Книга на есента: „Мостот на Клеј“ од Маркус Зусак!

Есента веќе убаво навлезе преку нашиот праг, а јас успеав да си ја пронајдам мојата книга на есента, феноменална книга што верувам дека заслужува свој посебен кус осврт. Досега книгите што ми одбележуваа одредено годишно време т.е период беа вистински книжевни класици, но овојпат се работи за поинаков тип на книга, роман што не е класик, што е релативно нов и не е толку популарен, но дефинитивно заслужува да се прочита. Се работи за романот „Мостот на Клеј“ од Маркус Зусак, во издание на издавачката куќа „Матица“. Доколку името на авторот ви звучи познато, се работи за авторот на мегапопуларниот роман „Крадачката на книги“ (што исто така е прекрасна книга и препорачувам да ја прочитате, доколку не сте го сториле тоа).

За што се работи во книгата?

Овој роман ни ја раскажува приказната за петте браќа Данбар што се препуштени сами на себе откако нивната мајка починала, а нивниот татко ги напуштил. Тие се обидуваат да се справат со трагедијата што ги погодила и да застанат на нозе, кога одеднаш, еден ден, нивниот татко се враќа и им вели дека потребна му нивната помош за да изгради мост во местото кое живее. Сите браќа веднаш го одбиваат, освен еден. Клеј решава да му помогне на татко му и да му се придружи во градењето на мостот, а во процесот се откриваат и многу тајни што сите ги чуваат во себе.

Зошто треба да ја прочитате?

Затоа што се работи за една неверојатно интересна, трогателна, емотивна приказна, и начинот на кој Зусак ја гради приказната е неверојатен. Сите ликови се одлично развиени и невозможно е да не се приврзете кон овие момчиња што се како сите тинејџери, прават будалаштини, се тепаат и закачаат меѓу себе, но сепак се момчиња што немаат никого на овој свет, освен едни со други. Она што се истакнува кај овој роман е начинот на кој приказната се расплеткува.

Нараторот во книгата е најстариот брат Данбар, Метју, кој по смртта на мајка си и заминувањето на татко му чувствува одговорност да се грижи за своите помлади браќа, иако и тој сè уште е дете. Метју ја раскажува приказната ретроактивно, односно по завршувањето на настаните и нè навраќа назад во времето. Паралелно на тоа, тој ја раскажува и приказната на неговата мајка, која била имигрантка од Русија и неговиот татко и како дошло до нивната средба, но и нивниот брак.

Како што се нижат приказните на нивните родители и на нивната младост и живот пред да се сретнат, дознаваме за семејната динамика на петте млади момчиња кои остануваат препуштени сами на себе, кои се приморани да пораснат пребрзо, без никаква насока и потпора освен меѓусебната поддршка. Тие се караат, тепаат, се сакаат и поддржуваат. И секој од нив е своја посебна алка во тој семеен синџир, посебен дел од тој нивен микрокосмос.

Сепак, на одреден начин Клеј е тој што е центарот на приказната, Клеј и мостот што е решен да го изгради, Клеј кој му помага на татка си, иако тој ги напуштил кога најмногу им бил потребен. Но, која е нишката што го врзува Клеј и зошто е тој оној што треба да го стори тоа?

Приказната е многу емотивна, раскажана со еден благ и меланхоличен тон, раскажана од одредено временско растојание што дозволува одредени горчини да се заблажат и да се размислува на настаните со одредена топлина и болка што само животот знае да ги создаде истовремено. Она што најмногу ми се допадна е начинот на кој полека се редат коцките и полека сите парчиња од сложувалката доаѓаат на своето место и кога тоа ќе се случи, вие веќе сте се поврзале за судбината на браќата и не може да не останете трогнати…

Извадоци и мисли што ми оставија особен впечаток

„Најдобрите работи се случуваат во времето пред нашето раѓање.“

„Тоа што внимаваш и не влетуваш во проблеми, додека целиот систем околу тебе се распаѓа, беше гаранција дека само малку подолго ќе преживуваш, но не и дека ќе преживееш.“

„На многу начини, претпоставувам, е вистина дека дури и лошите времиња се полни со добри времиња (дури и прекрасни)…“

„Претпоставувам дека е смешно како излетуваат признанијата од луѓето: Признаваме речиси сè, и тоа речиси е сè што е важно.“

„Кога гледате како умира некој, смртта што ви се одвива пред очи не е само негова.“

Leave a comment