Kнижевни дела што се појавуваат во серијата „Момците од Медисон“!

Од својот почеток во 2007 година, телевизиската серија „Момците од Медисон“ (Mаd Men) спомна, дискутираше или алудираше на значителен дел од класичната литература, од автори како Данте до Марк Твен и Едвард Гибон. Секое спомнување или алузија на некоја книга има своја сопствена цел во рамките на заплетот на серијата, во насока на тоа да објасни некој лик, да постави сцена или да обезбеди контекст за донесените одлуки или преземените дејства. Во продолжение прочитајте кои дванаесет класични дела се споменати во првите шест и пол сезони на „Момците од Медисон“, првично пренесени на порталот „Mentаl Floss“. Во серијата се појавуваат и многу други книги што ќе ги обработиме и споделиме на блогот во некоја друга прилика.

„Рамнодушниот атлас“ од Ајн Ренд
„The Hobo Code“, сезона 1, епизода 8

„Рамнодушниот атлас“ е дело објавено во 1957 година и сместено во дистописка САД. Се работи за суштински роман кој се залага за капитализмот и капиталистичките идеали. Берт Купер, голем обожавател на Ренд и еден од шефовите на „Стерлинг-Купер“, му ја препорачува книгата на креативниот директор Дон Дрејпер. Подоцна, за време на еден состанок со клиент, се чини дека Дон е под влијание на филозофиите на книгата, велејќи: „Ако не ја цениш мојата напорна работа, тогаш ќе ти ја одземам и ќе видиме што ќе направиш тогаш“. Гледачите во Дон гледаат егоизам кој потсетува на филозофиите на Ренд низ серијата.

„Агонија и екстаза“ од Ирвинг Стоун
„Flight 1“, сезона 2, епизода 2

Биографскиот роман за животот на уметникот Микеланџело, „Агонија и екстаза“ е напишан во 1961 година и е речиси целосно изведен од кореспонденцијата на Микеланџело – вкупно 495 писма. Мајката на Пеги Олсон, секретарката на Стерлинг Купер која подоцна станува дел од неговиот тим, е побожна религиозна жена која истовремено е горда на работата на Пеги, но и загрижена што Пеги не оди во црква. Таа во епизодата спомнува дека ја читала книгата што ја позајмила од јавната библиотека: „Морам да го продолжам рокот за „Агонија и екстаза“. Предолго ја читам“. Во суштина, мајката на Пеги, можеби несвесно, ја истражува дихотомијата на религијата во насока на тоа дека може да биде корисна, но и да делува како здодевна обврска.

„Вавилон и други приказни“ од Ф. Скот Фицџералд
„Three Sundays“, сезона 2, епизода 4

„Вавилон и други приказни“ е збирка составена од десетте најпопуларните раскази на Фицџералд објавени помеѓу 1920 и 1937 година. Бети, сопругата на Дон, има еден краток флерт со Артур Кејс, еден помлад дечко што е свршен со друга жена. Тие се запознаваат кај коњичките штали каде таа понекогаш оди и ѝ препорачува да го прочита „Дијамантот со големина на Риц“, приказна за едно семејство кое, во поглед на материјалистичките работи, имале сè, но патријархот и главата на семејството никогаш не бил среќен (што потсетува на Дон). Подоцна во епизодата, ја гледаме Бети како ја чита збирката, која ја вклучува приказната што ѝ ја препорача Артур.

„Звукот и бесот“ од Вилијам Фокнер
„Jet Set“, сезона 2, епизода 11

Романот „Звукот и бесот“ на Фокнер, објавен во 1929 година, прикажува дисфункционално семејство во Мисисипи, бидејќи нивниот углед е нарушен од финансиската пропаст и преиспитувањето на нивната религија. Додека Дон е во Калифорнија на деловен пат, тој запознава една млада жена по име Џој, а по вечерата со нејзините пријатели и поминатата ноќ заедно, ја гледаме Џој како го чита романот „Звукот и бесот“ во кревет. Кога Дон прашува: „Дали е добра книгата?“, Џој одговара дека нивниот секс бил добар, но дека книгата е само океј. Подоцна, Дон запишува адреса на маргините на книгата – тој ќе ја посети Ана, оригиналната сопруга на Дон Дрејпер. Алузијата на „Звукот и бесот“ всушност е одраз на проблематичниот и нарушен семеен живот на Дон.

