На денешен ден во 2003 година нè напушти македонскиот книжевен великан Анте Поповски! Тој е еден од најдобрите македонски поети чии стихови и ден денес се релевантни, споделувани и читани! Најдобар начин да слави нечие творештво е да се споделува и чита, па затоа во чест на годишнината од смртта на Анте Поповски, денес читаме прекрасни стихови од легендарната стихозбирка „Непокор“ од 1964 година, и која ја добила наградата за најдобра поетска книга меѓу два фестивала на Струшките вечери на поезијата. Целата стихозбирка можете да ја прочитате во дигиталната архива на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ од Скопје.
Мрачно е, но, во душата највеќе…
Од каменот до јамката ја барам мојата мала ѕвезда
Што ме загради со очај и неверства.
Се покорувам но кој знае кој пат на тој закон
И не се обидувам да изречам ниту еден збор:
Од молчењето, понекојпат, нема посилна реч.
Мрачно е, но, во душата највеќе…
Не сум поразен, но, горчината ми станува крв.
Зашто така просто е да бидеш немоќен
И зглавјето под тебе кога ќе се плаши
И кога зад тебе твојата сопствена сенка е готова
Да го открие патот по кој и летото одминува
Ќе те напушти и остануваш безмилосно сам. Само
болката е твоја.
Темно е, но, во душата највеќе . . .
Неумоливо се делам на својот крај и својот пат
што негде ќе продолжи
Зашто и маглата и летото и душата разделена е на две
И не обвинувајте никого што во крвта на детето
Владее законот на мајката
И што ако ја нема — те нема.
Да си благословена неизмислена земјо од поетите!

