Како изгледала првата книга за деца објавена во 1658 година?

Детските книги во модерната ера доживуваат вистински „бум“, а сè поразвиена е и детската книжевност во Македонија. Тоа покажува колку всушност се значајни детските книги за развојот и воспитувањето на децата, но и потребата од разновидност во приказните за децата. Досега на блогот веќе се пишувало за тоа дека поседувањето книги во домот е многу важно за вашето дете, а се пишувале и совети за тоа како да им помогнете на децата да стекнат навики за читање (види: Три начини како да израснете деца кои ќе се заљубат во книгите и Корисни совети за родителите: Kако да му помогнете на детето да стекне навика за читање?

Но, дали знаете која е првата официјална книга за деца? Денес на блогот имате можност да прочитате повеќе за првата книга за деца издадена во 1658 година, во текст оригинално објавен на порталот „Open Culture“ и напишан од Колин Маршал, а подолу имате и линк кој ве води и до самата книга која можете дигитано да ја разлистате.

Често слушам како нови родители се мачат околу тоа кои книги за деца да ги вметнат во својот дом и воспитувањето на своите деца. Најчесто се повторуваат исти имиња: „Добра ноќ, месечино“ од 1947 година, „Ептен гладната гасеница“ од 1969 година, „Сите какаат“ од 1977 година – и сите тие се класици. Чудно, никогаш не сум слушнал некој од нив да ја спомене најраната позната книга за деца, „Orbis Sensualium Pictus“ од 1658 година или „Светот на нештата што се очигледни за сетилата, претставени во слики“.

„Со своите 150 слики што прикажуваат секојдневни активности како подготовка на пиво, негување градини и колење животни“, пишува Чарлс Мекнамара за „Јавен домен“, „Орбис“ уште на прв поглед делува „како предок на денешната детска книжевност. Овој пристап фокусиран на визуелното во тоа време бил еден сосема нов пристап во образованието за младите. [ … ] За разлика од расправите за образование и граматички прирачници, тој е директно насочен кон младите и се обидува да им се придружи на нивното ниво“. Со други зборови, неговиот автор, училишниот реформатор роден во Чешка, Џон Комениус, го постигнува тој сè уште редок подвиг да не им се обраќа на децата „од високо“, туку директно да им се обраќа на нив – иако на латински јазик.

„Орбис“ не го има само статусот на првата детска книга, туку и на првиот мегахит во детското издаваштво, добивајќи преводи на многу јазици и станувајќи најпопуларен елементарен учебник во Европа во тоа време. Започнува со реченица која, според зборовите на Мекнамара, „би делувала чудно во денешните книги за деца: „Дојди, момче, научи да бидеш мудар“. Погоре на сликата гледаме учител и ученик како зборуваат. Учителот има бастун и носи голема капа, а ученикот го слуша во емотивна состојба некаде помеѓу стравопочит и вознемиреност. Ученикот прашува: „Што значи ова, да се биде мудар?“ Неговиот учител одговара: „Да се ​​разбере правилно, да се направи правилно и правилно да се изговори сè што е потребно“.

Ова води до нешто што личи на „рана верзија на песничката „Стариот Мекдоналд имаше фарма“, лекции за „филозофското и невидливото“, „триесет и пет поглавја за теологијата, елементите, растенијата и животните“ и на крајот, „опширна дискусија“ за религијата која завршува со „опомена воопшто да не се излегува во светот“.

На овој линк имате можност да ја ѕирнете и дигитално да ја „разлистате“ книгата, па сами заклучете дали денес припаѓа на полиците за деца.

Извор.

Leave a comment