Годинава навистина безмилосно лета. Дојде и септември! За некои тоа значи почеток на новата училишна година, за некого крај на летото, а некој можеби токму во септември ќе користи годишен одмор. Како и да е, за љубителите на книги секое годишно време е одлично време за читање. Како и секогаш, денес на блогот прочитајте неколку предлози за читање составени од најдобрите книги што ги прочитав минатиот месец.

„Мидлмарч“ – Џорџ Елиот

Издавачка книга: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт: Навистина нема ништо како добар стар класик! Оваа книга постојано се наоѓа на сите оние листи со книги што човек мора да ги прочита во животот и со години беше на мојата листа на книги што сакам да ги прочитам, но некако никако не доаѓаше на ред. Конечно ми падна во раце и буквално не можев да ја пуштам од рака. Се работи за навистина обемна книга, поделена во два тома, но целиот свет и ликови во Мидлмарч се толку убаво развиени што едноставно човек има чувство како да живее со нив и како да ги следи во чекор.
Овој роман дава одличен увид и слика на англиското општество во тие времиња, преку разложување на животот и односите во едно измислено место по име Мидлмарч. Има неколку паралелни приказни што се расплетуваат низ текот на книгата, но главниот фокус е ставен на Доротеа, млада жена со силни идеи и замисли во главата за тоа како треба да изгледа животот, верувањата и бракот, и која прифаќа брак со Казабон, кој е многу постар од неа. Таа во меѓувреме се запознава и со Ладислав, внукот на Казабон и открива многу нови нешта. Од друга страна, приказната го следи и Лидгејт, млад лекар, кој има силни амбиции и доаѓа во Мидлмарч со надеж дека ќе направи вистински реформи во медицинските науки. Но, околу овие ликови има уште плејада други карактери што го збогатуваат делото и го прават уште побогато и ова е дефинитивно книга што секој треба да ја прочита во животот.
„Девојчински спомени“ – Ани Ерно

Издавачка куќа: ИЛИКА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Ани Ерно ја доби Нобеловата награда за книжевност во 2022 година. Навистина ми беше жал што не можев да најдам ниту едно нејзино дело на македонски јазик, сè додека не налетав на „Девојчински спомени“, и ме заинтересира да видам за каков тип на авторка се работи.
Оваа книга е еден вид на автобиографија, но не е типично раскажување на животната патека. Во оваа книга, Ани Ерно конкретно се навраќа на летото во 1958 година, кога била сосема млада девојка, за првпат далеку од своите родители. Лето во кое многу работи се менуваат, вклучително и таа самата. Преку анализа на настаните и клучните луѓе, таа се обидува да дојде до сржта на нејзиното битие, а преку тоа и читателот е принуден да размислува и за некои свои моменти што влијаеле на неговиот живот. Интересно и проникливо напишана, на моменти непријатна во смисла на тоа дека ве вади од зоната на удобноста, но дефинитивно треба да се прочита.
„Договор за љубов“ – Лорен Ашер

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4.5/5
Осврт: Ова е вториот дел од серијалот за браќата Кејн, а првиот дел веќе еднаш го препорачав на блогот. Доколку сте љубители на романтични комедии, овој серијал е еден од подобрите што излегле во последно време. Одлична приказна за опуштање, за на одмор, за читање по напорен ден. Ќе се насмеете, ќе се разнежните…
Деклан е најстариот од тројцата браќа Кејн и во тестаментот на дедо му е пропишано дека тој мора да се ожени за да стане директор на империјата што ја изградил дедо му. Но, проблемот е во тоа што тој е прилично специфичен и не е многу расположен за создавање и градење врски. Тука влетува неговата асистентка Ирис која се нафаќа да се венча со него и да му помогне во неговите цели. Секако, како што секогаш бидува во ваквите приказни, се случуваат еден куп компликации, но сите вклучени извлекуваат некаква поука.
„Се гледаме во август“ – Габриел Гарсија Маркес

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт: „Се гледаме во август“ е последниот напишан роман на Габриел Гарсија Маркес, кој годинава беше постхумно објавен со дозвола на неговите синови. И некако ми беше сосема соодветно да го прочитам токму во август.
Дејството на приказната ја следи Ана Магдалена Бах која секоја година, на ист ден, во август оди на островот на кој е погребана нејзината мајка и има точно определен ритуал кој секогаш го следи. Таа ноќ која ја минува таму е нешто сосема надвор од нејзината вообичаена рутина што ја има со својот сопруг и своето семејство. Во неа тогаш се будат некои други заспани делови од неа што ја тераат да преиспитува многу делови од својот живот.
Иако е очигледно дека романот не е сосема завршен и јасно е зашто Маркес сметал дека не е подготвен за објавување, сепак во самото пишување ја има онаа добро позната искра и страст на Маркес, неговиот начин на градење на приказната и ликовите и дефинитивно вреди да се прочита.
„Тетка Хулија и скрибоманот“ – Марио Варгас Љоса

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт: Многу работи можат да се кажат за творештвото на Љоса, но сите ќе се согласат дека е неверојатно уникатен и дека кога ќе фатите да читате негова книга, знаете дека ќе читате нешто сосема различно од останатите. Како и секогаш, и овој роман дефинитивно влегува во таа категорија.
Се работи за еден многу млад човек, Марито, кој работи за едно локално радио и кој сè уште се труди да си го најде местото во овој свет. Дејството е сместено во период кога во Лима биле многу популарни радио-драмите, па така Марито се запознава со ексцентричниот Педро Камачо, ангажиран да пишува радио-драми што стануваат неверојатно популарни. Истовремено, тетка Хулија доаѓа во градот и таа и Марито развиваат специфичен однос. Меѓу драмските заплети, навлегуваме и во дел од содржините на радио-драмите и сè тоа заедно сочинува едно многу интересно читателско искуство.
