На 14 октомври 1888 година во Нов Зеланд се родила познатата писателка Кетрин Менсфилд. Македонската читателска публика досега имала можност да се запознае со нејзиното творештво преку збирките раскази: „Прием во градината“, „Среќа и други раскази“ и „Детинесто, но многу природно“. Во чест на денот на нејзиното раѓање, денес на блогот прочитајте еден извадок од Хелен Симпсон од нејзиниот предговор на едно англиско издание на „Диви места: Избрани раскази од Кетрин Менсфилд“, уреден и објавен од весникот „Гардијан”.

Како и зошто Кетрин Менсфилд предизвика такви полaризирaни екстреми на восхит и непријателство, и за време на нејзиниот живот и по него? Педесет години по нејзината смрт, телевизиската серија на „Би-Би-Си“, „Портрет на Кетрин Менсфилд“ во 1973 година прикaжa бaлaнсирaн пример за нејзината репутација. Високата, интензивна Ванеса Редгрејв јa играше Менсфилд; ниската, збунета Анет Крозби се нaјде во улогaтa нa нејзината посветена пријателка Идa Бејкер (позната како Л.М.), со Џереми Брет како сопругот на Менсфилд, Џон Мидлтон Мари, кој ги вади очилата секогаш кога треба да изрази емоционална несоодветност, a тоa се случувa често.
Во придружното интервју за „Радио Тајмс“, 85-годишната Л.М., директна до крај, рече дека серијата не ѝ изгледала реална бидејќи Кетрин била пониска од неа; таа била високата. (Еден од помалку љубезните прекари на Менсфилд за Л.М бил „Планината“). Биографскиот филм нашироко го следи стремежот на Мари да ја утврди својата покојна сопруга како еден вид секуларна светица и нејзината последна желба да направи нешто визионерски од нејзината смрт, што ги налути оние што ја познавале и ги збуни новите читатели кои нејзиното творештво го сметале за смешно и убаво пред да дојдат во контакт со митот за неа.
По филмот следеа јато биографии, а најдобрите две презентираа запрепастувачки различни портрети на Менсфилд. Епскиот живот на Новозеланѓанецот Антони Алперс од 1980 година беше сочувствителен до степен на аванкуларен. Читателот не може, а да не биде трогнат од неговиот приказ за страсната надарена девојка која се лансира на книжевната сцена илјадници километри од дома на основа на неколку од најнекорисните афоризми на Оскар Вајлд. Во една тетратка од девојчинските години таа ги препишала неговите мисли: „Туркајте сè до онаму каде што може да се турка“, и „Единствениот начин да се ослободите од искушението е да му се препуштите“ и така натаму (и свои, напишани во имитација: „Никогаш не палете изгасена цигара или стара страст“).

(извор на сликата: The Collector)
После ова, „Тајниот живот на Кетрин Менсфилд“ од Клер Томалин издадена во 1987 година беше шок. Во својот предговор таа напиша: „Нејзиниот живот беше болен и беше болна задача да се пишува за тоа“, и ја пофали „непромисленоста и скрупулозноста“ на Менсфилд. Во самата биографија, таа проценува дека, меѓу другото, „цел живот била лажга – ова нема како да се заобиколи“. Претходно, Бриџид Брофи ја опиша „канибалската имагинација“ на Менсфилд како управувана од „бесен импулс на агресија“, дури и сугерирајќи дека гневот „веројатно бил еден од предизвикувачите на нејзината болест“.
Реагирајќи на слични осудувања, Филип Ларкин напиша: „Сите овие работи за омразата и гневот ме тераат да се запрашам дали ја добиле истата книга како и јас. Дали тие никогаш не биле лути или гневни? Зарем тие никогаш не си ја олеснуваат душата?“ Тој сугерираше дека каков било бес кај неа произлегол од тоа што се заразила со туберкулоза и се омажила со човек кој „играл и се умилкувал на нејзините разговори и замисли за две деца што се држат за раце, но бил сосема задоволен што живеел одвоено од неа и за него вистинската кохабитација со неа бил вистински напор“. Како тогаш да се објаснат овие екстремно спротивставени мислења?
Едно објаснување би можело да лежи во острото чувство на Менсфилд за апсурдот и впечатливиот недостаток на нешто понизно во нејзиниот став – без разлика дали кон мажите или кон кој било моќен или богат или влијателен човек. „Бранувањето од смеа“ (омилена фраза на Менсфилд) што се провлекува во текот на нејзиното пишување може да предизвика чувство на навреденост (особено кога доаѓа од млада Новозеланѓанка која е на почетокот од својата кариера). Смислата за хумор кај една жена е меч со две острици. Кога била објавена една од нејзините најубави трагикомични приказни, „Ќерките на покојниот полковник“, рецензентите оцениле дека е „сурова“; а во едно писмо од 1921 година, Менсфилд напишала: „Речиси е страшно да се биде толку погрешно разбрана“.
Речиси. Дури и нејзините непријатели ја коментирале и фалеле нејзината храброст. Односите на Менсфилд со англискиот книжевен свет и особено со групата Блумсбери во најмала рака биле конфликтни. Таа била „аутсајдер“, третирана како „малата колонијалка што шета по лондонската градина – ѝ беше дозволено да разгледува, можеби, но не и да се задржува“, како што во 1919 година напишала во нејзиниот дневник. Нејзиниот акцент, меѓу другите, го исмејувал и Руперт Брук. Вирџинија Вулф неславно опишала дека мириса на „цивета мачка што тргнала да шета на улица“; Дора Карингтон ја оценила како „типична жена од подземјето, со речник на жена-риба од Вапинг“, а Литон Страчеј како „она суштество што личи на метла со гнасна уста и вирулентно и дрско лице“.
Од оваа гледна точка, отровот личи како да е на граница на лудило, но на крајот на краиштата, таа била бестрашна во тоа да им се спротиставува, духовита и способна да ги натера собите да се тресат од смеење. „Мислам дека во тие денови, никој никогаш не ме насмеал повеќе од неа“, напишал Леонард Вулф во својата автобиографија. „Немаше сенка од отсјај на насмевка на нејзиното лице кое личеше на маска, извонредната смешност на приказната беше зголемена со блесоци на адстрингентна духовитост“.

