Ѕирнете во тајните напуштени станови на Јавната библиотека во Њујорк…

Библиотеките се вистинско богатство, места што овозможуваат пристап до книгите по симболични цени, места каде секој читател се чувствува добредојдено и среќно. Но, дали сте помислиле како е да се живее во една библиотека? Пред неколку години на блогот беше објавен текст за човекот што пораснал во библиотека, а денес на блогот навлегуваме во една малку необична тема, а тоа се тајните и напуштени станови што биле дел од системот на Јавната библиотека во Њујорк. Текстот е на Сара Ласков за порталот „Атлас Обскура”.

(Библиотеката „Форт Вашингтон“ во 1914 г.
извор: New York Public Library/Public Domain)

Порано имало забави во становите на најгорните катови на библиотеките на филијалите во Њујорк. Во другите ноќи, кога библиотеките биле затворени, децата што живееле таму можеле да седат сами и да читаат помеѓу полиците на книгите или да се тркалаат по дрвените колички од библиотекат, кога не ги бришеле полиците или лопатата со јаглен. Нивните исцртани линии за куцкамен се наоѓале на покривот. Мачка можела да се искраде по скалите за да ги ѕирка чуварите на библиотеката.

Кога овие библиотеки биле изградени, некаде пред околу еден век, им биле потребни луѓе да се грижат за нив. Ендрју Карнеги му подарил на Њујорк 5,2 милиони долари, во вредност од над 100 милиони долари денес, за да се создаде систем на библиотечни гранки низ целиот град, а овие згради, библиотеките „Карнеги“, се загревале на јаглен. Секоја од нив имала чувар, кој имал задача да ја одржува топлината и кој живеел во библиотеката, најчесто со своето семејство. „Семејната мантра беше: Не дозволувај таа печка да згасне“, изјавила за „Њујорк Тајмс“ една жена која пораснала во библиотека.

Но, од 70-ти и 80-ти години на 20 век , кога печките на јаглен почнале да се надградуваат и заменуваат, а чуварите на библиотеката почнале да се пензионираат, тие станови останале празни, а идилата на живеење во библиотека исчезнала. Многу од становите исчезнале и биле вградени назад во зградите преку реновирање за помодерна употреба. Денес има само 13 станови останати во системот на Јавната библиотека во Њујорк.

(извор: Atlas Obscura)

Некои со децении биле оставени празни и запоставени. „Менаџерите некако кротко ми велеа: Сакаш ли да го видиш станот?“ вели Ајрис Вајншал, главна оперативна директорка на библиотеката, која на почетокот на нејзиниот мандат ги обиколила сите филијали што се дел од нивниот систем. Првиот пат кога тоа се случило, таа ја имала истата реакција на секој љубител на библиотеката: „Има стан овде? Можеби би можела да живеам во станот“.

„Тие ми велеа, ѕирнете слободно, само внимавајте кога одите таму горе“, вели таа. „Беше лудо. Може да го имаш овој прекрасен Карнеги…“

„И тогаш… изненадување!“ вели Риса Хониг, раководителка за капитално планирање на библиотеката.

„Одиш на третиот кат…“

„И наоѓаш опседната куќа“.

(извор: Zach Gross/Atlas Obscura)

Долниот дел на огранокот на библиотеката „Форт Вашингтон“ делува големо и светло. Библиотеките „Карнеги“ имаат високи тавани и проѕирни прозорци наменети да ги одржуваат зградите лесни и ладни; секој од долните два ката е отворен простор обложен со книги, а на второто ниво неколку огромни, шарени абажури лебдат над детскиот дел.

Низ основата на широките скали што водат до следниот кат се протега ниска дрвена порта. Стапнувањето на тоа последно скалило дава чувство како да избледуваме и се претопуваме во друга зграда. Водена дамка го затемнила ѕидот, а на гравираните скали има наталожена прашина од излупената боја која изгледа како одозгора да паднал првут .

На врвот, скалите водат кон голема, излитена просторија со високи тавани. За да влезете, поминувате низ добро изработена дрвена рамка на она што некогаш било ѕид; сега има празен простор каде што порано биле вратата и прозорците. Предната соба е кафеава и полна со текстури на напуштеност – ѕидовите и таванот изгледаат како да ја отстрануваат мртвата кожа. Некогаш библиотеката била домаќин на изведби во овој простор и се танцувало, но сега прекрасно обликуваниот таван е делумно покриен со правоаголни метални канали.

До станот се стигнува преку помала врата по скалила. Внатре, има долг, темен ходник кој се протега по должината на зградата. Собата десно некогаш имала два големи прозорци на далечниот ѕид. Тие гледале кон покривот на библиотеката. Сега, на нивните места, има ѕидови од бетонски тули кои ги блокираат несаканите посетители, но и светлината.

Ниту прекинувачите за светло не работат, но дури и без осветлување, јасно е дека последното семејство што живеело овде, веројатно пред четвртина век, се обидело да го направи станот посветол. Ѕидовите се обоени во живописни сини и жолти нијанси; подот во едната просторија, сега половина откорнат, е со дијамантски дезен со зелена и розова боја. Ниту една површина што може да биде украсена не е оставена да стои така.

