Џејн Остин е една од најгенијалните писателки на англиската книжевност. Нејзините дела сè уште се читаат ширум светот, таа е инспирација за многу други книги со слична тематика, но и филмови, серии, театарски претстави, итн. Нејзините дела се меѓу омилените дела за екранизација, а судејќи според строгото око на нејзините читатели, голем дел од тие екранизации се исклучително сакани и почитувани.
И до ден денес, академици и истражувачи се фасцинирани од нејзиното творештво и се трудат да одгатнат повеќе за она што е напишано, како и за нејзините ликови. Пред неколку години, истражувачите создадоа фото-робот за тоа како би изгледал легендарниот г-дин Дарси, а се чини дека е пронајдена и инспирацијата за уште еден лик од нејзиниот најпознат роман, „Гордост и предрасуди“. Во продолжение прочитајте ја приказната првично пренесена од Нора МекГриви за „Смитсонијан“.
(Извор на сликата: Jane Austen’s House Museum/Smithsonian)
Слично како и ликовите во нејзините романи, Џејн Остин ја препознавала моќта на првиот впечаток. Кога авторката ја запознала свршеницата на нејзиниот брат, Мери Пирсон, во 1796 година, таа својата остра оценка за новото познанство ја споделила со нејзината сестра, Касандра, пишувајќи: „Ако госпоѓица Пирсон се врати со мене, ве молам бидете внимателни да не очекувате премногу убавина. …. Од она што се сеќавам на нејзината слика, нема некоја голема сличност“.
Еден портрет откриен во 2020 година му става лик на името што се појавува во писмата на Остин. Како што известува Марк Браун за „Гардијан“, луѓето од „Спомен-куќата на Џејн Остин“ откупиле минијатурен портрет на Пирсон од трговецот со уметнички дела Филип Мулд . Пирсон била ќерка на поморски офицер која имала кратка, несреќна свршувачка со Хенри, постариот брат на Остин. Музејот купил и минијатурни портрети на тројца соседи на семејството Остин, Дигвидс.
Според изјавата, историчарите претходно теоретизирале дека Пирсон е инспирирација за ликот на Лидија Бенет, централна фигура во едно од најпознатите дела на Остин, „Гордост и предрасуди“. Како што вели историчарката на уметност, Ема Радерфорд, Пирсон била „млада и убава девојка која се впуштила во краткотрајна свршувачка со еден впечатлив млад војник“. Петнаесетгодишната Лидија исто така влегува во виорна романса со војникот Џорџ Викам.
Во „Гордост и предрасуди“, Остин пишува дека импулсивната Лидија која била заинтересирана само за флертување и момчиња, како и нејзината сестра Кити „не можеле да зборуваат за ништо друго освен за офицери; и големото богатство на г-дин Бингли, чие име ѝ даде занимација на нивната мајка, беше безвредно во нивните очи споредено со полковите“. Но, иако во книгата Лидија останува со Викам, Хенри Остин ја раскинал свршувачката со Пирсон, и следната година се оженил со вдовицата Елиза Хенкок.
Софи Рејнолдс, менаџерка за збирки и интерпретации на „Спомен-куќата на Џејн Остин“, за „Гардијан“ изјавила: „Лидија е прилично фантастичен лик. Таа е навистина среќна поради фактот што прва се омажила, таа мисли дека тоа е вистински триумф. Сосема е лесно за нашето општество да ја сфати таа опсесија за бракот како еден вид проблем, но во тоа време тоа било нешто што со сигурност е она што требало да го направите“.
Британскиот уметник Вилијам Вуд ја насликал сликата во акварели на овал од слонова коска, и истата е опкружена со златна рамка. Пирсон е прикажана облечена во бел фустан од муслин, со нејзината темна коса зафатена во нагорна линија. Прамените од темно кафеавата коса на моделот биле испреплетени во дизајнот на задната страна на портретот – практика вообичаена за викторијанското доба на изработка на накит и уметност, барем според написот на Алисон Мејер за „Артси“ во 2018 година.
За време на викторијанската ера, минијатурните портрети биле преносливи (и често скапи) и создадени како спомени за саканите. Бидејќи портретот на Пирсон е создаден во 1798 година, Рејнолдс вели дека музејот претпоставува дека тоа го означило нејзиното повторно враќање во општеството по неуспешната свршувачка.
„Хенри ја прекинал свршувачката на прилично катастрофален начин за Мери“, објаснува Рејнолдс. „Таа всушност се омажила дури по речиси 20 години“.
Остин разменувала писма со Пирсон во годините по неуспешната романса, а според Џон Спенс и неговата книга „Да се биде Џејн Остин“, дури и ѝ вратила пакет со писма што му ги напишала на Хенри за време на нивната свршувачка. Но, преписката меѓу нив подоцна престанала и во периодот околу 1807 година, кога и Остин и Пирсон живееле во Саутемптон, авторката за домот на Пирсонови рекла дека тоа е „единственото семејство во ова место кое не можеме да го посетиме“.

