Се подготвува екранизација на „Оркански височини“ од Емили Бронте!

Оркански височини“ е еден од најпознaтите романи на сите времиња. Емили Бронте со само еден објавен роман се запиша во вечноста и нејзиното име е гравирано со златни букви во историјата на книжевноста. Неверојатната и моќна приказна за деструктивната љубов на Кети и Хитклиф не престанува да ги воодушевува љубителите на книгите, но и академиците, професорите, истражувачите кои постојано се обидуваат да дадат свој осврт, гледиште и анализа.

Освен тоа, овој роман е исклучително присутен и во популарната култура, но и е голема инспирација и за уметниците од други полиња како музиката, филмовите, театарот, итн. Па така, љубителите на овој роман сигурно ќе се израдуваат кога ќе слушнат дека деновиве се потврди шпекулацијата дека ќе снима екранизација на „Оркански височини“.

Според е-порталот „Дедлајн“, кој се смета за сигурен извор и досега секогаш прв ги објавувал овие информации што подоцна се покажале вистинити, следната година ќе започне снимањето на филмот и ќе биде сниман на локации во Велика Британија.

Режисерка, продуцентка и сценаристка на екранизацијата ќе биде Емералд Фенел, која се стекна со слава и признанија со нејзините два филма „Млада жена со голем потенцијал“ (Promising Young Woman) и „Салтбурн“ (Saltburn), а за првиот филм доби и Оскар за најдобро оригинално сценарио. Од она што досега е познато, главните улоги ќе ги толкуваат Џејкоб Елорди и Марго Роби, актер и актерка што моментално се меѓу најбараните и најпопуларните во Холивуд. Според досегашните информации, Марго Роби ќе ја видиме во улогата на Кети, а Џејкоб Елорди во улога на Хитклиф.

Првичните шпекулации за оваа екранизација започнаа уште во јули, кога самата Емералд Фенел ја сподели оваа објава на социјалната мрежа X (Твитер):

На самата објава како што можете да видите нема никаков опис, освен оваа слика со името на романот во средина, над него има мисла од романот: „Биди секогаш со мене, заземи секаква форма, полуди ме“, а најдолу со сосема ситни букви пишува „филм на Емералд Фенел“. Тогаш се крена голема прашина на социјалните мрежи, но оттогаш па сè досега, немаше никаков разговор, ниту шпекулација.

Сега веќе се познати контурите на проектот, иако сè уште не се знае на што поконкретно ќе се фокусира екранизацијата, дали ќе биде сместена во модерно време или ќе биде верна на романот, но за тоа ќе мораме да почекаме.

Интересен е изборот за главните улоги и со оглед на тоа дека станува збор за еден од најсаканите романи на сите времиња, веднаш се појавија жестоки дебати за изборот на актерите. Марго Роби во последната година беше најпозната по мега-хитот „Барби“, а Џејкоб Елорди се смета за еден од најбараните млади актери во Холивуд.

Она што може ќе ги интересира љубителите на книги е што Елорди ќе се појави и во уште една екранизација за која има големи очекувања, а тоа е екранизацијата на „Франкенштајн“ на Мери Шели. На блогот веќе беше објавена информацијата за овој проект на Гиљермо дел Торо, но тогаш Ендру Гарфилд беше најавен дека ќе ја игра главната улога. Во меѓувреме тој се откажа и Елорди беше ангажиран да дојде на негово место. Елорди исто така играше и во вториот филм на Фенел, „Салтбурн“.

Романот „Оркански височини“ бил екранизиран во многу наврати, првпат во далечната 1920 година кога бил направен нем филм, а последен пат имаше филмска екранизација во 2011 година, екранизација што беше многу популарна. Можеби најпопуларна филмска екранизација беше онаа од 1992 година со Жулиет Бинош и Ралф Фајнс во главните улоги, филм што еднаш го препорачав и на блогот и кој од сè срце го препорачувам и денес. Обожавателите на актерот Том Харди можеби не знаат дека и тој го има глумено Хитклиф, но во мини-серија со две епизоди од 2009 година. Инаку правени се екранизации и на други јазици, екранизации што само лабаво ја следат приказната, па дури и модерни реобмислувања на приказната. Доколку ве интересира целата листа на екранизации, погледнете ја оваа листа објавена на Википедија.

Инаку во 2016 година исто така се појави најава за екранизација на овој роман за која имаше објава и на блогот, дури и беа соопштени и актерите, режисерката, имаше соопштение и дека започнало снимањето, како и дека ќе се појави во кината во 2017 или 2018 година, но никогаш повторно не се појави ништо во медиумите за него, иако на IMDB стои филмот дека е објавен.

Ќе го следиме развојот на случувањата, но сигурно сите ќе бидат возбудени кога овој филм ќе излезе!

Leave a comment