Станот не делува опседнат, точно, туку осамен и оставен. Меѓутоа, има мистериозна црна врата, во три дела и ред ѕвона покрај неа. Никој не знае каде води, а и заглавена е. Тоа е врата што на почетокот на хорор филмовите некој ја отвора и ослободува демон или гладно суштество.

(извор: Atlas Obscura)

Отворен со клуч, средниот дел открива ѕид, кафеав и текстуриран како исушени алги. Тоа е задниот дел на вратилото. Ако погледнете нагоре, има стаклена чинија што го задржува дождот надвор. Ако погледнете надолу, дупката паѓа во подрумот.

Ако ја тргнеме настрана оваа „смртоносна стапица“, ова би бил еден од поубавите библиотечни апартмани за живеење. Честопати процутот што ги направил библиотеките „Карнеги“ посебни – големите прозорци и украсните калапи – биле изоставени од апартманите за чување, но овој има некои убави детали .

Станот е и поголем од другите. Ако свртите десно во кујната, а има уште две спални соби; ако поминете покрај него има друга просторија одзади. Еве како изгледа планот:

(извор: New York Public Library/Atlas Obscura)

Во задната спална соба, на ѕидот сè уште виси мало, валкано огледало, на висина на очите. Кога ова би било моја соба, тука би можела да застанам да ставам маскара. Две правливи налепници сè уште се залепени на вратата: една за филмот „Мапети“, една што ги предупредува другите: „Тропни пред да влезеш“.

Во кујната, каде што ѕидовите се покриени со тапет што имитира камен, има други остатоци од претходните животи – полароид од новогодишна елка и честитка со пиратска тематика, адресирана до Дејвид Џеј од Вилијам Џеј, која гласи: „Ти за мене си вистинско богатство“.

На денешниот пазар на недвижности во Њујорк, овој стан не е непривлечен. Да, ќе треба да се исчисти и модернизира пред некој да се всели внатре. Едниот тоалет во станот е свртен во аголот. Но, собите се доволно големи, кујната може да собере повеќе луѓе, а и се наоѓа во библиотека. Да се ​​најде толку празен простор каде било на Менхетен е реткост. Одење во добро користена зграда и наоѓање празен кат е како да знаете голема тајна.

За библиотеката, сепак, овие станови се отпад, речиси срам. Тие биле изградени за одредена намена, кога библиотеките можеле да опстанат само со позајмување книги. Сега, кога многу библиотеки повторно се обмислуваат себеси, и нивните физички простори мора да се преобразат.

„Имаме толку многу барања за нашиот простор, покрај книгите, што е речиси криминално да не се претворат овие станови во програмски простор“, вели Вајншал.

Дури и предводникот на зградата на „42. улица“ некогаш имал стан во неа, окупирана од началник кој бил црнец, шанкер, човек од Харвард, инструктор по бокс и дизајнер на Томас Едисон. Семејството се иселило во 1941 година, бидејќи на библиотеката ѝ бил потребен простор за мимеографска соба, телефонска табла и простории за пушење.

Во „Форт Вашингтон“, сега, програмската соба на библиотеката е темен и тесен простор на вториот кат. По училиште, кога ќе пристигнат децата и тинејџерите, долните два ката брзо се полнат. Тинејџерите треба да останат на првиот кат, со возрасните; воспитувачите после училиште се препираат со родителите околу соодветното ниво на бучава. Овде нема ни лифт, па кога родителите ги носат децата за време на делот за раскажување приказна, влезот е преполн со фаланга од колички.

Затоа библиотеката еден по еден ги реновира становите. Недалеку од „Форт Вашингтон“, во филијалата „Вашингтон Хајтс“, третиот кат е речиси подготвен за повторно отворање. Стаклениот лифт се отвора на ново обоен ходник, светло сина не толку различна од бојата во темниот стан. Во таванот, белите кругови на новите тела создаваат базени на светлина. Предната соба има ист квалитет како „Форт Вашингтон“, но оваа е свежо бела.

Станот овде беше ослободен неодамна; сè уште има луѓе во персоналот кои се сеќаваат на г-дин Адамс, последниот чувар, па дури и по неговото заминување, вработените доаѓале овде за да ја користат бањата, па дури и кадата со канџи како ногарки. Сега, сепак, просторот е поделен на помали, анонимни соби; кујната има сосема нов фрижидер.

Реновирањето овде не е сосема завршено, но собите изгледаат убаво. Практично. Подот изгледа како секој нов простор во 2016 година. Би било тешко да се каже дека некој некогаш живеел овде или дека оваа вековна библиотека воопшто имала стан во неа, освен ако веќе не сте знаеле.

Ѕирнете повеќе слики и прочитајте го оригиналниот текст на Сара Ласков за порталот „Атлас Обскура”.

Leave a comment