Сергеј Есенин – Кој сум? Што сум?

На 3 октомври 1895 година се родил еден од најпознатите руски поети, Сергеј Есенин. Иако неговиот живот бил краткотраен и починал на само 30 години, тој зад себе има оставено неверојатни стихови, а во продолжение прочитајте една негова многу позната песна и стихови.

***

Кој сум? Што сум? Сонувач некој,
Сините очи што ги изгубил в мрак.
Го живеев овој живот како и секој
На овој свет што веќе не му е драг.

И јас по навика те бакнував често,
Како и други што сум бакнувал.
И како со кибрит осветлено место –
Нежни зборови сум ти шепнувал.

„Мила моја“, „душо моја“ и „засекогаш“,
А во душава постојано студенило исто.
Иако страста ја допираш понекогаш,
Во тебе веќе ја нема вистината чиста.

И затоа мојава душа нема ни грижи
Ниту желба има, ниту ѝ треба оган.
Ти си моја тенка бреза што се движи,
Родена си за мене, но и за друг, поган.

Секогаш си бараш слична на себе
Мачејќи се во нежноста болна,
Јас не сум ти завидувал тебе.
Ниту, пак, се лутам, ниту те колнам.

Кој сум? Што сум? Сонувач некој,
Сините очи што ги изгубил в мрак.
Го живеев овој живот како и секој
На овој свет што веќе не му е драг.

Препев од руски јазик: Славе Ѓорѓо Димоски
Од стихозбирката „Песни“ – Сергеј Есенин, во издание на ПНВ публикации: Скопје, 2021

Leave a comment