Дали сте слушнале за книгата со повез од човечка кожа?

Историјата на книгите е фасцинантна. Не само во однос на создавањето на приказните и сите записи, туку и начинот на кој бил создавани, од папируси, до повези од кожа, па сè до денешните модерни книги. Денес на блогот имате можност да прочитате за книгата со повез од човечка кожа, во напис на Сара Кута за „Смитсонијан“. Она што е уште поморничаво е што тоа не е единствената книга со таков повез.

Во последните 90 години, Универзитетот Харвард во својата колекција поседувал книга со повез од човечка кожа. Но, кон крајот на март 2024 година, поради „деликатната етичка природа на книгата“, претставници на универзитетот објавија дека го отстраниле повезот и ја ставиле во складиште додека се одлучат што ќе направат следно.

(извор на сликата: NY Post)

Книгата за која станува збор е „Des Destinées de L’Âme“, или „Судбини на душата“, напишана од францускиот писател Арсен Хусаје во 1879 година. Филантропот и бизнисмен Џон Б. Стетсон Џуниор, како поранешен студент на Харвард, ја позајмил оваа книга на универзитетот во 1834 година, а по неговата смрт во 1954 година, неговата вдовица официјално ја донирала книгата на универзитетската библиотека.

Нејзиниот оригинален сопственик бил Лудовик Булан, француски лекар кој ја добил книгата директно од авторот. Според Универзитот Харвард, Булан го направил повезот на книгата од човечка кожа земена, без согласност, од телото на жена која починала во француската психијатриска болница каде што работел.

Тој сметал дека „книгата за човечката душа заслужува да има човечка покривка“, според рачно напишаната белешка од Булан пронајдена внатре во книгата. Во белешката Булан напишал дека намерно не го украсил ниту ставил печат на повезот за да ја „зачува нејзината елеганција“.

„Гледајќи внимателно, лесно можете да ги разликувате порите на кожата“, се вели во преведената белешка, во напис објавен од Џејкоб Кастренекс во „Verge“ во 2014 година. „Го чував ова парче човечка кожа извадено од грбот на една жена. Интересно е да се видат различните аспекти што ја менуваат оваа кожа според начинот на подготовка на кој е подложена“.

Белешката, исто така, опишува како Булан ја подготвувал кожата за повез, практика позната како „антроподермска библиопегија“ и која според Американскиот музеј на повезување книги, датира најрано од 16 век. Но, антроподермската библиопегија го достигнала својот врв на популарност во текот на раниот 19 век, кога лекарите користеле кожа како повез за книги од нивните сопствени збирки или на барање на државни службеници, кои сакале да се користи кожата на погубените криминалци.

Одлуката на Харвард да го отстрани повезот од својата библиотека „Хотон“ беше поттикната од поширок универзитетски преглед на човечки останки во збирките во нивен посед. Но, библиотекарите одамна знаат дека повезот на книгата е направен од човечка кожа. Овој факт беше потврден со анализа во 2014 година преку користење на отпечатоци од прсти од пептиди, кои ги идентификуваат протеините во примерок од кожа, така што истражувачите можат да го усогласат со видот на цицач.

Библиотекарите признаваат дека „не ја следеле целосно етиката на грижа“ во ракувањето со книгата, вели Ен-Мари Езе, соработничка и библиотекарка на Харвардската библиотека „Хотон“, во една објава со прашања и одговори објавена од универзитетот. По анализата од 2014 година, Харвард ја објави веста во „две сензационалистички објави на блог што беа фокусирани на морбидната природа на предметот, наместо на личноста чија кожа била користена без согласност или нејзините морални импликации“, вели Езе во објавата. Таа додава дека иако објавите на блогот подоцна беа уредени и сега се отстранети, нивниот оригинален тон беше „нешто за што длабоко жалиме и се каеме“.

Покрај тоа, според Езе, студентите ангажирани да работат во библиотеката „пред неколку децении“ биле дел од „универзитетско мајтапење“ кога од нив било побарано да ја земат книгата без да им кажат дека повезот е направен од човечка кожа.

Водачите на библиотеката сега се извинуваат за нивните „неуспеси во минатото“ кои „дополнително го објективизираа и загрозија достоинството на човечкото суштество во центарот“ на дискусијата, вели Том Хири, универзитетски библиотекар и соработник за архиви и специјални збирки.

Харвард, но и многу други институции, вклучително и Смитсонијан, ги прегледуваат нивните збирки во услови на растечко негодување за нивното поседување и третман на човечки останки. Многу музеи, универзитети и федерални агенции имаат посмртни останки на домородните Американци во нивните збирки, и покрај федералниот закон од 1990 година со кој се бара нивна репатријација.

Тој закон, Законот за заштита на гробовите и репатријација на домородните Американци, неодамна беше ажуриран со нови регулативи и треба да го регулира враќањето на посмртните останки, погребните предмети и светите предмети на домородните Американци.

Џенифер Шуслер и Џулија Џејкобс од „Њујорк Тајмс“ објавија дека во есента 2022 година, Харвард објави извештај со детали за човечките останки во своите колекции, како и препораки за нивна грижа и враќање. Во него се опишани повеќе од 20.000 човечки останки, вклучувајќи заби, скелети и прамени коса, од околу 6.500 домородни Американци и 19 луѓе кои веројатно биле поробени.

Документот првенствено се фокусира на човечките останки на поробените луѓе и домородните Американци, но исто така ја спомнува и книгата „Des Destinées de L’Âme“. Тоа ја поттикна библиотеката на Харвард да формира своја работна група за да го истражи потеклото на книгата и да открие што да прави со неа. На крајот, работната група препорача отстранување на повезот.

Повезот повеќе не е достапен за ниту еден истражувач, а сите слики од кожата се отстранети од дигиталните платформи на библиотеката. Книгата без повезот е сè уште достапна, во хартиена и дигитална форма.

Кожата е привремено складирана додека библиотекарите ја истражуваат починатата жена чија кожа била користена за создавање на повезот, чиј идентитет останува непознат. Во консултација со француските власти, тие се надеваат дека ќе им дадат на посмртните останки конечна диспозиција со почит.

„Основниот проблем со создавањето на книгата е лекар кој не видел цела личност пред себе и извршил одвратен чин на отстранување на парче кожа од починат пациент, речиси сигурно без согласност, и го користел за повез на книга која повеќе од еден век минала низ многу различни раце и луѓе“, вели Хири.

„Веруваме дека е време посмртните останки да бидат положени да почиваат во мир“.

Извор.

Leave a comment