На 88-годишна возраст, денеска почина еден од нашите најпознати современи поети и книжевници – Михаил Ренџов.
Михаил Ренџов се родил на 25 август 1936 година во Штип, а по завршување на средното училиште, студиите ги продолжил на Правниот факултет во Скопје. Ренџов бил член на Македонскиот ПЕН центар и на Друштвото на писателите на Македонија, а бил и прв уредник на Блесок Поезија.
Автор е на книгите: Иселеник на огинот (поезија, 1965), Ноќно растење на зборот (поезија, 1967), Каде од оваа страна (поезија, 1968), На работ од сонот (поезија, 1972), Страв (поезија, 1976), Полноќ (поезија, 1979), Нерези (поезија, 1982), Аутодафе (поезија, 1985), Феникс (поезија, сонети, 1987), Земја. Потоп (поезија, 1991), Сонување патување (книга за деца, 1991), Тој (лирска поема, 1993), Шпил 33 (поезија, 1994), Вечната бесконечната (поезија, 1996), Јас оксиморон (поезија, 1998), Ангела сонува (поезија за деца, 1998), Псалми (поезија, 2000), Апокалипса (драмска поема, 2002), Раскази за Захариј (раскази, 2004). Покрај повеќето препеви, автор е на препевот на Гилгамеш, асиро-вавилонски еп (3 изданија: 1994, 1997, 2000).
Добитник е и на многу значајни награди: Награда на СВП за необјавена песна (1964), „Ноемвриска награда на градот Штип“ за книгата „Иселеник на огнот“ (1965), „11 Октомври“ и „Браќа Миладиновци“ за книгата „Нерези“ (1982), „Григор Прличев“ за препевот на книгата „Тиранија на сонот“ од Каролина Илика, „Прличев ловоров венец“ за поемата „Тој“ (1993), “Grand prix international” за севкупно творештво, Романија (1997), „Златно перо“ за препевот на книгата „Мудрости и горчини“ од Дритеро Аголи (1998). „Ацо Шопов“ за книгата „Јас Оксиморон“ (1999), Македонска номинација за наградата „Балканика“ (2000), „Рациново признание“ за „Раскази за Захариј“ (2004).
Во чест на животот и творештвото на Михаил Ренџов, денес читаме негови стихови.
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е белата ружа што ќе ми ја објасни
Тајноста на облаците
Модрината на моите луди патувања
Изворот на мојата неверна душа.
И штом го приврзам бродот мој
За сребрената китка на ноќта
Ќе умеам ли да го принудам ветерот
Да ми ја објасни јароста на едрата
Патот што ми ја зароби стапалката
Морето што ми го принуди брегот на ропство?
Ќе умеам ли да им ја вратам
Песната на птиците, гулабот на старите писма
Тагата во темното око на киклопите.
Ќе умеам ли да си го објаснам срцето
Рането со илјада месечини и ѕвезди?
2
Блиска е ноќта во која ќе отпочинам
Блиска е таа модроока тажалка
Што ми ги ткае тајните на патот
Во ленена постелка
За ковчегот.