„Историјата на падот на Римската империја“ од Едвард Гибон
My Old Kentucky Home“, 3 сезона, епизода 3

Објавен во шест тома помеѓу 1776 и 1789 година, Гибоновата книга „Падот на Римската империја“ ја следи траекторијата на Западната цивилизација. Џин, таткото на Бети, се сели кај Дрејперови откако неговата деменција се влошува, а Сали му го чита Гибон навечер, и покрај тоа што предметниот материјал и структурата се можеби премногу напредни за едно дете. Ова е директно спротивно на детското однесување на Сали подоцна, кога таа краде пет долари од дедо Џин и лаже за тоа.

„Авантурите на Том Соер“ од Марк Твен
„Guy Walks into an Advertising Agency“, Сезона 3, епизода 6

„Авантурите на Том Соер“, објавена во 1876 година, ја раскажува приказната за Том Соер, младо момче кое расте во измислениот град Петербург, Мисисипи. Лејн Прајс, главен оперативен директор на „Стерлинг-Купер“, штотуку дојден од една лондонска фирма, му спомнува на Дон дека го читал „Том Соер“. Двајцата стојат во болничка чекална по тешката несреќа на извршниот директор кој требаше да го замени Лејн како главен оперативен директор, но сега, поради неговата повреда, не може да го стори тоа. Лејн алудира на желбата на Том да биде присутен на своето бдеење кога му кажува на Дон: „Се чувствувам како да сум отишол на мојот сопствен погреб. Не ми се допадна говорот“. Во суштина, Лејн знае дека планот на компанијата е да го пресели, иако сега ќе биде принуден да остане поради олеснителните околности – сето тоа додека знае дека неговите претпоставени посакуваат да го снема.

„Авантурите на Хаклбери Фин“ од Марк Твен
„Tomorrowland“, Сезона 4, епизода 13

„Авантурите на Хаклбери Фин“ е роман објавен во средината на 80-ти години на 19 век и е раскажан од перспективата на Хак Фин, пријател на Том Соер. Често се смета за сатира на различни гледиштва, меѓу кои и расизмот, иако е критикуван поради неговата употреба на расни стереотипи и фразеологија. Хенри Френсис, вториот сопруг на Бети по нејзиниот развод со Дон, во една сцена е прикажан како го чита романот пред да се соочи со Бети поради тоа што ја отпуштила Карла, долгогодишната црна дадилка на нејзините деца.

„Природа“ од Ралф Валдо Емерсон
„The Other Woman“, сезона 5, епизода 11

„Природа“ е есеј напишан од Емерсон во 1836 година и нашироко се смета за основа на трансцендентализмот, или идејата дека Бог или Универзумот ја објаснуваат реалноста преку природата, што значи дека реалноста може да се разбере со проучување на природата. За време на разговорот помеѓу Пеги и Тед Чау, креативен директор во ривалската фирма „Катлер, Глисон и Чау“ и кој се обидува да ја убеди да премине во нивната фирма, тој ѝ го цитира Емерсон: „Треба да бидеш проѕирно очно јаболко. Тој сакал да каже дека треба да го впиеш светот и да му дозволиш да мине низ тебе. Уморен сум од луѓе што го третираат ова како математика“. Ова е точен приказ на пристапот на Тед кон рекламната професија; низ текот на серијата гледаме како тој прегорува во деловниот свет и му недостасува да биде едноставно креативец, а тоа го доведува до скоро целосен нервен слом.

