Горан Стефановски: Книги за на пуст остров…

На 27 ноември 2018 година почина Горан Стефановски, македонскиот Шекспир. Кога Горан почина, тој остави неверојатна празнина во македонскиот интелектуален и книжевен простор. Нам ни останува само да го негуваме и чуваме неговото книжевно наследство, да го читаме, да ги поставуваме неговите драми на „штиците што живот значат“ и да се трудиме што е можно повеќе да „слушаме“ што сакаше да ни каже со тоа што го пишуваше и кажуваше.

Во чест на годишнината од неговата смрт, денес на блогот прочитајте еден кус, но многу интересен текст на Горан Стефановски, првично објавен во „Утрински весник“ во 2001 година, во кој со нас ги сподели книгите што тој би ги понел со себе на пуст остров. Воедно, во негов стил има и кус опис на четивата што ги избрал, напишани на само нему својствениот шармантен начин. Овој текст неодамна беше повторно објавен во книгата „Пофалба на обратноста и други есеи“ во издание на „ТРИ“.

Книги за на пуст остров – Горан Стефановски

Да можам да бирам, би одбрал меѓу следниве наслови:

1. Речник на македонскиот јазик. Би поминал години студирајќи зборови – јанѕа, мелем. Би се обидел да ги научам сите на памет.

2. Вкоричените први дваесет броја на музичката ревија „Џубокс“ од шеесеттите години: би ѕверел бесконечно во „Битлси“, „Стоунси“ и Дилан – хероите што ја живееја мојата младост под моја далечинска контрола.

3. Собраните пиеси на Шекспир. Би се чудел одново и одново – како е, бре, ова можно?

4. Книга на поговорки од Марко Цепенков. Таму се запишани голем број шифри на мојата потсвест.

5. Што било од Кафка. Таман за пред спиење. Таман за да не можам да заспијам.

6. Книга која воопшто не можам да ја разберам. Како, на пример, „Трактатус логико филозофикус“ на Витгенштајн.

7. Книга на митови. Прво би ја илустрирал, а потоа би ја фрлил и би се нафатил пак да ја напишам, со свои зборови.

8. Албум на фотографии од татковината. Со слики на родниот крај. И муцките на роднините, пријателите, соседите и душманите. Колку за спомен.

9. Дебела тетратка со широки линии во која би пишувал белешки за љубов и носталгија.

10. И на крај, но не и на последно место, прирачник за правење чамци (или барем сплавови).

Го препрочитувам списоков. Во вакво друштво животот на пуст остров изгледа примамливо.

Leave a comment