Што читаше Кафе и книги во септември?

Почна есента, пристигнаа постудените денови, а пристигна и октомври, а тоа значи дека е време за стандардната листа со препораки за читање составена од книгите што ги прочитав минатиот месец. Во продолжение прочитајте што читаше Кафе и книги во септември!

Дворјанско гнездо“ – Иван Тургенев

Издавачка куќа: Бегемот
Оцена: 5/5
Осврт
: Месецот одлучив да го започнам со добар класик и дефинитивно го направив вистинскиот избор! Се работи за едно неверојатно интересно проткајана приказна, со плејада на разновидни ликови и ситуации на виделина покажувајќи ја ситничавоста на „дворјаните“, на луѓето, на оние што се замислуваат дека се дел од високото општество, но и болката кога човек ќе го загуби она што го љубел…

Главното дејство во приказната се врти околу Лаврецки, човек што се враќа во местото каде пораснал каде се шират гласини за тоа што се случило со неговата сопруга. Од друга страна ја имаме Лиза, млада девојка која исто така е на крстопат во животот кога се среќава со Лаврецки, а во тој процес се запознаваме и со други интересни ликови и нивните животни патишта. Неверојатно интересна книга, прекрасна нарација, како и кај други книги, многу сакам кога нараторот всушност честопати ни се обраќа нам, на читателите, како сите да сме заедно на тој пат заедно со ликовите. Топла препорака!

Поезија“ – Десанка Максимовиќ

Издавачка куќа: МАТИЦА
Оцена: 5/5
Осврт
: Десанка Максимовиќ е една од најдобрите поетеси во историјата на Балканот. Нејзините прекрасни стихови едноставно имаат начин како да ве допрат, да направат да размислите, конкретно да доловат одредено чувство или мисла за која човек немал зборови, но таа знае како да го долови со своите стихови.

Затоа месецов решив да го прочитам ова издание на Матица со собрани песни од Десанка Максимовиќ. Се работи за одлично издание чии стихови како да се читаат во еден здив. Дополнително, ова издание е прекрасно поради тоа што препевите се од некои од нашите најпознати поетски имиња и даваат дополнителна тежина.

Идис“ – Робер Бадинтер

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Повеќето луѓе во Македонија слушнале или го знаат Бадинтер од политичкиот живот, но малкумина го знаат по она што го напишал. „Идис“ е книга која открива една друга страна на Бадинтер. Тој ја раскажува приказната на неговото семејство, фокусирана на неговата баба Идис и нејзиниот пат да стигне до Франција и животот што го изградила таму за себе и своето семејство.

Се работи за неверојатно емотивна книга, биографија за една жена и едно семејство што морале да поминат низ многу препреки и животни тешкотии за да стигнат во безбедната зона што во тоа време била Франција, само за повторно да се соочат со уште поголема животна закана – нацистите, нацизмот и подемот на Хитлер и Втората светска војна. Ова е книга што нема да ве остави рамнодушни, а и начинот на кој Бадинтер со толкава љубов зборува за својата баба и мајка и нивните судбини, ќе ве трогне и искрено ќе ве замисли за важноста на семејството и силата на љубовта.

Љубов, теоретски“ – Али Хејзелвуд

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт:
Кога станува збор за романтични комедии, Али Хејзелвуд е ненадминива од поновите авторки. Доколку барате нешто за опуштање и смеење, ова е одлична книга за вас. Досега веќе ги имам препорачано нејзините книги на блогот и ако веќе сте ја читале, знаете што е дел од нејзиниот шарм како авторка – ни дава увид во академскиот живот, особено во САД.

Елси работи како професорка на неколку помали факултети, но е многу слабо платена, па затоа мора да земе дополнителна работа, да глуми „лажна девојка“ на момци што имаат потреба од придружба на свадба, семејни настани, итн. По сплет на околности се случува таа да добие можност да ја добие работата од соништата, но Џек Смит можеби ќе го растури она за кое сонува. И таа решава да се бори за себеси. Одлична, забавна, со интересен хумор – супер книга за бегање од реалноста.

Химна“ – Ајн Ренд

Издавачка куќа: ПНВ Публикации
Оцена: 4/5
Осврт
: Ова е краток роман погоден за љубители на дистопии и помрачни книги. Се чита брзо и иако не е на нивото на други дистопии како „1984“, „Храбар нов свет“ и „Фаренхајт 451“, сепак е добар додаток кон овој жанр и дава една перспектива за колективот наспроти индивидуалноста. Овој роман ја потенцира нужноста на тоа човек да научи да вели „Јас“, наспроти „Ние“ и слободата на тоа човек да го открие тоа свое „Јас“ за да може да биде најдобра верзија што може да биде.

Книгата започнува со претставување на едно целосно контролирано општество, каде човечкиот живот и судбина се определени уште од моментот на раѓањето на единката, општество во кое индивидуалноста и посебноста се казнуваат и не се толерирани и каде сите имаат однапред дадено име-код и сите за себе зборуваат во множина и „Ние“, а никој не вели „Јас“. Интересна книга што може да ја прочитате и на едно седнување.

Leave a comment