„Сликата на Доријан Греј“ е еден од најпознатите романи на 20 век и благодарение на него, Оскар Вајлд си го запиша името во историјата на книжевноста. Романот за младиот Доријан Греј и неговиот портрет кој ја отсликува неговата душа е постојан извор на инспирација, а на блогот веќе пишувавме за овој роман преку текстот „Расипаната душа на Доријан Греј во романот на Оскар Вајлд“.

Романот од 1891 година го следи младиот Доријан Греј кој се запознава со Базил, уметник кој насликува негов портрет со цел да ја овековечи неговата убавина. Но, има една финта. Доријан не старее и останува млад како на портретот, но портретот ја менува својата форма и ја отсликува изобличеноста на неговата душа. Овој роман досега многупати бил екранизиран во вид на филмови и телевизиски серии, а судејќи според доверливи извори од Нетфликс и Холивуд, се подготвува и нова, модерна екранизација на романот, во вид на телевизиска серија.
Проектот моментално е во фаза на планирање и не се знаат многу детали, освен дека ќе се оствари под капата на Нетфликс, барем според порталот „Дедлајн“, кој досега објавуваше релативно доверливи и точни информации за различни филмски остварувања. Според изворите на „Дедлајн“, романот „Сликата на Доријан Греј“ ќе биде инспирација за создавањето на серијата „Грејеви“. Она што засега е познато е дека серијата ќе биде развиена и напишана од Кејти Роуз Роџерс и приказната ќе биде еден вид на модерно обмислување на романот, т.е приказната ќе биде сместена во денешно време и ќе се фокусира на современите сфаќања и фасцинацијата со вечната младост поставени наспроти модерната индустија за убавина и нега. Она што крена прашина на дел од социјалните мрежи и покрена многу прашања е шпекулацијата дека за разлика од романот, во серијата, Базил и Доријан ќе бидат браќа.
Според информациите, извршни продуценти ќе бидат Кејти Роуз Роџерс и Роби Роџерс, кои се брат и сестра и кои веќе работеле заедно на други проекти. Рина Мимоун исто така ќе биде извршна продуцентка, а меѓу останатите вклучени во проектот е и Ли Толанд Кригер, кој ќе се појави како режисер.
Засега нема многу други информации и сè е сведено на шпекулации, но коментарите што се појавија на социјалните мрежи укажуваат на тоа дека многумина со нетрпение го очекуваат овој проект.
