Прекрасни мисли од „Тунел“ на Петре М. Андреевски!

На 25 септември 2006 година почина Петре М. Андреевски, еден од најзначајните современи македонски писатели, чии стихови и приказни никогаш не губат од својата релевантност и сјај. Досега на блогот веќе сте имале можност да прочитате прекрасни извадоци од „Пиреј“, „Небеска Тимјановна“ и „Последните селани“, а во чест на годишнината од неговата смрт можете да прочитате и прекрасни мисли од неговиот роман „Тунел“ од 2003 година, а тука може да прочитате уште еден прекрасен извадок од книгата што го објавив пред некое време на блогот.

„Тунел“ е роман кој ја следи младата Невена и ни го покажува нејзиниот животен пат, кој ни најмалку не е едноставен. Таа сонува за љубов и мисли дека ја пронашла, но животот има поинакви планови за неа. Она што е интересно се неколкуте различни љубовни интереси во неколку различни етапи од животот и нејзиното лично созревање и учење за себеси, за љубовта и за животот како таков. Во продолжение прочитајте и некои од најубавите мисли во романот.

„Секој човек си го планира некако животот. Но, никој не знае кај згрешил кога ги повлекувал правите и кривите линии, допирните точки, острината на англите. Не може ни со сигурност да си објасни кај му измрдала либелата. Можеби еден ден ќе го открие тоа, но ќе го открие кога не ќе може ништо да измени. Вистина, има и такви чудаци што веруваат во некаква своја видовитост или претсказание што го одредува нивниот живот. И животот си го гледаат од почетокот до крајот. И сами си го подигаат надгробниот споменик, На него ја запишуваат дури и годината на својата смрт. Којзнае, можеби кај нив сè е толку едноставно, па можат да го видат и она што не се гледа. Мене не ме обдарил Господ со такви способности: да можам сè да предвидам. И тоа што ќе се случи и тоа што ќе се заобиколи.“

„Не верувам дека луѓе, кои и во неподносливата болка, сакаат лесно да ѝ се предадат на неминовноста. Па, тие и при намалена свест не се откажуваат од правото да веруваат дека несреќата, сепак, ќе ги одмине. И тоа верување не ги напушта сè додека не ги затворат очите.“

„Па, и дрвото има срце за плачење, а камоли човекот.“

„Зашто и да си сигурен во нешто, ако не можеш да го докажеш, безначајно е да веруваш во него.“

„Потоа градот беше разурнат од големиот земјотрес. И луѓето почнаа да прават споредби меѓу личната и колективната несреќа. И колку едната е ситна, наспрема другата. Иако големата несреќа е составена од многу помали. И дека, без тие помали, не можеш да си ја претставиш големата.”

„А, можеби, сета негова привлечност е токму во тоа важно што не можеш да го откриеш.”

„Ниедна несреќа не се повторува, ѝ велам јас на мајка. Барем не на ист начин.“

„Зашто знам и толку лоши луѓе, вели, што и в оган да ги фрлиш, огнот ќе угасне…“

„Кога тргнува човек некаде, обично бара нешто што му недостига. И никогаш не знае до кај треба да оди и кај треба да застане. Да застане токму до тоа што му недостига.”

„Среќата брзо се троши, вели Јагода. Не можеш да ја распределиш по месеци и по години. И секаде на еднакви делови, вели.”

„Но, ако сите исто мислат, значи дека никој не мисли.“

„Вината никој не ја сака, иако таа, безмалку, е во секого. И вистина е така. Кај некои е повеќе, кај други – помалку, ама сите еднакво не ја сакаат. И бегаат од неа, како од чума. Како од нешто што ти ја собира душата. Но, колку што бегаш од неа, толку таа е поблиску до тебе. Никаде не заостанува и никогаш не те заборава. Како и сенката што оди по тебе. Се гледа во секој твој чекор. Се покажува и кога не сакаш да се види дека е со тебе. Има толку работи што не сакаме никој да ги знае, па дури и ние самите.”

„Ако е за право, не се живее само со своето минато, а сепак ти треба. Без него и иднината никаде не ја гледаш.“

„Друго е тоа дека од сè што ни се случува, најмногу произведуваме болка. Господе, си велам, зошто кога нè даруваше со живот, не ја изостави болката? Па, таа најмногу понижува. А и најдолго трае и се памети.“

„Не е за верување, но да беше толку убав животот, не ќе почнуваше со плачење.”

„Не знам кој направил, но беше било така направено: секој да си одбере една страна во животот. Всушност, таа страна друг ни ја одбира, но сите ја засакуваме како сопствен избор. И едни стојат на едната страна, а другите – на другата. И не знаеш кој стои на погрешната страна. А не знаеш, зашто сите мислат дека се на вистинската. И се гледаат така, сите од својата страна се гледаат. И се мразат и со омразата што ја имаат и кон себеси. Така и се презираат, така и си завидуваат или само се клеветат. А можеби се љубат?“

„Има мигови што ми кажуваат дека ако гледаш во нешто премногу долго, со време ќе почнеш воопшто да не го забележуваш.”

