Вчера и официјално заврши 63. издание на „Струшките вечери на поезијата“. И оваа година имаше богата програма, а еден од повпечатливите моменти беше тоа што за првпат на „Струшките вечери на поезијата“, „Т’га за југ“ на Константин Миладинов беше прочитана од Беира Салифоска, која има оштетен вид, со помош на Брајовото писмо. Ова беше по повод 200 години од кофицирањето на Брајовото писмо.
(Официјалниот постер на Струшките вечери на поезијата
Извор: Официјалната страница на Струшките вечери на поезијата)
Мотото на годинешната манифестација беше „Допир со убавината“, повторно референцирајќи ја важноста на јубилејот на кодифицирање на Брајовото писмо, а дополнително, пред почетокот на манифестацијата, директорот на СВП, директорот Тасевски, изјави дека во соработка со Здружението на слепи лица на општина Велес, по повод одбележување на 90 и 95-годишнините од раѓањето на Петре М. Андреевски и Гане Тодоровски, ќе биде објавен избор од нивната поезија со Брајово писмо, што го подготви професорката Кристина Николовска.
Годинешната манифестација беше полна со активности и збиднувања, па така шведскиот поет Бенгт Берг беше претставен со избор поезија, а оваа година беше претставена и добитничката на возобновената награда „Млада Струга“, Филипа Сара Попова.
Од другите награди, германската поетеса Катрин Пиц ја доби наградата „Мостови на Струга“ за нејзината дебитантска збирка „Вакви денови имало отсекогаш“, додека наградата „Браќа Миладиновци“ за 2024 година отиде во рацете на академик Катица Ќулавкова за збирката „Небото ми е дом“.
Секако, најзначајната награда на Струшките вечери на поезијата е „Златниот венец“, која како награда за животно дело се доделува од 1971 година, а годинешниот добитник на „Златен венец“ е францускиот поет Жан Пјер Симеон. Во чест на оваа исклучително значајна поетска манифестација, денес на блогот се потсетуваме и на неколку исклучително познати книжевници и поети што се стекнале со ова престижно признание во светот на поезијата. За некои од нив можеби и не сте знаеле.
Вистан Хју Одн (1971)

(Вистан Хју Одн со „Златниот венец“)
Извор на сликата: Официјалната страница на Струшките вечери на поезијата/Автор на фотографијата: Душан Ѓоргон)
Вистан Хју Одн, познат и како В.Х.Одн, англо-американски поет, за многумина еден од најзначајните поети на 20 век. Неговото творештво е значајно по стилистичките и технички достигнувања, по обработката на моралните и политички прашања, како и по разноликоста на тонот, формата и содржината.
Тој во 1971 година ја добил наградата „Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“, која токму таа година првпат била доделена за животно дело, претходно наградата се доделувала за конкретна песна. Тој бил и во можност во живо да ја прими наградата како што можете да видите на сликата погоре, а на сликата од неговата десна страна можете да го забележите и нашиот познат поет Богомил Ѓузел кој во тоа време бил Секретар на фестивалот за односи со странство.
Пабло Неруда (1972)

Пабло Неруда е еден од најпознатите поети на сите времиња, но и познат политички и општествен активист. Тој ја добил Нобеловата награда за книжевност во 1971 година, една година подоцна, во 1972 година, бил награден и со Златниот венец на Струшките вечери на поезијата. За жал, тој не бил присутен на доделувањето на наградата, а починал една година подоцна, во 1973 година.
Мирослав Крлежа (1979)

