In Memoriam: Оливера Николова (1936 – 2024)

Македонија денес изгуби вистинска книжевна легенда. Оливера Николова, една од највлијателните и најпочитуваните македонски писателки, нè напушти на 88-годишна возраст. Оливера Николова е писателката што го одбележа нашето детство и младост со легендарните книги „Зоки-Поки“, „Чук, чук, Стојанче“ и „Девојките на Марко“.

Родена на 11 март 1936 година во Скопје, Оливера Николова завршила Филозофски факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Целиот свој работен век го посвети на Македонската радио-телевизија како уредник и драматург, каде нејзиниот уникатен талент остави траен белег. Членка на Друштвото на писателите на Македонија од 1963 година, таа несомнено остави неверојатен уникатен печат врз македонската книжевност.

Во текот на својата кариера, Николова освои многу награди, меѓу кои и наградата на РТВ Скопје и СВП за „Земја во која никогаш не се стигнува“ (1966), како и за „Пријателите Бон и Бона“ (1975) и „Мојот звук“ (1977), која дополнително ја доби и наградата „Младо покољење“ (1978). Нејзиното дело беше признаено и на меѓународно ниво со „Змаевата награда“ во 1983 година за исклучителни достигнувања во литературата за деца.

Во 2013 година, Николова го одбележа својот јубилеј – 50 години литературно творештво, при што издавачката куќа „Детска радост“ објави избор од нејзините дела во три тома.

За својот богат придонес во македонската книжевност, Николова ги доби и наградите „Стале Попов“, „Рациново признание“, како и „Роман на годината“ од „Утрински весник“. Во 2016 година ја доби и наградата „Стале Попов“ за романот „Кадифената покривка“, а нејзиниот роман „Куќичка“ беше издаден на српски јазик.

Годинава, Николова беше наградена со Орден за заслуги за Македонија, а во последниге години се закити и со наградата Роман на годината за 2019 година за романот “Песот со тажен поглед”.

Нека почива во мир, а нејзиното книжевно наследство е несомнено цврсто испреплетено со целокупното македонско културно наследство што вечно ќе живее!

Leave a comment