„Луѓето најмногу го осудуваат она што не го разбираат. Зашто, за да бидеш храбар, ти треба и некоја длабока причина. Но, и несебична помош од некого.“

– Олку и на театар не зборуваат, велам јас. Но, животот не се крепи само на зборови…
– Нема зборови што го објасниле животот, вели тој.
– Како ќе беше инаку, ако не беше вака, велам јас.

„Сега гледам дека е најтешко да се направи првиот и решителен чекор. Вториот е веќе полесен. А полесен е, зашто едниот не може без другиот.”

„Не е човекот тегла слатко од смокви, па да видиш што се случува во него.”

„Ништо не сакам повеќе од другите. Сакам барем еднаш да ја завршам насмевката. Вака, сè ми се случува некако до половина.“

„Сега дури сфаќам дека и среќата и несреќата ги разбираме откако ќе нема со кого да ги споделиме.“

„Никогаш не знаеш што тлее во човекот… Вистина, ова никој не го видел, вели, а сепак, го има во приказните. А штом го има во приказните, значи дека го има и во свеста на луѓето. Зашто и приказните ги раскажуваат луѓе, вели.“

„Вистина, љубовта има едно име, но илјадници приказни.“

„Јас ќе те чекам, вели. И сто години да задоцниш, пак ќе те чекам.“

„Животот е еден неизвесен и мрачен тунел.“

„Кај што сме ние, вели, таму е центарот на светот. Секогаш е само таму. Ако се преместиме ние, вели, и тој ќе се премести.“

„Не се рекло напразно дека секоја жена си чува солзи само за еден човек.“

„Веќе е почната онаа сончева скопска есен, долга и неповторлива. Лисјата од липите пожолтуваат и капат и тоа трае и трае, секој ден со иста топлина и милост. Едно толку благо годишно време никогаш не те остава мирен.”

„А и животот е бесмислен ако не сакаш некого.“

„Зашто само ако имаме нешто за сеќавање, само тогаш знаеме и колку време сме биле заедно и колку време сме живееле. И зошто треба да го браниме тој наш живот.”

„Кога ќе бараш нешто назаем, велеше мајка, секогаш да бараш колку што можеш да вратиш. А кога ќе даваш назаем, давај само онолку колку што можеш да простиш, велам.”

„Облеката е измислена за да ти ги покрива недостатоците. А зборот да ти го покажува и тоа што не се гледа.”

„Многу би сакала да знам како се распаѓа таа љубов претворајќи се во омраза. Како може да се обесмисли и да стане толку одбивна? Дури и во добронамерна насмевка да се бара причина за најниски навреди?”

„Сè почнува од некоја недвосмислена потреба да се биде нешто и да се биде со некого. Но, таа потреба, полека, речиси неосетливо полека, ќе почне да се претвора во навика. И од таа навика не можеш да се откажеш. Отпрвин не ја гледаш опасноста, иако постојано пропаѓаш во неа. Ќе ја видиш откако ќе пропаднеш. И откако ќе сфатиш дека нема кој да ти помогне. Но, пред тоа, немаш поважни задачи, ни попривлечни задоволства.”

„Љубовта не треба само еден ден да трае. Туку секој ден и сите 24 часа.”

„Знаете, другарке, вели, ние сето ова што го гледаме: цвеќињата, предметите, водата, божествената утринска светлина, снежните облачиња околу сонцето и сè што мислиме дека е убаво, убаво е само затоа што ние така сакаме. Така е и со животот, вели. Колку повеќе го сакаш, толку повеќе те исполнува. Сè е подредено на нашите сетила, вели. И на нашиот вкус, се разбира.”

„Зашто среќата и несреќата се на мало растојание и постојано се бркаат меѓу себе. Како мракот и светлината што се бркаат. Само што не знаеш кога бега едната, а кога – другата. Како што не знаеш и кога ти е поисполнет животот. Во која од тие две спротиставени крајности? Многупати се случува да сретнеш нов човек, а да ги направиш старите грешки. И без да се сетиш дека тие биле грешки, а ти грешен човек. Но, љубовта не признава правила. Не се врзува само за едно време и само за еден човек. И не се исполнува само низ телесните задоволства. Таа почнува многу од подалеку. Уште во размената на првиот прелажан поглед и во размената на првите зборови. И кога ќе почнеш да веруваш дека сè е поблиску до тебе.”

„Оној што има што да јаде, вели, не верува дека и на другите им се јаде.”

„Не сакам да кријам дека само преку љубениот човек ја славиме и љубовта. Но, и потребата од сигурен сведок за еден возвишен живот на друг живот.”

* мислите се преземени од Петре М. Андреевски, „Тунел“, Скопје: Арс Ламина, 2020

Leave a comment