На 13 ноември 1850 година се родил познатиот писател Роберт Луис Стивенсон, автор на многу одлични дела како „Островот со скриеното богатство“ и „Киднапиран“, а најпознат е по неговото дело „Доктор Џекил и господин Хајд“. Есента 1885 година на еден свој пријател му напишал дека подготвува една вистински страшна приказна.
За оние што го немаат прочитано делото, се работи за многу интересна приказна и го анализира феноменот на поделена личност, добриот д-р Џекил и ужасниот господин Хајд. Книгата се запознава со фундаменталните вистини за човечката природа и има влијание на пошироката светска култура, книжевност и уметност. Во чест на годишнината од раѓањето на Стивенсон, во продолжение прочитајте интересни факти за ова дело, што првично беа пренесени од порталот „Ментал флос“.
Приказната за доктор Џекил и господин Хајд му дошла на Роберт Луис Стивенсон во сон и можеби била создадена под влијание на кабинет од неговото детство
Стивенсон долго време бил фасциниран со феноменот на поделени личности, но не можел да го пронајде вистинскиот пристап и начин како да пишува за нив. Потоа, една ноќ, тој сонил сон за д-р Џекил и г-дин Хајд. „Во ситните часови на едно утро ме разбуди врескањето на Луис“, рекла неговата сопруга Фани. „Мислејќи дека има кошмар, го разбудив. Тој налутено рече: „Зошто ме разбуди? Сонував една баш фина страшна приказна.“
Стивенсон подоцна го елаборирал сонот во есејот наречен „Поглавје за соништата“: „Два дена се обидував да смислам каков било заплет“, напишал тој, „и втората ноќ ја сонував сцената со прозорецот, а потоа сцената поделена на два дела, во која Хајд, гонет за некое кривично дело, го зема прашокот и претрпува промена во присуство на неговите гонители. Сето останато беше создадено во будна состојба и сосем свесно“.
Многу историчари шпекулираат дека двојството на д-р Џекил и г-дин Хајд е инспирирано од дизајнерот на кабинети од Единбург од 18 век по име Дикон Броди, угледен градски советник и исклучително успешен занаетчија. Работата на Броди му овозможила пристап до клучевите на богатите и славните, кои ги копирал за да ги ограби ноќе. По низа грабежи, на крајот бил фатен и обесен (според легендата, на бесилка која тој помогнал да се дизајнира). На блогот веќе делумно пишувавме за оваа инспирација.
Приказната на Броди ги фасцинирала луѓето од Единбург, вклучувајќи го и Стивенсон – иако крадецот умрел повеќе од 60 години пред тој да се роди. Идниот писател израснал со кабинетот на Броди во неговата соба, а во 1880 година ја напишал драмата наречена „Ѓаконот Броди или Двојниот живот“. Но, кабинетот, и човекот што го создал, можеби влијаеле и на создавањето на Џекил и Хајд: во 1887 година, Стивенсон во едно интервју рекол дека сонот што ја инспирирал неговата приказна вклучувал човек што „проголтал дрога, бил притиснат во кабинетот и се променил во друго битие“.
Романот е напишан за само неколку дена
Стивенсон бил инвалид и болен од туберкулоза кога ја напишал познатата приказна. Пред да почне да пишува доживеал белодробно крварење и добил наредба од лекарот да се одмори и да избегнува стрес и возбуда. Сепак, тоа не го спречило да го изработи првиот нацрт на новелата од 30.000 зборови во период помеѓу три и шест дена, а потоа вториот, препишан ракопис за уште скудни три дена.
Стивенсон можеби бил под дејство на кокаин кога го напишал
Во книгата, д-р Џекил зема лек од хемичар кој го претвора во друга личност. Му се допаѓа сè додека не почне да губи контрола над дрогата. Стивенсон можеби црпел од лично искуство. Некои извори тврдат дека му бил препишан медицински кокаин за лекување на неговото крварење (кон крајот на 80-ти години на 19 век било откриено дека кокаинот ги затегнува крвните садови) и дека инспирираниот сон за приказната се случил за време на сон поттикнат од кокаин. Стивенсон подоцна се исповедал дека го сака кокаинот, а неговиот див тек на пишување е конзистентен со некој што користи кокаин. Но, тоа е исто така во согласност со човек соочен со финансиски проблеми (како што бил Стивенсон) и неговата сопствена смртност, зафатен од инспирација и одлична идеја.
