На 25 ноември 1939 година во Самобор (во близина на Загреб), Хрватска било испечатено едно од најисклучителните и најзначајните дела во македонската книжевност – стихозбирката „Бели мугри“ на Кочо Рацин. Со цел да ја одбележиме годишнината од нејзиното издавање, денес на блогот ја читаме „Утрото над нас“, една од песните од збирката!
Утрото над нас – Кочо Рацин
Од далечнините модри се веат
на с’лнцето златните далги,
од далечнините модри се леат
на утринта росните влаги.
По долги, меки ширини рамни
магла се танка крева
и по селата мали – заспали
шумоли скришно врева.
Шумоли – в срце тага налева
за црноземните робја,
шумоли скришно за мртви поља
за села и градови – гробја.
Ех, тија долги ширини рамни!
Ех, таја мака пуста!
Мртви и темни сурови гламњи
скршена гранка маслинка!
По тија пот се човечка дими
и снага крвава цвили,
по тија радост никога нема
а с’лнце радосно има!
Но тија росни утрини пресни
копнат во гради и тлеат.
Копнат и како бура пеат
и како огин палат.

