„Ми се допаѓаш кога молчиш“ – Пабло Неруда

На денешен ден, 23 септември, во 1973 година починал нобеловецот и светски поет, Пабло Неруда. Во негова чест денес на блогот читаме една од неговите песни, а доколку ве интересира повеќе за неговиот живот и неговото творештво, можете да ги погледнете објавите:
Пабло Неруда: Помеѓу поезијата и политиката…
Говорот на Пабло Неруда по добивање на Нобеловата награда за книжевност!
Извонредниот живот на Пабло Неруда доловен преку илустрации…
Видео: Романса и револуција – Поезијата на Пабло Неруда…
Што можеме да научиме од поезијата на отпорот на Пабло Неруда?

Ми се допаѓаш кога молчиш – Пабло Неруда

Ми се допаѓаш кога молчиш
Како да си отсутна,
Ме слушаш од далечина
А мојот глас не те допира
Како очите да ти одлетале далеку, чиниш
Како бакнеж да ти ја запечатил устата.

И зашто сите предмети се полни со мојата душа
Од нив изнуркуваш
Полна со мојата душа
На мојата душа личиш
Ти, пеперутко на сништата,
Ти личиш на зборот –
Меланхолија.

Ми се допаѓаш кога молчиш
Како да си отсутна,
Како да се жалиш, ти пеперутко вљубена како гулаб.
Ме слушаш од далечина
А мојот глас не те допира,
Дозволи ми да замолчам во твојот молк

Дозволи ми да ти зборувам низ твојот молк
Со светлост на светилка, едноставна како прстен.
Ти личиш на ноќ, тивка и ѕвездена
Твојот молк е од ѕвезди
Далечни и искрени толку.

Ми се допаѓаш кога молчиш
Како да си отсутна,
Далечна, со тага исполнета, како да си мртва.
И само еден збор тогаш, само една насмевка е доволна –
За радост
За да сум радосен што тоа не е вистина.

Leave a comment