзан“ и „Џон Картер, воен господар на Марс“ од Едгар Рајс Бароуз. Подоцна ги позајмил книгите на Бароуз од неговиот вујко Бион, кој живеел зад аголот. Бредбери ги читал многу пати и речиси ги научил на памет сите текстови. Тој еднаш се присетил: „Долго пред да отидам во јавната библиотека, ги сфатив оние елементи на фантазијата што мислам дека влијаеја на мене и ми го променија животот“.

Народен шампион

Бредбери често зборувал со ентузијазам за образованието, библиотеките, урбаното живеење и важноста на слободата. Тој развил страст за планирање на градот и учествувал во развојот на Експерименталната заедница на утрешнината (EPCOT) на Дизни во Флорида и трговскиот центар Хортон Плаза во Калифорнија. Тој сакал градовите одново да се обмислат, да бидат подобри за сите, не само за елитата. Бредбери секогаш сакал да биде дел од решението, а не од проблемот. Тој зборувал и за јавни прашања, како што е одлуката Лос Анџелес да им даде приоритет на автопатите пред јавниот превоз. Секогаш сакал да се ангажира и инспирира.

Извор.

Leave a comment