(извор на сликата: English Literature.net)
Нејзината приказна „Среќа” е можеби поучна во овој случај. Може да се толкува релативно директно (сиромашната заблудена Берта и нејзиниот маж кој ја изневерува); или, како остро забележан сатиричен портрет на целата привилегирана екипа, вклучително и Берта, со нивните свесно боемски чувствителности и нивното грубо привилегирано слепило пред класните нееднаквости. Во него, Менсфилд ја опишува лондонската метрополитска елита од нејзиното време, „модерните, возбудливи пријатели, писатели и сликари и поети или луѓе заинтересирани за социјални прашања – токму пријателите што тие ги сакаа“.
Писателот Еди Ворен пристигнува на вечерата по „страшното искуство со таксист; тој беше најзлобен. Не можев да го натерам да престане. Колку повеќе тропав и викав, тој одеше побрзо. И на месечината оваа бизарна фигура со сплескана глава свиткана над малечкото тркало…“ Не треба човек да имал лично познанство со „Бобинките Блумс“ (како што ги нарекла Менсфилд, а се работи за игра на зборови, дружината се нарекувала Bloomsbury, а таа ги нарекувала Blooms Berries, berry е бобинка, м.з) за да почувствувате дека се скицираат некои прилично остри карикатури. Не е ни чудо што Вулф го фрлила расказот на подот кога го прочитала. Менсфилд очигледно била сила со сопствена тежина.
Вулф и Менсфилд одржувале непријатно пријателство во текот на шесте години познанство. „Имаме иста работа, Вирџинија“, ѝ напишала Кетрин на постарата жена, „и навистина е многу интересно и возбудливо што и двете, сосема одвоени една од друга, сме во потрага по речиси истото. Знаеш дека сме; тоа не може да се негира“. Вулф напишала: „Бев љубоморна на нејзиното пишување – единственото творење на кое некогаш сум била љубоморена“. Менсфилд починала на 34 години; Вулф во тој момент имала 40 години и само што го објавила „Собата на Џејкоб“, првиот нејзин роман што се ослободил од традицијата.
Менсфилд се восхитувала на сериозноста на Вулф во врска со пишувањето, но таа сигурно не била воодушевена од неа: таа „не е дел од нејзината тема – лебди, се спушта, скинува, прави прекрасни летови – ги гледа прекрасните одрази во водата што птицата мора да ги види – но не е човечки“. Ако ништо друго, како писателка, Менсфилд имала повеќе заеднички точки со Д.Х. Лоренс – непромисленоста, мултисензорната непосредност, почитувањето на она што таа го нарекла „топол сензационален живот“.
Нивното пријателство било бурно. Ниту Менсфилд не била баш воодушевена и од него. „Какво и да е вашето несогласување со него, тој вели дека тоа е затоа што сте згрешиле со вашиот пол и припаѓате на непристоен дух“, напишала таа, а кога таа и Мари изнајмиле куќа покрај Лоренс во Корнвол, таа му предложила да ја нарече неговата куќа „Фалусот“. И покрај наизменичната неподносливост на Лоренс („Одбивна си ми кога се храниш“, ѝ напишал тој од Капри; иронично, бидејќи сега се смета веројатно дека самиот Лоренс бил тој што ѝ ја пренел туберкулозата на Менсфилд), таа напишала за неговиот роман „Ароновата трска“: „Не одам до крај со Лоренс. Неговите идеи за сексот не ми значат ништо. Но, се чувствувам поблиску до Л отколку до кој било друг“.

(извор на сликата: The Public Domаin Review)
Во различните осамени хотелски соби на континентот каде што престојувала во потрага по добра клима за нејзините бели дробови во текот на последните години, Менсфилд лежела будна во текот на ноќта и го повикувала Чехов, нејзиниот колега и по туберкулоза и туторско божество, а и самиот не толку одамна мртов, бидејќи починал во 1904 година, на 44 години. Таа го сакала и почитувала неговото творештво, и навистина е заслужна за внесувањето на неговата таканаречена бесплотност во формата на расказ на англиски јазик. Во својот дневник во 1918 година напишала: „Ах, Чехов! Зошто си мртов? Зошто не можам да разговарам со тебе, во голема темна соба, доцна навечер – каде што светлото е зелено од развејаните дрвја надвор. Би сакала да напишам серија „Рајови“: тоа би било едно нешто“.
Менсфилд била храбра и авантуристика, Нова жена и посветена уметница која многу рано, скапо ги плати слободите што ги бараше. „Аутсајдер“ насекаде, таа го имаше реткиот дар на близината. Фактите за нејзиниот живот на крајот беа сурови, дури и трагични, но нејзиниот талент беше комичен, а нејзината проза е осветлена од нејзината будност кон убавината и – што е најтешко од сè за анализа – нејзината непогрешлива радост што е жива и ѝ дава живот на страницата што е можно појасно. „Количината на моментна и деликатна радост што ја добивам гледајќи луѓе и работи … е едноставно огромна“, напишала таа во својот дневник; „деталите на животот, животот на животот“.
