Историчар-аматер открил одамна изгубен расказ од Брам Стокер, објавен само седум години пред неговиот легендарен готски роман „Дракула“. Како што извести „Би-Би-Си“, Брајан Клири налетал на 134-годишната сенишна приказна додека ја прелистувал архивата на Националната библиотека на Ирска. Биографот на Стокер, Пол Мареј, вели дека приказната ни дава еден добар увид во неговиот развој како автор и била значајна „станица на неговиот пат до објавување на „Дракула““.

(извор на сликата: Ellius Grace/The New York Times)
Расказот „Гибет Хил“ првично бил објавен во весник во Даблин во 1890 година, кога Ирецот почнал да работи на „Дракула“, но оттогаш му се изгубила секаква трага. Приказната за духови ја раскажува приказната за еден морнар убиен од тројца криминалци чии тела биле нанижани на висечка бесилка како предупредување за патниците кои минуваат. Дејството е сместено во Гибет Хил во Сари, локација која се спомнува и во романот на Чарлс Дикенс од 1839 година, „Николас Никлби“.
Во приказната на Стокер, еден млад човек оди на прошетка и наидува на три морничави деца: момче „со коса од предено злато“ и еден куп дождовни црви сокриени во неговата облека, и две убави, темнокоси индиски девојки. Децата меѓу останатото изведуваат и чуден ритуал со музика и змија, го врзуваат човекот и му се закануваат со остра кама. Иако се онесвестува и не е сигурен што ќе се случи следно, кога ќе се разбуди сфаќа дека децата ги нема, а вознемирувачкото искуство има реперкусии кои не се добри за неговата иднина.
Новооткриениот расказ и целокупната збирка во која ќе биде вклучен расказот, ќе бидат промовирани за време на годишниот фестивал „Брам Стокер“ во Даблин кој годинава се одржува во периодот од 25 до 28 октомври, а во рамките на фестивалот ќе биде организирано и јавно читање на расказот. Клири вели дека се надева оти збирката ќе го привлече вниманието кон целокупното творештво на Стокер: покрај „Дракула“, Стокер напишал повеќе од десетина други романи и неколку збирки раскази и многу години работел како менаџер на театарот „Лицеум“ во Лондон.
Г-дин Клири e клинички фармацевт кој дошол до откритието откако бил принуден да го стави работното место во мирување и во тој период го минувал времето во Националната библиотека во родниот Даблин на Стокер. Во октомври 2023 година, обожавателот на Стокер наишол на непознат наслов во божиќниот додаток од 1890 година на даблинското издание на весникот „Дејли Експрес“. „Њујорк Тајмс“ во својата објава извести и дека Клири најпрво забележал референца за „Гибет Хил“ во промотивната реклама во новогодишното издание на „Дејли Експрес“ од 1891 година, а дури потоа го пронашол специјалниот додаток во кој се појавила приказната – две недели порано, на 17 декември 1890 година.

(извор на сликата: Ellius Grace/The New York Times)
Брајан Клири за новинската агенција АФП изјавил: „Ги прочитав зборовите „Гибет Хил“ и знаев дека тоа не е приказна на Брам Стокер за која некогаш сум слушнал во некоја од биографиите или библиографиите. И јас бев едноставно вчудовиден и запрепастен. Седев гледајќи во екранот и се прашував, дали сум единствениот жив човек што го прочитал ова?“ Запрашан за моментот кога го открил расказот: „Боже, што да правам сега со ова?“
Директорката на библиотеката Одри Вити рекла дека г-дин Клири ѝ се јавил и ѝ рекол: „Најдов нешто необично во архивата на вашите весници – нема да ви се верува што најдов“. Таа додала дека неговата „неверојатна аматерска детективска работа“ е доказ за архивите на библиотеката и дека во нив има „навистина светски важни откритија што чекаат да бидат откриени.“
По неговото првично истражување, г-дин Клири го контактирал биографот Пол Мареј – кој потврдил дека немало трага од приказната повеќе од еден век. Тој рекол дека во 1890 година Стокер бил млад писател и ги направил своите први белешки за „Дракула“. „Тоа е класична приказна на Стокер, борбата помеѓу доброто и злото, зло што се појавува на егзотични и необјаснети начини“, додаде тој.

(Брам Стокер, извор: Getty Imаges)
Расказот „Гибет Хил“ е издаден од „Фондација Ротонда“ заедно со уметничките дела на ирскиот уметник Пол Мекинли – фондација која собира средства за болницата Ротонда во Даблин за која работел г-дин Клири, пронаочот на расказот. Сите приходи ќе бидат наменети за новоформираниот фонд „Шарлот Стокер“ – именуван по мајката на Брам Стокер.
Мајката на Стокер, Шарлот, била општествена реформаторка и борец за правата на глувите. Во 1863 година, таа била првата жена која го презентирала трудот „За потребата од државна одредба за образование на глуви и неми од Ирска“ пред Друштвото за статистичко и социјално истражување на Ирска, тврдејќи дека државата треба да плати за домување и образование за глувите лица. Во малиот свет на Даблин од 19 век, таа ја имала поддршката од сер Вилијам Вајлд, таткото на Оскар Вајлд, познат очен хирург и полиматик кој иницирал посебен попис на глувите во Ирска во 1851 година.
Токму и поради ова, за Клири, неговиот интерес за приказната има силна лична димензија. Во 2021 година, едно утро тој се разбудил и открил дека останал глув на едното уво. Откривањето на „Гибет Хил“ се случило откако тој добил кохлеарен имплант и започнал исцрпувачка програма за аудитивна терапија, вклучително и слушање музика во библиотеката додека го истражувал она што се надевал дека на крајот ќе биде роман со Стокер како лик. „Бев како бебе кое повторно учи да слуша“, рекол тој. Клири живее недалеку од улицата каде што е роден Стокер, „Марино Кресент“, на северната страна на Даблин, и често поминува покрај старата куќа на Стокер.
Се надеваме дека наскоро ќе имаме можност да го прочитаме расказот!