Мирослав Крлежа е еден од најпознатите хрватски писатели, филозофи и мислители, кој во еден период бил разгледуван и како можен добитник на Нобеловата награда за книжевност. Тој најмногу е познат по неговите прозни дела, и малкумина знаат дека тој бил и одличен поет. Токму поради тоа тој бил награден со Златниот венец во 1979 година, иако за жал не бил во можност да присуствува.
Ален Гинсберг (1986)
(Ален Гинсберг, на СВП (десно) и рускиот поет Андреј Вознесенски, лаурет на СВП за 1984 г. (лево) заедно со Петар Т. Бошковски (во средина) кој е во својство на тогашен претседател на Советот на СВП
Извор: Официјалната страна на СВП на Фејсбук/ автор: Душан Ѓоргон)
Ален Гинсберг е еден од најпознатите и највлијателните американски поети, дел од позната „бит-генерација“, заедно со Џек Керуак и Вилијам Бароуз. Тој ја добил наградата ,,Златен Венец“ на Струшките вечери на поезијата во 1986 година. Она што е интересно е што по завршувањето на меѓународниот поетски фестивал во Струга, Гинсберг престојувал и во Скопје, а сето тоа е запишано од легендарниот хроничар Данило Коцевски во неговиот напис во дневниот весник „Вест“ во 2011 година.
Како што е наведено во написот, Гинсберг во Скопје ја посетил и редакцијата на весникот „Нова Македонија“. Како што наведува Коцевски, во еден момент од разговорот на кој присуствуваа новинарите од Културната рубрика и директорот, Гинсберг прашал: „Директоре, што се случува со поетот Јован Котески. Овластен сум да се интересирам од неколку меѓународни организации за човекови права!“
Понатаму во текстот се наведува: „Настана молк. Во тој период Котески беше во затвор. Обвинет и осуден за непријателска дејност. Но, директорот смирено одговори дека поетот е осуден во регуларен судски процес. Но, на тој одговор Гинсберг постави ново прашање: „А, дали неговите книги можат да се купат во книжарниците?“ „Да, да“ – одговори со сигурност во гласот директорот. „Тој не е забранет поет“ додаде. Тогаш американскиот поет возврати: „Утрово доаѓајќи од хотелот во вашата редакција во неколку книжарници побарав книги од Котески, но немаше.“ „Многу се трошат“, појасни директорот, „не дека се забранети.“ За повеќе информации околу посетата на Гинсберг во Македонија, посетете го овој линк.
Десанка Максимовиќ (1988)
(Десанка Максимовиќ на Струшките вечери на поезијата
Извор: Официјалната страна на СВП на Фејсбук/ автор: Душан Ѓоргон)
Десанка Максимовиќ е една од најистакнатите српски поетеси од втората половина на 20 век. Поетеса, раскажувачка, писателка за деца, дефинитивно има оставено траен белег во поезијата на Балканот и поранешните југословенски држави. Она што е карактеристично и посебно околу нејзиното добивање на наградата „Златен Венец“ во 1988 година е тоа што таа е првата жена што ја добила оваа награда. Починала на 11 февруари 1993 година во Белград.
Јосиф Бродски (1991)

Јосиф Бродски e еден од највлијателните руски поети од втората половина на 20 век. Поет, есеист, универзитетски професор, кој заради неговиот поетски отпор кон авторитарниот режим, бил присилен да емигрира, односно практично бил депортиран во Виена во 1972 година, а потоа емигирал во САД под покровителство на поетот Вистан Хју Оден. Тој ја добил Нобеловата награда за книжевност во 1987 година, а награден бил со „Златен Венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1991 година, но за жал бил спречен да присуствува.
Тед Хјуз (1994)
(Тед Хјуз со наградата „Златен Венец“
Извор: Официјалната страница на СВП на Фејсбук/Автор на фотографија: Душан Ѓоргон)
Едвард Џејмс Хјуз, англиски поет и детски писател, попознат како Тед Хјуз се смета за еден од најдобрите поети од својата генерација, а многумина го знат и како сопруг на поетесата Силвија Плат, чиј живот заврши прерано. Во 2008 година, списнието „Тајмс“ го рангирал Хјуз на четврто место на нивната листа „50 најдобри британски писатели по 1945“, а добил ,,Златен венец“ на „Струшките вечери на поезијата“ во 1994 година.
Махмуд Дарвиш (2007)
(Дарвиш при врачувањето на наградата на СВП заедно со тогашниот претседател на Управниот одбор на СВП, Зоран Анчевски
Извор: Официјалната страница на СВП на Фејсбук/автор на фотографијата: Душан Ѓоргон)
Maхмуд Дарвиш е најпознатиот палестински поет на 20 век. Централна тема во неговото творештво е Палестина како метафора за изгубениот Рај и за болката и разорноста на војната и прогонството. Добил повеќе меѓународни награди, а бил прогласен за добитник на „Златниот венец“ во 2007 година. Она што е дополнително интересно е што Дарвиш има долга поврзаност со Струшките вечери на поезијата, бидејќи патот кон меѓународна поетска афирмација го започнал токму на Струшките вечери на поезијата во 1978 година, кога учествувал како поет на специјалната вечер посветена на современата палестинска поезија. Покрај ова, тој во 2007 година бил прогласен за почесен член на Друштвото на писателите на Македонија.
Маргарет Атвуд (2016)
(Маргарет Атвуд сликана со тогашниот претседател на Управниот одбор на СВП, Славе Ѓорго Димоски при врачување на „Златниот Венец“
Извор: Официјалната страница на СВП на Фејсбук/Автор на фотографијата: Никола Кукунеш)
Maргарет Атвуд е една од најпознатите канадски авторки и дефинитивно една од најпознатите современи писателки во светот. Особено внимание доби во последните години откако нејзината книга „Приказната на робинката“ повторно го фати вниманието на светската јавност и дури и беше екранизирана во вид на телевизиска серија на ХБО (сега веќе ХБО Макс). Таа има издадено неколку романи, поезија, кратки раскази, книги за деца, а се има испробано и како авторка на графички новели. Сега е повеќе позната по нејзината проза, но има значителни остварувања и во поезијата. Има добиено повеќе меѓународни награди и признанија, а наградата „Златнен венец“ ѝ беше врачена во 2016 година.






