На 20 ноември 1910 година починал големиот руски писател Лав Толстој, чиј живот опфатил период на огромни општествени, политички и технолошки промени, паралелни на неговиот живот со радикалната промена од хедонистички благородник во теолог, анархист и вегетаријанец-пацифист.
Сепак имало моменти кога тој минувал низ тешки моменти. „Мојот живот застана“, напишал тој во неговите мемоари „Исповед“ од 1882 година, „Не можев да дишам, да јадам, да пијам и да спијам и не можев да не ги правам овие работи“. Така го опишал неговото „животно сопирање“, период на тешка депресија што довело до многу длабока, лична вера во неговата доцна средна возраст. Големиот руски романсиер се откажал од световните желби и почнал да се идентификува со сиромашните, поранешните кметови од неговата аристократска класа.
Радикалниот религиозен анархизам на Толстој во неговите последни години ја раширил неговата слава далеку меѓу селанството, исто како што неговите книжевни достигнувања му донеле светска слава меѓу читателската публика. Толку бил познат што рускиот критичар Василиј Розанов напишал дека „да бидеш Русин и да не си го видел Толстој е како да си Швајцарец и да не си ги видел Алпите“.
Иако не доживеал да ја види Руската револуција, романсиерот бил сведок на огромните реформи на царот Александар II, вклучително и наредбата за еманципација од 1861 година што го променила општествениот карактер на земјата. При крајот на својот живот, Толстој сведочел на на новата технологија за снимање што ќе го револуционизира правецот на неговата животна работа – раскажувањето приказни.

Во неговите подоцнежни години, Толстој се појавил во новиот медиум, кој го доловил неговиот 80. роденден во 1908 година, и неговата погребна поворка две години подоцна. Тој бил предмет и на првата фотографија во боја направена во Русија (горе) исто така во 1908 година. Вилијам Никел ги опишува приликите кога Толстој се појавил на филм, новиот медиум кој им овозможил на милионите обожаватели на авторот да го видат со свои очи. Исто како што неговиот живот бил испрекинат со радикално отстапување од неговите претходни ставови, неговиот медиум (книгите и пишаниот збор) исто така доживеа шок бидејќи филмот засекогаш го промени начинот на кој се раскажуваат приказните.
Меѓутоа, во тие рани денови, тоа било многу често едноставно средство за снимање на историјата, и за тоа треба да бидеме многу среќни. Тоа значи дека и ние можеме да го видиме Толстој, кој само што наполнил 80 години. Го гледаме како енергично пила трупци и побожно им дава милостина на сиромашните. Во првичните снимки се вклучени и сопругата на Толстој, Софија, неговата ќерка Александра и помошникот и уредник Владимир Чертков. Потоа, во 1:04, сцената се префрла на смртната постела на Толстој и сцените од неговиот погреб. Останатите 11 минути ни даваат неидентификувани снимки од авторот. Видеото погледнете го подолу.
Истата таа 1908 година, Толстој направил и неколку аудио снимки од неговиот глас и тоа на фонограф што му го испратил лично Томас Едисон. Подолу можете да слушнете една од тие снимки, „Моќта на детството“, направена на 19 април 1908 година.
Ќе забележите, се разбира, дека големиот автор чита на својот мајчин јазик. Повеќето од снимките што ги направил, а кои ги наменил за воспитување на своите сонародници, се на руски јазик. На блогот веќе еднаш беше објавена една од овие снимки, имено се работи за снимка на која се слуша како Толстој чита извадоци од неговата последна книга „Мудри мисли за секој ден“ на англиски, германски, француски и руски јазик. Книгата ги собира омилените делови на Толстој од различни мислители како Лао-Цу и Ралф Валдо Емерсон, а таа снимка можете да ја прочитате на претходната објава на блогот: Ретка снимка од Лав Толстој како чита свое дело на четири јазици! Како што напишал Мајк Спрингер, „Толстој ги отфрлил своите големи фантастични дела верувајќи дека е поважно да им се даде морално и духовно водство на обичните луѓе“.
Приказната за тоа како Толстој ги направи овие снимки е многу интересна. Заинтересиран за новата технологија, Толстој го направил своето прво снимање во 1895 година, кога, според „The Moscow Times“, „претставник на Едисон дојде во Јаснаја Полјана, имотот на Толстој, за да го сними гласот на авторот. Тие снимки беа пренесени преку границата во Берлин, каде што лежеа во архива сè додека не беа вратени во Советскиот Сојуз по Втората светска војна“. Кога Стивен Бонсал, уредник на „Њујорк Тајмс“ во 1907 година, дознал за интересот на Толстој за технологијата за снимање, тој ветил дека на романсиерот ќе му испрати свој сопствен фонограф создаден од Едисон. Самиот Едисон, кога слушнал за ова, одбил да прифати каква било исплата и лично ја испратил својата машина до имотот на Толстој со изгравирана порака „Подарок за грофот Лав Толстој од Томас Алва Едисон“.
Едисон побарал од Толстој многу повеќејазични снимки, барајќи „кратки пораки“ на англиски и француски јазик, „пренесувајќи им на луѓето низ светот некои мисли кои би имале придонеле за нивниот морален и социјален напредок“. Толстој ревносно направил неколку снимки, од кои неколку потоа му биле испратени на Едисон во 1908 година. На 21 февруари истата година, „Њујорк Тајмс“ објавил статија за размената со наслов „Подарокот на Толстој за Едисон. Ќе испрати запис од неговиот глас – Едисон му даде фонограф“.
Светот со нетрпение ја очекувал пораката на светски познатиот автор до своите „цивилизирани народи“. Сепак, се чини дека пораката никогаш не стигнала. Според „Спутник њуз“, судбината на таа легендарна снимка „допрва треба да се дознае“. Како и да е, благодарение на Едисон, имаме уште неколку снимки од многу добро сочуваниот глас на Толстој, запис за живот доживеан до крај со жестоки убедувања и љубопитност.
Подолу, погледнете поцелосна снимка за смртта и погребната поворка на Толстој. Авторот починал на 82 години, на 20 ноември 1910 година, откако ненадејно решил да ја напушти сопругата, земајќи само неколку работи и неговиот лекар.
