Љубителите на книжевноста најверојатно го знаат Курт Вонегат по романот „Кланица пет“. Книгата против војната најпрво одекна кај читателите за време на ерата на Виетнамската војна, а подоцна стана главен елемент во наставните програми за средно училиште ширум светот. Кога Вонегат почина во 2007 година на 84-годишна возраст, тој беше широко признат како еден од најголемите американски романсиери на сите времиња. Но, дали знаете дека тој беше и успешен дизајнер на друштвена игра?

Во 1956 година, по млакиот прием на неговиот прв роман, „„Свирачко пијано“, Вонегат бил еден од шеснаесетте милиони други ветерани од Втората светска војна кои се мачеле да врзат крај со крај. Неговото решение за правење пари во тоа време било да измисли друштвена игра наречена „ГШ“ (GHQ) [што е кратеница од „Генерален штаб“ или „Generаl Heаdquаrters“, м.з], која го користи неговото разбирање за модерното комбинирано војување со оружје и тоа го претворил во едноставна игра што се игра на табла од осум на осум. Според дизајнерот на игри и член на факултетот во Универзитетот во Њујорк, Џеф Енгелштајн, кој неодамна ги пронашол тие писма во архивите на Универзитетот во Индијана, Вонегат цела година немилосрдно им ја нудел играта на издавачите. Но, вистинското богатство е оригиналниот сет правила напишани на машина за пишување, комплетирани со сопствените белешки на Вонегат на маргините.
Енгелштајн во разговор со е-порталот „Полигон“ споделил дека со дозвола на имотот „Вонегат“, само малку ги преработил оригиналните правила, ги пополнил празнините при крајот на играта и изработил пристојна уметност и графички дизајн. Крајниот производ со наслов „ГШ на Курт Вонегат: Изгубената друштвена игра“, сега може да се купи во книжарниците „Barnes & Noble“ во САД или преку интернет, речиси седумдесет години по нејзиното издавање.
Во едно неодамнешно интервју за „Полигон“, Енгелштајн е сè уште вчудоневиден што успеал да ја пронајде играта преку неговото истражување. Но, она што е навистина фасцинантно за него е колку играта „ГШ“ е навистина дијаметрално спротивна на подоцнежното творештво на Вонегат.
„Романот „Сирените на Титан“ е напишан во исто време кога тој работел на оваа игра“, изјавил Енгелштајн за „Полигон“. „Во „Сирените на Титан“, постои армија на Марс што е всушност шега. Никој во армијата, дури ни офицерите, не се навистина одговорни за тоа што се случува. Сите тие се умствено контролирани. Никој нема вистинска слободна волја. Тие се само поставени како пиони што треба да се жртвуваат, за да се обедини Земјата, во стилот на Watchmen“.
Додека „Сирените на Титан“ претставува длабоко циничен поглед на војната, „ГШ“ е длабоко нециничен поглед. Всушност, неговите сопствени писма покажуваат дека Вонегат мислел дека „ГШ“ ќе биде одлична помош за обука за идните воени лидери, вклучително и кадетите од воената академија „Вест Поинт“. Како модерната публика може да го поврзе тоа си зборовите од истиот човек кој ја напиша „Мачешка лулка“?
„Нема дефинитивни одговори [на тие прашања]“, рече Енгелштајн. „Тој не пишувал за тоа. Никој не го прашал за тоа додека бил жив, па никогаш нема да дознаеме“.
За љубителите на друштвените игри, прашањата одат во малку поинаква насока: што ако напорите на Вонегат да ја објави играта биле успешни?
Енгелштајн образложува дека ако Вонегат ја продал играта во 1956 г., тогаш би биле потребни барем неколку години за играта да биде произведена и конечно објавена. Тој период од 1958 до 1959 година би го ставил „ГШ“ во посебно друштво, бидејќи во 1958 година била објавена „Taктики 2“, игра што подоцна ќе биде инспирирација за серијата „Лидер на водот“, како и за тактички воени игри со мапи и токени и, на крајот, жанровите на видео игри како стратегиите засновани на пресврти во реално време. Само една година подоцна биле објавени „Ризик“ и „Дипломатија“ претходниците на модерниот жанр 4X и, самите по себе се две успешни франшизи кои се популарни до ден-денес.
„Три игри кои имаа огромно влијание, сите поврзани со војната, се појавија во тој период од една-две години“, вели Енгелштајн. „Значи што ако „ГШ“ исто така излегла во тој временски период? Очигледно имало нешто во воздухот во тој момент.“
Се разбира, никогаш нема да знаеме како би се одвивало сето тоа, но барем „ГШ“ конечно е достапен за јавноста. Тоа е одлична вест за еден од нејзините оригинални играчи, синот на Курт Вонегат, Марк Вонегат, кој сега има 77 години. Енгелштајн рече дека неговиот придонес бил непроценлив во оживување на играта.
„Успехот на „Кланица пет“ и другите романи е доволно убав“, неодамна му напишал синот на Вонегат на Енгелштајн преку е-пошта, „но јас навистина верувам дека тој некако гледа од некаде и дека успехот на „ГШ“ за него ќе претставува големо и чисто неизвалкано задоволство. […] Тој беше обесхрабрен околу неговото пишување во тоа време, но имаше непоколеблива верба дека „ГШ“ ќе успее“.
