Вечерта на 4 ноември 2024 година, нè напушти една од најпрепознатливите писателки во современата македонска книжевност – Оливера Николова. Од сите страни вчера луѓето се простуваа и збогуваа со неа, познаници, пријатели, но и верните читатели. Нејзиното книжевно наследство е огромно и ќе остане како нераздвоив дел од македонската култура. Нејзините книги ќе продолжат да се читаат, нејзините мисли ќе продолжат да се споделувааат и уште многу деца и млади ќе пораснат со нејзините книги.

Вчера многу се пишуваше за нејзиниот живот и творештво, а најдобриот начин да се слави животот на еден писател е тоа да се споделуваат неговите дела и мисли. Вчера размислував за тоа колку ја сакав „Зоки Поки“ кога бев мала и колку книгите што ги читаме како деца нè обликуваат како личност. Омилен расказ од „Зоки Поки“ ми беше оној кога Зоки ѝ го купи сиот свет на Лидија и тоа за два денари… Сиот шарен свет со толку многу бои. Па тоа некако ме инспирираше да го пронајдам тој извадок и да го споделам со вас во чест на Оливера Николова и најпознатото книжевно момче од македонската книжевна сцена.
Да се потсетиме како Зоки ѝ го купи сиот свет на Лидија и да се потсетиме дека светот може да има многу бои и дека магијата е насекаде околу нас и дека со чист и искрена мисла може да се добие сиот свет!
СО ШТО МОЖЕ ДА СЕ КУПИ СИОТ СВЕТ
Во едната рака Зоки стега два денари, а со другата ја држи Лидија.
– Што сакаш да ти купам, Лиде. Имам многу пари, вели тој. Сè би направил за својата пријателка.
– Сакам панделка, вели Лидија, и црвена, и бела, и жолта, и зелена, и сина, и…
– Нема таква панделка, вели Зоки.
– Има.
– Нема. Јас знам повеќе од тебе.
– Ти ништо не знаеш, вели Лидија, а и не сакаш да ми купиш.
– Посакај друго, вели Зоки, веднаш ќе ти купам!
– Сакам гума. И црвена и жолта и бела и зелена.
– Ех, ех, нема ни таква гума.
– Има.
– Нема. Посакај друго!
– Сакам јајце зелено, и црвено…
– Пак и зелено и црвено и сино? Нема! Друго, друго!
Лидија веќе се лути, но пак вели:
– Сакам зелено, сино, бело, жолто… Тоа сакам.
– Тоа не може да се купи, вели Зоки. Што сакаш ти поправо?
– Сакам сè, вели Лидија. Сè, сè зелено, сино, бело, жолто… И веќе сака да плаче.
– Како сè, сè? Сè што лета, сè што оди, сè што има? Сиот свет?
– Да, вели Лидија, сиот свет зелен, црвен, жолт, син…
Зоки најпосле се досетува.
Одат во еден колонијален дуќан. Зоки ги подава двата денари и вели:
– Чичко, сакам да го купам сиот свет. За Лидија.
– Како? – прашува продавачот.
– Сиот свет жолт, син, зелен, црвен… вели Лидија.
– Ќе плаче ако не ѝ купам, објаснува Зоки.
– Добро, вели продавачот и им завиткува нешто во една хартија. Еве!
Децата излегуваат надвор.
Во хартијата има две шарени бонбони. Лидија ни најмалку не е изненадена. Веднаш го грабнува едното бонбонче и го става в уста. Другото го зема Зоки.
Децата сега шлапкаат со устите, лижејќи ги бонбончињата. Најпосле Лидија вели:
– Леле, Зоки, ама е сладок сиот свет! Да го изгризам ли?
* Извадок од „Зоки Поки“ на Оливера Николова, Скопје: Просветно дело, Редакција „Детска радост“
