Што читаше Кафе и книги во октомври?

Дојде нов месец, а тоа значи и нови книги за читање. Јас веќе си ги одбрав книгите што ќе ги читам во ноември, а доколку вие сте во потрага по инспирација за читање, можеби токму од денешните предлози ќе се инспирирате и ќе си го пронајдете следното четиво. Во продолжение прочитајте што читаше Кафе и книги во октомври. Изборот на книги за минатиот месец месец беше помеланхоличен, но изобилуваше со одлични приказни и книги што ме поттикнаа на интроспекција и интересни дискусии.

Големите исчекувања“ – Чарлс Дикенс

Издавачка куќа: МАГОР
Оцена: 5/5
Осврт
: Чарлс Дикенс со причина е еден од најпознатите писатели на сите времиња. Неговите приказни се трогателни, даваат поглед на различните слоеви во англиското општество и секогаш имаат многу интересни ликови. „Големите исчекувања“ е уште еден таков роман, фантастично напишана приказна, која ќе ве насмее, натажи, ќе ве замисли и многу често ќе ве изненадува. Ова е и една од причините зошто толку ја сакам англиската книжевност.

Овој роман е фокусиран на сирачето Пип, кое живее со својата сурова сестра и нејзиниот мирен и чесен сопруг, Џои. Џои е единствениот во таа куќа што му дава љубов и внимание. По неколку случки што го одбележуваат неговото детство, особено познанството со чудната богата старица и нејзината поќерка Естел, Пип одеднаш добива една чудна и по малку мистериозна вест: Некој непознат доброчинител е решен да му обезбеди најдобар можен живот за да стане господин, но тој не смее да се распрашува и да дознае која е таа мистериозна личност. Тој преку еден адвокат ќе ги добива сите инструкции и средства.

Пип е шокиран, но има свои претпоставки кој и зошто стои зад тоа и решава да ги искористи сите можности што му ги пружа животот. Прекрасна книга, прекрасни ликови, едноставно целото темпо на развивање на приказната е извонредно. Книгата е и многу поучна, тера на размислување и има фантастичен расплет.

Игра во р’жта“ – Џ. Д. Селинџер

Издавачка куќа: Penguin Books (на македонски ја има во издание на „Феникс“)
Оцена: 5/5
Осврт
: „Игра во ‘ржта“ (некаде се преведува и како „Ловец во ‘ржта“) е еден од најпознатите романи на 20 век, вистински американски класик што се појавува речиси на сите листи со препораки за читање, а на многу места е и дел од задолжителната наставна програма. Истовремено се работи и за контроверзна книга која во времето на издавање кренала многу прашина. Оваа книга првпат ја прочитав пред околу 15 години, па решив да ѝ се навратам и да видам како ќе ја доживеам на овие години.

И повторно ме воодушеви меланхолијата, интроспективноста и начинот на кој Селинџер ја гради атмосферата, особено преку мирната, до некаде и рамнодушна нарација на Холден Колфилд и како ја гледаме околината преку очите на еден млад човек од кого многу се очекува, но кој се труди да го пронајде своето место под сонцето, кој се чувствува отфрлен и како да не припаѓа никаде, млад човек што се труди да ја открие смислата на животот, иако има чувство дека тоа е недостижно. Одлична книга. Ја обожавам меланхолијата и уживав во некои од размислувањата. Доколку ви е потребна дополнителна инспирација, прочитајте го текстот објавен на блогот во кој се поставува дилемата околу тоа што би било кога Холден Колфилд би живеел денес.

Едно лето со Бодлер“ – Антоан Компањон

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Оваа книга е одлична и ќе им се допадне на сите што сакаат биографии, но и на они што го сакаат Бодлер или пак сакаат да дознаат нешто повеќе за овој необичен, интересен и, за негово време, контроверзен поет, најпознат по неговата поетска збирка „Цвеќиња на злото“. Доколку ве интересира и нешто плус за Бодлер, можете да ги ѕирнете и овие два текста објавени на блогот:
1. Шарл Бодлер – Порокот како начин на живот…
2. Бодлер: Меланхоличниот поет на градот…

Книгата е релативно кратка и е поделена во 33 куси поглавја во кои преку анализа на неговите записи, стихови и мисли се дава еден опсег и слика на Бодлер – човекот, поетот, боемот – човекот што одбележа една ера во француската поезија и кој денес е симбол и легенда во француската книжевност и култура. Иако мала по обем, во оваа книга има интересни преписки на Бодлер и научив неколку нови податоци што претходно не ги знаев, особено за неговото познанство со Виктор Иго, но и неговите конфликти ставови за него.

Див живот“ – Нина Бурауи

Издавачка куќа: АРС ЛАМИНА
Оцена: 4/5
Осврт:
Доколку сакате интроспективни романи, во кои гледаме директно како се чувствува главниот лик, кој истовремено е и наратор, ќе ви се допадне оваа книга. Дејството е сместено во Алжир кон крајот на 70-ти години на 20 век.

Младата Алија е нараторка на овој краток роман, таа низ нарацијата се движи низ различни периоди и сегашноста, а централно место зазема нејзината тага и шок откако нејзиниот другар Сами исчезнал претходната година. Таа се навраќа на нивното заедничко детство, на главните моменти од нивното растење, но и на болката по неговото исчезнување.

Ова е роман со силен меланхоличен тон, кој има нишка на каење по загубата на драга и блиска личност, на тоа како една млада личност навигира низ спомените, болката, загубите, додека истовремено расте и полека се приближува кон светот на возрасните, кој не ѝ е секогаш јасен и едноставен. Невиноста на деството полека исчезнува, како што исчезнал и Сами, а таа треба да открие што значи да се расте во овој нов и необичен свет.

Утро и вечер“ – Јун Фосе

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Јун Фосе е минатогодишниот добитник на Нобеловата награда за книжевност и бидејќи не бев многу запознаена со неговото творештво, решив да ја прочитам оваа кратка новела, кој делува како да е напишана во еден здив, но и се чита во еден здив. Сепак, иако се чита брзо, ова не значи дека темата е лесна, напротив, опфаќа размисли за смртноста, животот, умирањето и доколку сте меланхоличари, верувам дека многу ќе ви се допадне.

Ова куса книга го опфаќа денот на раѓањето и денот на смртта на еден човек и со тоа ги поставува овие два контрастни моменти еден наспроти друг. Денот кога доаѓаме на овој свет и денот кога си заминуваме. Што се случува кога го напуштаме овој свет, дали сме свесни и што е она што се случува во оној свет зад животот? Ова се прашања што суптилно и не толку суптилно ги поставува Фосе, а нам ни останува да размислиме за нив и секако да донесеме сопствен заклучок, теза, размислување или идеја… Интересна книга и во иднина би сакала да прочитам уште книги и драми од овој писател.

Leave a comment