„Пеколот“ од Данте Алигиери
„The Doorway“, сезона 6, епизоди 1 и 2

„Пеколот“ го следи патувањето на Данте низ пеколот воден од поетот Вергилиј. Го гледаме Дон како го чита „Пеколот“ додека е на плажа на Хаваи со неговата втора сопруга Меган; а воведните редови се дел од нарацијата: „На средината на нашето животно патување, залутав од правиот пат и се разбудив сам во темна шума“. Книгата е подарок од неговата сосетка, со која е во врска. Иако еднаш ѝ рекол дека сака да ја прекине врската, тој продолжил да се гледа со неа, докажувајќи дека често не може да се врати кон светлината откако ќе залута по темна патека.

„Франкенштајн“ од Мери Волстонкрафт Шели
„Field Trip“, Сезона 7, епизода 3

Првпат објавено во 1818 година, делото „Франкенштајн“ ја раскажува приказната за научникот Виктор Франкенштајн, кој создава „монструозно“ но сепак чувствително суштество за време на еден експеримент. Кога Бети оди како придружничка на излет со нејзиниот син Боби, додека се возат во автобусот, тие разговараат за неговите омилени чудовишта. Тој вели: „Во основа ги сакам Франкенштајн, Дракула, Човекот-волк, мумијата и суштеството од „Црната лагуна“. Го сакам и Кинг Конг, но тој всушност не е чудовиште. Ми се допаѓаат сите, но претпоставувам дека Човекот-волк ми е омилен затоа што се менува“. На некој начин, оваа дискусија за трансформацијата на чудовишта ги навестува екстремните промени во расположението на Бети во однос на нејзините деца. Како за пример, подоцна во епизодата, по еден забавен ден истражувајќи го животот на фармата како дел од екскурзијата, Бети станува ирационално лута на Боби бидејќи го дал неговиот спакуван ручек и тоа им го уништува целиот ден.

„Од Земјата до Месечината“ од Жил Верн
„The Monolith“, Сезона 7, епизода 4

„Од Земјата до Месечината“, објавен во 1865 година, следи неколку обиди на ентузијасти за оружје да изградат топ кој може да лансира тројца мажи во вселената, со крајна цел слетување на Месечината. Кога Роџер Стерлинг, еден од шефовите на „Стерлинг-Купер“, се обидува да ја убеди својата ќерка Маргарет да излезе од хипи-комуната и да се врати дома кај нејзиниот сопруг и син, тие разговараат за книгата додека лежат во штала со другите членови на комуната гледајќи кон Месечината. Маргарет вели: „Би сакала да одам на Месечината. Не сакаш да одиш?“ Роџер одговара дека сака и дека сакал да биде астронаут како момче, а Маргарет истакнува дека астронаутите не постоеле кога тој бил дете. Тој не се согласува со неа, наведувајќи го романот „Од Земјата до Месечината“ како пример, а Маргарет се присетува на тоа како ѝ го читал романот како дете. Овој разговор укажува дека Маргарет чувствува слобода да ги претвори своите соништа во реалност, додека пак кога Роџер растел не му биле овозможени истите можности.

„Медитации во итен случај“ од Френк О’Хара
„For Those Who Think Young“, сезона 2, епизода 1
„Медитации во итен случај“ е збирка поезија објавена во 1957 година. Дон ја зема книгата откако видел човек како ја чита во бар. Откако ќе ја прочита, Дон ѝ испраќа примерок на Ана Дрејпер, верувајќи дека таа ќе ужива во неа, но и во обид да ги сподели своите ранливости со неа, бидејќи во тоа време таа беше другата личност што ја знаеше неговата тајна. Во еден момент од серијата, Дон рецитира извадок од поемата „Мајаковски“, помагајќи им на гледачите да ги разберат внатрешните емоционални борби со кои се соочува, но не може да се спротивстави или да го помине минатото:

Сега тивко чекам
катастрофата на мојата личност
повторно да делува убаво,
и интересно, и модерно.

Земјата е сива и
кафеава и бела во дрвјата,
снегови и небо од смеа
секогаш се намалува, помалку смешно
не само потемно, не само сиво.

Можеби е најстудениот ден од
годината, што мисли тој за
тоа? Мислам, што да мислам јас? И ако мислам,
можеби повторно сум јас.

Извор.

Leave a comment