Има неколку верзии и гласини околу тоа како бил уништен првиот ракопис на книгата
Според една верзија на настаните, откако го прочитала ракописот, Фани меѓу другото го критикувала и неуспешното претставување на моралната алегорија на приказната. Фани подоцна раскажала дека набрзо потоа го нашла нејзиниот сопруг како седи во кревет со термометар во устата. Тој покажал кон куп пепел во каминот, откривајќи дека го запалил ракописот. „За малку ќе се онесвестев од беда и ужас кога видов дека сè исчезнало“, напишала таа.

(сопругата на Стивенсон, Фани Стивенсон/извор: Heritage Images/Getty Images)
Всушност, постојат неколку теории за тоа како првиот нацрт-ракопис изгорел. Во 2000 година, едно писмо пронајдено на поткровје открило повеќе од размислувањата на Фани за книгата и нејзината мистериозна улога во палењето на ракописот. „Тој напиша речиси целосна бесмислица“, му напишала таа на пријателот и поет В.Е. Хенли. „За среќа, тој сега сосема заборави на тоа, и ќе го запалам откако ќе ви го покажам. Тој рече дека тоа е неговото најголемо дело“. Писмото е во спротивност со претходното раскажување на Фани, како и со изјавата на нејзиниот син дека Стивенсон го запалил ракописот откако тој и Фани се скарале. Во секој случај, Стивенсон во текот на шест недели ја ревидирал книгата пред да биде подготвена за објавување.
Романот веднаш постигнал успех
40.000 примероци од романот се продале за шест месеци, а набрзо потоа имало повеќе од 250.000 пиратирани примероци во Северна Америка. Луѓето многу се фокусирале на моралната порака на приказната. Тие пишувале за неа во верски весници, а проповедниците држеле проповеди во црквите. Во рок од една година, имало и претстава заснована на книгата, а наскоро се создале театарски продукции и во Шкотска и САД. Тоа е убедливо најуспешниот роман на Стивенсон.
Стивенсон бил исклучително категоричен дека книгата не е за сексуалноста
Често толкување околу „Доктор Џекил и господин Хајд“ е дека расипувањето и пропаста на господин Хајд доаѓа од сексуална активност во форма на сексуален напад, промискуитет или хомосексуалност. (Тоа сепак било викторијанската ера.) Во приватно писмо до „Њујорк Сан“, Стивенсон напишал дека господин Хајд не бил „само обичен хедонист. Нема никаква штета од хедонизмот и нема апсолутно никаква штета од она што пуритантските будали го нарекуваат „неморал“.
Актерот кој ја толкувал главната двојна улога во театарската претстава бил обвинет за убиство
Во 1888 година, претставата за доктор Џекил и господин Хајд во која Ричард Менсфилд ја играл улогата на и Џекил и Хајд, премиерно била претставена пред пошироката јавност. Публиката била воодушевена од изведбата на Менсфилд, сметајќи дека е „возбудлива и подеднакво застрашувачка “.
Потоа, два дена по премиерата на претставата, Џек Мевосек го започнал својот злогласен терор во Лондон. Не поминало долго време пред луѓето да почнат да ги поврзуваат злосторствата со претставата, а некои сугерирале и дека умот на серискиот убиец бил отруен од претставата. Други, пак, мислеле дека самиот Менсфилд е убиецот – а писмата до весниците сугерирале дека Менсфилд е премногу добар во глумењето убиец за да не биде Џек Мевосек.
Специјалниот филмски ефект користен во филмот бил тајна со децении
До 1931 година, веќе имало 24 филмски екранизации на романот, вклучително и филмот од 1920 година со Џон Баримор во главната улога. Но, верзијата од 1931 година ги импресионирала критичарите со сцената на трансформација, во која актерот Фредрик Марч – кој подоцна освоил Оскар за неговата изведба – се претвора во Хајд. Тајната за тоа како режисерот Рубен Мамулијан ја снимил сцената не била откриена сè до 70-ти години на 20 век: на крај се испоставило дека за сцената биле користени шминка и соодветни филтри во боја, кои биле отстранети/додадени на сцената за да се промени изгледот на Марч. Бидејќи филмот бил црно-бел, промените во бојата не биле прикажани на платното Легендарната сцена можете да ја погледнете подолу.
Влијанието врз популарната култура е насекаде
Ретко која книга извршила толкаво влијание врз популарната култура како овој роман. Покрај филмови, направени се и неколку познати анимирани екранизации, како и уметност инспирирана од делото, не само негово обмислување на големото платно. Има мјузикл од 1990 година на основа на романот, како и многу комедии, сатира и пародии. Стен Ли еднаш рекол дека „Франкенштајн“ и „Доктор Џекил и господин Хајд“ биле инспирација за „Неверојатниот Хулк“.

