Марк Твен за влијанието на патувањето врз разбивањето на предрасудите…

 Марк Твен е еден од најпознатите американски писатели кој исто така бил познат и како остроумен сатиричар и познат по својата добра смисла за хумор, особено кога сакал да опише нешто. Но, дали сте знаеле дека тој многу сакал да патува? Во продолжение прочитајте еден одличен кус текст на Колин Маршал за „Open Culture“ во кој меѓу другото се осврнува и на една многу позната и прекрасна мисла на Твен за патувањето.

(Извор на сликата: Britannica)

Човештвото има создадено многу негативни стереотипи за Американците, некои од нив не се сосема неосновани: нашироко прифатеното верување, на пример, дека Американците не излегуваат многу од земјата. Ја признавам вистината за тоа како Американец – иако Американец кој сега живее во Азија – затоа што секако на почетокот одолговлекував пред да извадам пасош и да патувам низ светот.

Можеби можам да се утешам со фактот дека еден американски книжевен великан ги започнал своите меѓународни патувања дури и подоцна од мене, иако кога стигнал до таа точка, извлекол уште повеќе од тоа – ја создал книгата „Невините во странство“ која стана една од најомилените книги за патувања на сите времиња, но и увид во она што го прави патувањето толку витално и важно.

Патувањата што Марк Твен ги раскажува во книгата започнале во 1867 година на изнајмениот брод „Квакер Сити“, кој го одвел него и група негови сонародници низ Европа и Светата земја, маршрута што вклучувала и застанување на изложба во Париз во 1867 година и патувања низ Рим и Црното Море, па сè до Одеса, сето тоа може да се следи на оваа мапа поставена на страницата посветена на Марк Твен на Универзитетот во Вирџинија. „Во своето сведоштво Марк Твен презема две алтернативни улоги“, се вели во „Библиотеката на Америка“, „понекогаш бесмислениот Американец кој одбива автоматски да ги почитува познатите глетки на Стариот свет (претпочитајќи го езерото Тахо отколку езерото Комо), а понекогаш убаво облечен простак, лековерна жртва на додворувачи и „измамници“ и восхитен обожавател на руското кралско семејство“.

Без разлика дали ќе ja прочитате книгата „Невините во странство“ во изданието на Библиотеката на Америка или во еден од различните бесплатни формати што може да се преземат од проектот Гутенберг, на крајот ќе дојдете до објаснувањето на Твен за целиот проект: не проектот за пишување и добивање на неговата прекрасна награда и популарност, туку самиот проект на патување. Иако многу елементи од искуството во Стариот свет, како и долготрајната изложеност на неговите сограѓани Американци, ја извадиле на виделина неговата застрашувачка способност за жалење, „сјајниот, остроумен и комичен манипулатор со англиските идиоми и американските митологии за себеси и за нејзината врска со минатото“ (како што го опишува Библиотеката на Америка) на крајот признава и вели:

„Не можам да најдам маана за начинот на кој беше спроведена нашата екскурзија. Програмата беше верно спроведена – нешто што ме изненади, бидејќи големите претпријатија обично ветуваат многу повеќе отколку што извршуваат. Добро би било таква екскурзија да се прави секоја година и системот редовно да се инаугурира. Патувањето е фатално за предрасудите, фанатизмот и тесноградоста, а на многу од нашите луѓе тоа им е многу потребно токму поради тоа. Широките, здрави, добротворни погледи на луѓето и нештата не можат да се добијат со вегетација во еден мал агол на земјата цел живот.“

Се разбира, ова се типично „твеновски“ зборови, но многу други писатели оттогаш исто така се обиделе да ги изразат уникатните својства на трошењето време надвор од својата татковина. Како што незаборавно во „Англиското знаме“ им кажа Радјард Киплинг на своите сонародници, неколку децении по „Невините во странство“: „Што треба да знаат за Англија оние што само Англија ја знаат?“

Или како што еден мој пријател писател, добро познат по глобализираната природа на неговите книги и по својот идентитет, еднаш рече: „Ако Американците не патуваат, ние сме како човек што живее во чевел претпоставувајќи ги сите други живеат во полош чевел“. Но, секогаш сè води назад кон Твен, кој знаел дека „ништо толку не го либерализира човекот и ги проширува љубезните инстинкти што природата му ги дала нему како патувањето и контактот со многу различни луѓе“ – и кој исто така знаел дека никој не знае „каков целосен идиот може да стане сè додека не замине во странство“. Сите можеме да смислиме и многу полоши причини за да се упатиме преку океанот.

Извор.

Leave a comment