Есента е во полн замав, а студените денови веќе пристигнаа. Ова е одличен период за читање книги и пиење кафе, топло чоколадо или чај. Но, секако, понекогаш е убаво да направиме промена во секојдневието, па наместо книга може да се опуштиме со добар филм. Па затоа, доколку сте во потрага по некој добар филм, денес на блогот можете да погледнете неколку предлози за гледање, филмови што верувам ќе им се допаднат на љубителите на книги.
Фаренхајт 451 (2018)

Каде може да го гледате: HBO MAX
Опис: „Фаренхајт 451“ е една од најпознатите дистописки книги, приказна за едно целосно контролирано општество во кое технологијата целосно владее, а книгите систематски се горат. Порано постоеле пожарникари за да гаснат оган, а во ова општество постојат пожарникари за да го распалуваат со цел да се уништи секоја книга што постои. Да се поседува книга е криминал од највисок степен. Монтаг е еден таков пожарникар, кој постепено започнува да се двоуми и да го „копка“ што е она што е толку забрането кај книгите.
Има делови во филмот што се прилично различни од книгата, но главниот концепт е задржан и ја следи линијата на книгата. Филмот делува многу футуристички и дефинитивно има одлични ефекти, иако според мене, одредени делови не се пренесени многу силно и ефективно, барем од емоционален аспект. Но, сепак, се работи за интересна екранизација и вреди да се погледне, ако ништо друго да се погледнат референците на еден куп неверојатни книги, меѓу кои една од највпечатливите што се појавуваат е „Записи од подземјето“ на Фјодор Достоевски.
Човекот по име Ото (2022)

Каде може да го гледате: Нетфликс
Опис: „Човекот по име Ото“ е всушност филм заснован на неверојатната книга „Човекот по име Уве“ од Фредерик Бакман што е многу сакана и меѓу македонските читатели, но истовремено е заснован и на шведската екранизација на книгата. Филмот е прилагоден за американската публика, па оттаму некои работи се малку променети со цел да бидат поблиски до американското јазично подрачје и култура, но приказната во голем дел ја следи линијата на книгата.
„Човекот по име Уве“ е неверојатна приказна, за која веќе пишував тука, а исто така неверојатно уживав во филмот кој има неверојатна топлина и шарм. Том Хенкс е брилијантен во улогата на Ото (Уве), но и останатата актерска екипа е феноменална. Филмот ја следи приказната на Ото чија сопруга починала. Луѓето од неговото соседство го сметаат за намќор кој постојано се буни за нешто, но како што се развива приказната, се запознаваме со една друга, прекрасна страна. Филм за загубата, заедницата и колку луѓето си се потребни едни на други.
Последната сесија на Фројд (2023)

Каде може да го гледате: HBO MAX
Опис: Овој филм многу ќе им се допадне на љубителите на филозофијата, но и книжевноста. Разработува многу интересни теми како религијата, атеизмот, човештвото и осаменоста. Главните ликови во филмот се познатиот психоаналитичар Фројд и познатиот британски автор К.С. Луис (автор на популарниот серијал за Нарнија). Иако овие двајца никогаш всушност не се сретнале (барем нема никаков доказ за тоа, иако, кусо пред да почине, во роковникот на Фројд бил забележан состанок со неименувано лице од Оксфорд, онаму каде што Луис предавал и учел), приказната е сместена за време на Втората светска војна, кога Фројд веќе бил пребеган во Велика Британија.
Фројд веќе е стар и болен и не му останува многу време за живот, додека К.С. Луис е млад автор во подем. Еден ден, Луис доаѓа на закажана средба со Фројд со цел да дискутираат за она за кое воопшто не се согласуваат, имено Фројд е атеист, а Луис е католик. Целото дејство се случува за време на еден ден, а се запознаваме и со ќерката на Фројд која се соочува со свои сопствени предизвици. Филмот е интензивен и на моменти малку тежок, бидејќи дијалозите и темите што се опфатени на моменти бараат повеќе концентрација, но дефинитивно вреди да се погледне и човек да замисли што би се случило кога двајца врвни интелектуалци од своето поле би ги соочиле своите аргументи и би дискутирале за различни концепти. Инаку, улогата на Фројд ја толкува маестралниот Ентони Хопкинс, чија глума никогаш не разочарува, па ете уште еден поттик да го погледнете филмот.
